„Кога Господ Исус се роди од Света Дева, се просветли вселената: пастирите свиреа, мудреците се поклонуваа, ангелите пееја, Ирод се вознемири, зашто Бог се јави во тело, Спасителот на душите наши“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна на Роджество Христово).

 

Во навечерието на торжествениот празник на Рождеството Христово, на Бадник, на 06.01.2024 година, во храмот „Св. Петар и Павле“ во Кичево, беше отслужена Празнична вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Стевче Тошевски, свештениците Ристо Камбуроски, Александар Матески и Александар Крстаноски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната богослужба, беа осветени бадниковите гранчиња, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,


И оваа година се собравме на Бадник свечено да го прославиме раѓањето на нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Вечерва, во очи на големиот христијански празник, го прославуваме Бадник – или бдеење пред Раѓањето Христово. Голема е и неразбирлива тајната на вечното раѓање на Синот од Отецот. Оваа тајна е недостапна и за ангелите небесни, за пророците, апостолите, како и за најголемите Божји угодници и светии. Уште една тајна е и слегувањето на Синот Божји на Земјата и Неговото раѓање од Пресвета Дева во Витлеем, кое денеска го прославуваме. Меѓутоа човечкиот ум секогаш се прашува како станало сето тоа? Особено тоа го прашуваат малите деца, кои денеска заедно со нас повозрасните го слават Бадник и Божик.


Како е можно Бог да Го испрати Единородниот Син од Вечноста во времето, прашува човечкиот ум? Како Бог да слезе од Својот Престол во овчарска пештера, од светлосното небо на земјата, која и самата личи на голема пештера. Господ Исус Христос објаснува: Излегов од Отецот и дојдов во светот (Јн. 16, 28). Тоа доаѓање на Вистинскиот Бог од Вистинскиот Бог е слично на излегувањето на светлината која зрачи од Сонцето. Затоа и се вели во светото Евангелие: Беше Вистинска Светлина, Која го осветлува секој човек (Јн. 1 ,9). Во суштина, сиот овој настан лежи во Божјата љубов кон луѓето: Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот (Јн. 3, 16).


Човекот може да ја сфати таа голема љубов само ако одговори на Божјата љубов со својата љубов. Потребно е и самиот човек да се облагороди со љубов, за да ја разбере оваа безвремена Божја љубов. Тоа е причината што ние оваа вечер со љубов го прославуваме Бадник, односно навестувањето на Божик.


Ако низ целата оваа година мака и грижа го притискале нашето срце, вечерва нека се роди во него радост, бидејќи го славиме раѓањето на Христа – најголемата радост, појавата на Бога во лице на човек, преку Исуса Христа. Ако преку цела година омразата го труела нашето срце, вечерва да го отфрлиме отровот од омразата, бидејќи славиме раѓање на Небесната љубов, воплотување на човечката правда.


Ако преку целата година гордоста и злобата ни го воздигнувале срцето, вечерва нека се роди во него кротост и смиреност, бидејќи го славиме раѓањето на Оној, Кој Себеси се понизи, за да го издигне севкупниот човечки род. Ако преку целата година треперело нашето срце во страв од грижа за утре, во страв од непријателства, во страв од болести, војни и смрт, вечерва да го исфрлиме стравот од срцето, бидејќи ангелските усти велат: Не плашете се! Еве, ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ (Лк. 2, 10-11).


Да ги издигнеме срцата горе, зашто небото е престол Божји, а Земјата подножје на Неговите нозе, но, човечкото срце е најмил дом Божји. Тоа се јаслите во кои постојано се раѓа Неговиот Единороден Син, и тоа исклучиво во човечкото срце. Затоа е потребно вечерва да ги исчистиме нашите срца од секаква нечистотија, од омраза и злоба, за да може да најде во нив Новородениот Богомладенец Свое место. Само така ќе можеме достојно да го прославиме Неговото раѓање.


Човечкото срце е место кое припаѓа најпрво на Бога и на Неговиот Единороден Богомладенец. Така било и така и ќе биде секогаш. Затоа, додека е светот и векот, дотогаш ќе се слави Бог и неговиот Бадник и Божик.


Драги браќа и сестри, Ви посакувам вечерва да ги исполните вашите срца со добра волја, благородни чувства, честити намери и, над сѐ, со љубов. Верувам дека сите така најдобро ќе го прославиме Бадник и Божик, и ќе ја доживееме во нашите срца тајната на побожноста, раѓањето на Божјиот Син во тело. Честит Бадник и уште порадосни за Божик. Амин.


Бадник
Храм „Св. ап. Петар и Павле“ Кичево
06.01.2024 г.

 

badnik2024 1badnik2024 2badnik2024 3badnik2024 4badnik2024 5badnik2024 6badnik2024 7badnik2024 8badnik2024 9badnik2024 10badnik2024 11badnik2024 12

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1