„Благородна нива Христова си бил, Георгие, обработена со маченички подвизи и, како преславно богатство, Судијата те положи во небеските ризници, поради твоите извонредни успеси“ (песна од канонот на Утрена на св. вмч. Георгиј).
Воскреснатиот Христос и оваа година благослови и н даде можност уште еднаш да земеме учество во еден од најторжествените настани во нашата Епархија - свечената струшка литија - еордија, на која илјадници верници од сите краишта, со радост и велелепие го величаат Воскреснатиот Спасител, како и нашиот постојан застапник пред Севишниот Бог - великомаченикот и победоносец Георгиј. Според обичајот, најпрво беше отслужена празнична Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот на Имврос и тендос г. Кирил (од Вселенската патријаршија), Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Александар Димоски, свештеникот Христијан Костоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Вечерната богослужба, беше отслужен Парастос за сите порано упокоени ктитори, свештенсослужители и приложници на струшкиот храм, а на Парастосот учество зедоа и свештениците Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески. По завршувањето на Парастосот, Митрополитот Тимотеј се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа, којашто подолу во целост ви ја пренесуваме. Потоа верниот народ, предводен од архиереите, свештенството и монаштвото тргна на свечената литија низ градот Струга, носејќи ги светителските мошти и чудотворната икона. Оваа година честа да ги носат моштите ја имаа: Илија Ѓорѓиевски, Сашо ДОнев, Ристе Талевски и Гоце Симјаноски. Иконата ја носеа: Бојан Стојаноски, Владо Затаракоски, Стефан Андоновски и Арсениј Карамитре. Литијата беше збогатена и со звуците на Градскиот оркестар од Скопје, а неизбројниот верен народ се наслади и со прекрасниот настап на членовите на ансамблот „Македонија“. Во продолжение ви ја пренесуваме беседата од Митрополитот Тимотеј.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Христос Воскресна!
Еве денеска се собравме да го прославиме св. вмч. Георгиј Победоносец. Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, ја започнува Својата евангелска проповед со зборовите: покајте се, зашто се приближи Царството Небесно (Мт. 4, 17). Тоа е најверојатно и најкратката проповед што некогаш се слушнала, а, истовремено, и најзначајна. Проповедајќи му на народот за доаѓањето на Месијата, св. Јован Крстител исто така ја започнал својата проповед. Некои учители и отци на Црквата учеле дека суштината на Евангелието се содржи во овие два збора – покајте се! А што значат овие два збора? Во текстот на арамејски јазик на кој било напишано Евангелието по Матеј, овие зборови значат променете ја насоката, бидејќи сте оделе по погрешен пат во вашиот живот, сменете ја насоката и тргнете по правиот пат. Во преводот на грчки јазик значи: изменете се! Променете го на подобро вашето однесување, мислење и чувствување.
Зборот револуција во превод на наш јазик значи пресврт, побуна и револт против еден општествен, економски или културен поредок. Покајанието е побуна и револуција против сопственото однесување, владеење и начин на живот. Тоа е, всушност, најзначајна револуција и најрадикална промена во животот на луѓето, бидејќи од однесувањето на поединците во најголема мера зависи и однесувањето на целокупното човечко општество.
Спасителот, исто така, кажал: Дојдете кај Мене сите изморени и обременети, Јас ќе ве успокојам (Мт. 11, 28). Различни се бремињата што ги оптоваруваат луѓето, многубројни се, било да се лични, семејни, здравствени, економски или, пак, од општествена природа. Таквите обременувања, повеќе или помалку, ги оптоваруваат секојдневно луѓето. Но, постојат уште потешки обременувања и оптоварувања, а на кои Христос мислел, повикувајќи ги луѓето кон Себе за да им помогне. Тоа се бремиња што го притискаат човекот после кршењето и рушењето на законот што Бог го поставил во природата на луѓето и во светот. Тоа е оптоварување на совеста и чувствување вина пред Бога и луѓето. Таквото бреме тешко му паѓа на секој човек, бидејќи се чувствува дека постојано се наоѓа на обвинителна клупа, пред судот на својата совест.
Тоа е вистинска болест на душата и срцето, каде не помагаат прстите на лекарот ниту лекарствата. Како и секоја друга болест, и оваа духовна болест може да расте и да опаѓа, но таа на крај пак се појавува одново. На едно место се раскажува како еден богат Американец долго време ги носел своите престапи во себе, не чувствувајќи грижа на совеста. Научил сите работи да ги решава со пари и со пари да ги отвора сите врати во овој живот преку кои треба да помине. Меѓутоа, еден ден прозборела неговата совест. Почувствувал голем немир, го изгубил сонот и никаде не можел да се собере. Слушнал за еден голем духовник во неговата земја, му напишал писмо со молба да му помогне да му се врати изгубениот мир, и дека е подготвен да му испрати чек од еден милион долари. Но, духовникот му одговорил: за жал, нема такви пари за кои би можеле да го решите своето прашање. Има само еден и единствен лекар кој може да ви помогне. Тој е Оној Кој рекол: „дојдете сите кои сте обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Мт. 11, 28). Одговорете на овој повик на Исуса Христа – ја завршил својата порака овој духовник. Но, се поставува прашањето, како да се дојде до Исуса Христа и Неговата помош?
Спасителот рекол: Времето се исполни и Царството Божјо наближи (Мр. 1, 15). Царството Божјо е секаде каде што Бог владее како семоќен Цар. Од страна на луѓето потребно е само едно, да ги отворат своите срца и да дозволат Бог да стапи во нив на Својот престол. Претходно потребно е да се ослободиме од поранешните заблуди, престапи и лутања, да го измениме мислењето и однесувањето, да се оддалечиме од секое зло и порок. Разбојникот, кој бил распнат со Христа, крадел, убивал, присвојувал и извршувал други беззаконија. Висејќи, пак, на крстот заедно со Христа, и гледајќи Го, доживеал средба со Бога. Согледал разбојникот бездна помеѓу Бога и себе, што за време на својот живот ја направил со своите постапки. Го доживеал потребното покајание и преобразување и затоа вели: сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во Царството Свое (Лк. 23, 42). Ете таква средба со Христа му е потребна на секој човек. Неговиот повик е сигурен – дојдете кај Мене сите, Јас ќе ве успокојам. По молитвите на св. вмч. Георгиј така нека биде. Амин.
Еордија во Струга
07.05.2023 г.