„Постејќи браќа, телесно, да постиме и духовно: да раскинеме секаков синџир на неправда; да скршиме секаква врска на суровите страсти; да раскинеме секаков список неправеден. На гладните леб да им дадеме, и бедните без покрив – во домовите да ги воведеме, за да примиме од Христа Бога милост голема“ (стихира на Господи повикав во Прва среда вечерна од Велики пост).  

buy shoes | Air Jordan

На ден 29.02.2012 година, Прва среда од Великиот пост, во храмот „Пресвета Богородица – Каменско“ беше отслужена света архиерејска Литургија на претходноосветени дарови. На Литургијата чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужени на архимандрит Нектариј, свештеник Никола Христоски и ѓакон Николче Ѓурѓиноски. На Литургијата присуствуваше многуброен верен народ кој пристапи кон светиот Путир, а имаше и многумина кои го држеле тридневниот пост без никаква храна и пиење – тример, а свештеникот Димче Азески им даде света богојавленска вода - агиазмо. По завршувањето на Литургијата беше извршена групна исповед на свештенството од нашата епархија и беше одржан годишниот состанок на клирот, на кој се разгледаа повеќе прашања од животот на Епархијата.

По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон присутните верници со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме:

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Нашата света Црква, како вистинска Мајка во духовна смисла, неколку недели по ред нè подготвуваше за да влеземе во овој голем пост очистени, измиени и ослободени од многуте земни страсти и да го започнеме постењето, подготвувајќи се за големиот празник - Празникот над празниците.

Светата Црква определила четириесетдневен пост, угледувајќи се и на нашиот Спасител Господ Исус Христос, Кој постел четириесет дена пред да ја започне својата Месијанска мисија во светот. Светата Црква препорачува телесен пост, кој е неопходен за секој човек, бидејќи тоа е најпроверено средство за воздржување и укротување на слабостите и страстите кај секое човечко битие. Во однос на другите, за овој пост светата Црква определува построги правила и прописи. Но, треба да знаеме дека воздржувањето од мрсна храна и жестоки пијалаци само по себе не е цел, туку е средство кон кое нашата света Црква ги повикува своите духовни чеда. Покрај телесниот пост кој е пожелен, уште поважен и попотребен е духовниот пост. Да постиме не само со храна и пиење, туку да постиме и со очи и со уши и со срце и со ум и со волја, за да можеме концентрирани да мислиме и размислуваме за посакуваната цел, а тоа е што подостоинствено, почесно, поисправно и поподготвено да Го сретнеме нашиот Спасител Господ Исус Христос и со Него да се соединиме преку светата причест и да бидеме учесници и заедничари во животот на Господа Христа.

Денеска постењето е популарно кај многу луѓе, особено кај младиот свет, но многумина од нив не се инспирирани од религиозни, верски и христијански побуди, туку од поинакви - за да бидат естетски поубави, полични и слично. Меѓутоа таквиот пост и таквото измачување на телото не дава никаква духовна полза, бидејќи целта не е единство со Христа, туку овоземната естетска убавина. Се вели дека во здраво тело има и здрав дух. Овие зборови се сретнуваат уште во старата филозофија кај грчките атлети, а се употребуваат и денеска. И ние како христијани сме должни нашето тело да го чуваме, да го топлиме, да го облекуваме, да го негуваме, за да може и во него духот да обитава, но не смееме прекумерно и целокупното наше внимание да го посветиме само на телото. Затоа е потребно во овој велигденски пост да се потрудиме  да се покажеме и докажеме со вистински, прав пост, како телесен, така и духовен, а тоа ќе го посведочиме ако направиме и некое добро дело, на што светото Евангелие, односно нашиот Господ Исус Христос, нè повикува: „Гладен бев и не Ми дадовте да јадам; жеден бев и не Ме напоивте, странец бев и не Ме прибравте, необлечен бев и не Ме облековте; болен и во затвор бев и не Ме посетивте“ (Мат. 25,42-43). А ние, оправдувајќи се дека не Го сретнавме Христа и затоа не му направивме добро, треба да го знаеме одговорот евангелски: „Доколку не сте го направиле тоа на еден од овие најмали браќа и Мене не сте Ми го направиле“ (Мат. 25, 45).

Затоа да го исползуваме овој период да правиме добри дела, а за тоа не е секогаш потребно големо богатство, ученост и способност. Доволно е да покажеме добра желба и волја кон секој страдалник, кон секој што има потреба за помош, а тоа може да се направи и со добар збор и со подадена чаша вода и со посета на болен, посета на старец и уште многу други нешта што можат да нè посведочат како вистински следбеници на нашиот Господ Исус Христос.

Да се обратиме со искрена молитва кон Мајката Божја и кон нашите свети угодници, светите Климент и Наум Охридските чудотворци, да ни ја засилат верата, да ни ја умножат љубовта, за да можеме што подостоинствено да го изодиме овој пост и очистени од секаква страст да го дочекаме и славното Христово Воскресение. Амин!

Митрополит Тимотеј

Прва среда од Великиот пост
29.02.2012 година, храм „Пресвета Богородица - Каменско“ Охрид

prvsr2012

prvsr2012 2

prvsr2012 4

prvsr2012 6

prvsr2012 8

prvsr2012 10

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1