„Кажи ни, Давиде, кој е овој прзник што си го опеал во древната книга Псалми? Како Дева, Божјата ќерка и слугинка, ја пресели во оние живеалишта, Христос, Кој се роди од неа бессемено! Поради тоа се радуваат мајките и ќерките, и невестите Христови, викајќи: Радувај се, Ти која се пресели во Царството небесно“ (стихира по полиелејни псалми на Утрена на Успение на Пресвета Богородица).

 

Празнувањето на светото Успение на Божјата Мајка и нашиот постојан Покров, започна на 27.08.2023 година, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, со Празнична вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарскоо-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на свештениците Димче Азески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Вечерната, беше отслужено и Оплакувањето на Мајката Божја. Торжествата продолжија на 28.08.2023 година, во истиот храм, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Илија Димитриевски и Сашо Богданоски, протоерејот Александар Михајловиќ од Српската православна црква, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски, Љупчо Бакрачески и Васил Михајлоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа, којашто подолу во целост ви ја пренесуваме. На крајот беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Немаме достојни зборови за да ѝ искажеме благодарност на Онаа која се јавува како подостојна од ангелите и почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите. На Таа која се покажала достојна да Го смести во својата утроба Несместливиот. На Таа која и во раѓањето го сочувала девството и во нејзиното успение не нѐ оставила нас кои живееме во овој прекрасен и истовремено гревовен свет, прекрасен и истовремено полн со злоба и гревовност.


Често се поставува прашањето што е смрта? До раѓањето и Воскресението Христово таа била казна. Затоа и било потребно душата човечка да слезе во преисподната земја, онаму каде што никој не сакал да оди. Ние честопати не сакаме да размислуваме за тоа. По Воскресението Христово разрушена е и одземена ѝ е силата на смртта. Таа нема никаква власт над луѓето. И денеска смртта е дадена како некоја награда на човекот за неговиот труд. Едноставно да заспие за некое време, за да се разбуди во идниот живот, за да се разбуди во свет живот, благодатен живот со Бога, во љубовта Божја, за да се насладуваме во Него.


Господ Исус Христос, пак, не сакал душата на Богородица, односно на Својата Мајка, да слегува во пределите преисподни, онаму каде што слегла Неговата душа, за да ги разруши преградите и ѕидовите што самиот човек преку своите гревови ги изградил помеѓу него и Бога. Затоа Господ ѝ дал на Мајката Божја да претрпи страдања – нејзиното срце било прободено како со меч. Нејзиниот живот бил исполнет со горчини и страдања. Но, таа се молела и Му благодарела на Бога, па Господ ѝ дал сила да ги поднесе сите тие страдања и да биде Онаа која што свети посилно од сончевите зраци.


Денеска нашата света Црква го прославува Успението на Мајката Божја. Ова е навистина голем ден, во кој ангелите согледале како Синот ја носи душата на Својата Мајка и се израдувале и Го опкружиле Создателот. Зашто како што преку жена дошол гревот во светот, така преку оваа Жена се јавил Победителот на гревот. Сега и кај ангелите се јавила Божјата Мајка, преку која засветлило Сонцето Кое го осветлува и избавува светот.


Светиот пророк и цар Давид вели: Скапа е во очите на Господа смртта на светиите негови (Пс. 115, 6). Чија смрт може да биде поскапа пред Бога, ако не на Таа која светата Црква ја прославува како почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите? Ако смртта на светиите е раѓање за вечен живот, тогаш што можеме да кажеме за нашата Царица Мајка? Затоа уште од најрани времиња верниците овој празник го нарекувале Успение на Богородица, што значи дека Таа мирно заспала, а не умрела.


Денеска ние стоиме пред нејзиниот одар и ја гледаме иконата на Мајката Божја. Ние го гледаме нејзиното спокојно лице, го гледаме нејзиниот лик и благодатна светлина. А тоа е така, затоа што таа е преисполнета со благодатта на Светиот Дух. А онаму каде што е Светиот Дух, таму секогаш е радоста, чистотата и сите други дарови коишто нѐ поткрепуваат на патот Господов. Ете, Богомајката го сочувала девството и во раѓањето. Тоа е голем дар од Бога – да се сочува целомудрието. До неа не се доближила никаква нечистотија, до неа не се доближил никаков грев, па затоа и не била допрена ниту од телесната распадливост. За Богородица ние пееме – во твоето успение не си нѐ оставила. Тоа сведочи дека каде и да се наоѓаме и ја повикуваме Богородица за помош, Таа секогаш притекнува и приоѓа кон нас, ги брише нашите солзи, ги зема нашите немоќи и на нејзините раце ги носи пред својот Божествен Син.


Празнувајќи го денеска Успението на Пресвета Богородица, поточно нејзиното преселување на небесата, Таа да ни постане наша застапница пред престолот на нејзиниот Син и наш Господ. Да веруваме и да се надеваме дека Мајката Божја никогаш нема да нѐ остави без нејзина помош, и дека секогаш ќе ни биде патеводителка и помошница во сите наши животни грижи и потешкотии. Затоа да ѝ се обратиме со зборовите: Пресвета Мајко Божја, помагај ни. Амин.

 

Успение на Пресвета Богородица
Храм „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско, Охрид
28.08.2023 г.

 

uspeniebog2023 1uspeniebog2023 2uspeniebog2023 3uspeniebog2023 4uspeniebog2023 5uspeniebog2023 6uspeniebog2023 7uspeniebog2023 8uspeniebog2023 9uspeniebog2023 10uspeniebog2023 11uspeniebog2023 12uspeniebog2023 13uspeniebog2023 14uspeniebog2023 15uspeniebog2023 16uspeniebog2023 17uspeniebog2023 18uspeniebog2023 19uspeniebog2023 20uspeniebog2023 21uspeniebog2023 22uspeniebog2023 23uspeniebog2023 24uspeniebog2023 25uspeniebog2023 26uspeniebog2023 27

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3