На 19.11.2023 година, во Дваесет и четвртата недела по Педесетница и на празникот на св. Павле Исповедник Цариградски, во храмот "Св. Никола" во Перт, Западна Австралија, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Станко Јовановски, Никола Христоски и Милорад Соктар (од Српската православна црква) и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Човекот според својата природа е така конструиран или создаден, што додека му е добро и додека е здрав и прав, не мисли на Бога, не доаѓа во црква и малку се грижи за својата душа. Но, кога ќе настанат маки, неволји, тогаш луѓето се присетуваат и на Бога и на црквата и на душата. Страдањата дејствуваат како магнетна сила и ги придвижуваат луѓето кон Бога, грешниците кон покајание и безбожните кон Богопознание. Таа појава е позната во целиот човечки род, некаде помалку, а некаде повеќе истакнато.
И денешното свето евангелие зборува за тоа, за неволјите, болестите и упокојувањето, што, исто така, нѐ упатува кон Божествениот Лекар, и тоа Лекар и на телото и на душата. Св. ап. и ев. Лука раскажува како Господ Исус Христос заедно со Своите ученици се вратил преку Генисаретското езеро од земјата Гадаринска и дошол во Својот град Капернаум, каде сите желно Го очекувале. Тука, во Капернаум, кој се наоѓа на западната област од Генисаретското езеро, Господ Христос направил многу чуда и многу болни излекувал. Во Него луѓето започнале да да Го гледаат Месијата, Кој требало да дојде. Затоа Капернаум е Негов град, град во кој сите го очекувале со нетрпение, а не како во Гадаринскиот крај.
Кога Јаир, старешината на еврејската синагога, слушнал дека Господ се вратил, потрчал да Го сретне и паднал пред Неговите нозе, молејќи Го да дојде во неговиот дом, бидејќи неговата дванаесетгодишна ќерка била на умирање. На колена го молел кнезот на синагогата, уште еден пример каде што се потврдува дека без неволја или мака нема ни богомолење. Односно, пример како маката како некоја магнетна сила ги насочува луѓето кон Бога и им ги отвора очите за богопознавање.
Додека се случувала оваа сцена со Јаир, огромна маса се притискала околу Господа. Една жена која боледувала дванаесет години од крвотечение, се пробила низ таа маса од народ со една и единствена желба, да се допре до алиштата на Господа Исуса Христа и верувала дека ќе оздрави. И успеала во тоа. И веднаш престанало крвотечението, а Господ почувствувал како излегува сила од Него. Се свртел и прашал: кој се допира до Мене? Жената видела дека од Сезнајниот ништо не може да се сокрие, па во голем страв и со треперење паднала на колена пред Него и му ја кажала целата вистина пред целиот народ, зошто Го допрела и дека откако Го допрела веднаш се излекувала... Не плаши се ќерко, верата твоја те спаси; оди си во мир! (Лк. 8, 48) – ѝ рекол Благиот и Многумилостив Господ.
Оваа болна жена цели дванаесет години ја криела својата болест, земајќи разни лекарства и сѐ што имала потрошила, но немала никакво подобрување. А, еве, после дванаесет години слушнала за Лекар кој лечи сѐ и од секакви болести и бара само едно – вера! Таа и само тоа го имала. Таа верувала, се пробила низ толпата со верба дека ќе се излекува штом ќе се допре до Неговите алишта. Верува, се допира и се излекува во истиот момент. Тоа е силата на верата. Силната вера може сѐ. Таа може и планини да преместува (Мт. 21, 21). И денеска, после две илјади години од доаѓањето на Господа Исуса Христа, многумина влегуваат од целиот свет со вера во домот Божји и од него излегуваат исцелени. Силата што ја излечила крвотечивата жена и денеска престојува во Црквата Божја и се покажува врз мнозина кои како оваа жена имаат вера. Господ им рекол на Своите апостоли: Јас сум со вас до свршетокот на светот (Мт. 28, 20). Каде е? Во Црквата Божја, која Он ја основа, како столб и тврдина на вистината (1Тим. 3, 15), во која се спасуваат Неговите верни чеда.
И додека Господ разговарал со излекуваната жена, дошол некој од дворјаните на Јаир и му јавил дека ќерка му е веќе умрена, да не Го мачи Учителот. А Господ кога ги слушнал овие зборови му рекол на Јаира: Не плаши се! Само верувај и ќе биде спасена! (Лк. 8, 50). И отишол Господ со Јаира во неговиот дом. А таму сите плачеле и ридале за неа, во собата преполна со народ, а на одарот лежела дванаесетгодишната девојка без дишење. Христос влегол и им вели: Не плачете, таа не е умрена туку спие (Лк. 8, 52). Господ ги истерал сите од собата, освен апостолите Петар, Јаков и Јован и родителите на девојката. Потоа ја фати за рака и извика, велејќи: ‘Девојко стани!’. И се поврати нејзиниот дух, и се дигна веднаш, и Он заповеда да ѝ дадат да јаде (Лк. 8, 54-55).
Чудо се случило. Стравот од смртта ја разбудил верата во Јаир и верата го фрлила на колена пред Господа. Верата му помогнала, воскреснала неговата ќерка како да се буди од сон од кој во свое време ќе се разбудат сите. Едни за вечен живот, каде нема болка, жалост и воздишки, туку каде што има радост неискажлива, а други во езеро кое гори со оган и сулфур, и каде што е плач и крцкање со заби, во вечна мака.
Да се помолиме и ние на Бога, та и во нашите неволји и маки Бог да ни даде вера како на Јаир и крвоточивата жена од градот Капернаум. Па и ние, како и тие, да го славиме и фалиме Неговото свето име, на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и во сите векови. Амин.
24 недела по Педесетница
Храм „Св. Никола“ - Перт
19.11.2023 г.