„Пророку Софоние, ти се покажа озарен од светлината на Духот Божји, и го навести доаѓањето на Господа, велејќи: Радувај се, ќерко Сионова! Радувај се, Ерусалиме! Ете, твојот Цар доаѓа, за да те спаси“ (кондак на Утрена на св. пророк Софониј).
На 16.12.2023 година, на празникот на светиот пророк Софониј, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Ботун, Дебрца, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевскли и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Александар Димоски, свештениците Горан Ставрески и Драган Шуминоски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто подолу во целост ви ја пренесуваме. Повод, пак, за овој наш собир, беше и издавањето на прекрасната монографија за храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Ботун, дело кое се издаде по повод два големи јубилеја: 150 години од сликањето на иконостасот во овој наш храм и 40 години Архиерејска служба на Митрополитот Тимотеј. По завршувањето на Литургијата, ова монументално дело доживеа своја извонредна промоција преку прекрасното изложување на д-р Јехона Спахиу Јанчевска, промотор на оваа монографија. Свое обраќање имаше и проф. д-р Сашо Цветковски, дописен член на МАНУ, и еден од авторите на книгата, а благодарност кон сите упати и отец Александар Димоски, еден од авторите во книгата, кој е и по потекло од Ботун, а и без чиј ангажман ова дело и не би постоело. Како знак на благодарност кон Митрополитот Тимотеј, кој секогаш стои и ги поддржува сите научни трудови во Епархијата па и пошироко, отец Александар му подари прекрасна панагија. На авторите им искажуваме благодарност за нивниот труд, и им посакуваме уште повеќе успеси и напишани трудови, и со нетрепение очекуваме уште многу нови откритија за нашите храмови и манастири, преточени во вакви прекрасни и неповторливи монографии.
Во продолжение ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Денеска нашата света Црква прославува еден од дванаесетте мали пророци, поточно го прославува св. пр. Софониј. Овој пророк живеел седум века пред Господа Исуса Христа, за време на царот Јосија. Пророците Божји се свети луѓе, кои со благодатта на Светиот Дух пророкуваат настани што ќе се случуваат во иднина, но главно тие се однесуваат на Бога, на доаѓањето на Господа Исуса Христа и спасението на човечкиот род. Овој пророк најпрво му пророкувал и навестувал маки и неволји на Израилскиот народ поради нивниот грешен живот, а потоа ги утешува со зборовите: Ликувај ќерко Ерусалимска... бидејќи ќе престанат твоите маки и страдања и Господ ќе ја одмени пресудата на тебе и ќе ги изгони непријателите и нема повеќе да гледаш зла (Соф. 3, 14-17).
Овие зборови се однесуваат на Словото Божјо, односно на Господ Исус Христос. Он доаѓа на земјава за да го соедини човекот со Бога, и земјата со небото. Адам отпаднал од Бога како резултат на таа Божествена слобода, која Бог му ја дал, зашто без неа Адам не би можел слободно и доброволно да одговори на Бога и на Неговата љубов. Господ, Кој е Слобода и Љубов, го направил човекот слободен, според Својот образ и подобие, за тој да може да Му возврати Нему и на Неговата љубов, та да биде достоен за таа љубов и според неа да живее. Љубовта не може да постои со принуда, а многумина од нас тоа го знаат од сопственото искуство. Секој еден кој се обидел да уверува неверен човек да оди во храмот, ќе разбере дека е неуспешен, затоа што во таквиот човек нема љубов кон Бога. Може да се земе човек за рака и да се принуди да се исповеда, да се причести, да му се служат разни молебни, па дури и да чита Свето писмо, но да го натераме да Го сака Бога не е можно.
Љубовта е пројава на слободата. Но, слободата може да биде и да се употреби и за добро и за зло. Можно е своето време да го употребиме за пијанство и за други недела, но, иста така, може да се употреби и за посета на болни и за правење на други добродетели. Нашиот праотец Адам ја употребил својата слободна волја за зло. Тој не Го послушал Бога, и, всушност, тој се посомневал во Него. Ѓаволот му ставил во главата мисла за да се запраша: дали е Бог во право? И таа помисла го тера секој човек така да постапува од својата младост, па сѐ до староста. Мајката и таткото кои ги сакаат своите деца им зборуваат за лошите постапки: тоа е лошо, немој да го правите.. Но, децата се сомневаат, и си поставуваат прашање дали се во право мајката или таткото, па често прават спротивно и ја пројавуваат својата зла волја, а со тоа ја разрушуваат љубовта помеѓу себе и родителите. Тоа на сите ни е добро познато, и овој Адамов грев често и го повторуваме. Но, забораваме дека Адам отпаднал од Бога, и тоа со катастрофални последици, затоа што вечно дозволил во него да се востанови гревот, а преку тоа тој постанал смртен. Во него влегло семето на гревот и злото, и оттогаш се умножува.
Гревот се умножувал и немало начин како човештвото да се спаси. Затоа Господ ја наведнал небесата и Самиот слегол. Самиот се направил Нов Адам, за да создаде во Себе ново човештво. Затоа ја основал Својата света Црква, со светите Тајни во неа, привлекувајќи ги луѓето кон спасение. Тие тајни се крштението, миропомазанието, причестувањето и другите, кои го преобразуваат човекот и ги всадуваат во него христијанските добродетели.
Духовниот живот кај човекот се случува на таинствен начин. Царството Божјо е Духот Свети, Кој таинствено доаѓа во срцето на човекот. Ако ние гледаме еден цвет од утро до вечер, нема да видиме како расте. Тоа се случува многу таинствено. Така и благодатта на Светиот Дух, на многу невообичаен и таинствен начин ја исполнува душата на човекот, ако тој се бори со гревот. Таа борба со гревот може да се случува само во еден случај – ако човекот има постојана желба и жед да општи со Бога, ако тој остава сѐ друго и презира за таа жед, односно за Бога. Затоа и Господ вели: кој е жеден нека дојде кај Мене да пие (Јн. 7, 37). Бог е Извор на нашиот живот, и ако не постои таа жед тогаш никогаш нема да Го познаеме.
Да ја завршиме оваа наша беседа со една кратка молитва: О, Господи Исусе Христе, Ти си леб на вечниот живот. Нахрани нѐ со Твојот леб да бидеме вечно сити. Ти си Извор на жива вода, ако некој пие од неа нема да ожедни до век. Напој нѐ и нас со таа жива вода, бидејќи сме премногу жедни. Дај ни со неа да ја згаснеме жедта своја. Да се напиеме од тие Твои живи води, кои водат во вечен живот. По молитвите на света Богородица и на св. пр. Софониј, чиј спомен денес го празнуваме, така нека биде. Амин.
Св. пр. Софониј
храм „Пресв. Богородица“ Ботун
16.12.2023 г.