„Со љубовта кон мудроста, си ја обрезал покривката на твојата душа, отче, и со твоите чуда пред светот се покажа како сонце и ги озари мислите на верните, богомудар Василие, тајнику на (Света) Троица, и служителу на Богородица“ (Светилен на Утрена на свети Василиј Велики).
На 14.01.2024 година, денот кога го прославуваме празникот Обрезание по тело на Господ наш Исус Христос и споменот на светиот Василиј Велики, во храмот „Св. Никола“ во Враништа, Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Ристе Наумоски, Горан Ставрески и Димитрија Павлески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше отслужен и Молебен на Нова Година, а на самиот крај, Митрополитот Тимотеј се обрати кон мноштвото верници со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Денеска Семилостивиот наш Спасител, Господ Исус Христос, нѐ удостои да ја дочекаме и оваа Нова 2024 Година. Природно, погледот ни се насочува кон иднината, затоа што натаму и нѐ води патот на животот. Кон иднината се насочени сите наши желби. За тие нејасни ветувања и желби копнее секое човечко срце. Но, сепак, застанувајќи на денешниот условен премин во времето кое тече, не можеме, а да не фрлиме поглед на изминатата година која, исто така, ја пресретнувавме со големи надежи и радост, очекувајќи од неа дарови на чесна и плодна година. Но, кога ќе направиме анализа на годината што помина, ќе видиме дека таа беше како наша гостинка, која побрза што поскоро да си замине. Сепак, срцата не може, а да не ни се исполнат со благодарност кон Бога, за Неговите неискажливи милости, дарежливости од кои не нѐ лиши во изминатата година. Благодарното срце ја изговара молитвата: Ти, Господи Боже, Кој си милостив и долготрпелив и вистинит милостиво, погледни кон мене и помилувај ме (Пс. 85, 15-16).
Божјите милости и дарежливости се обилни за сите луѓе, за светата Црква, за нашиот народ и за целото човештво. Кој од нас не бил помилуван од Божјата рака, кога прибегнувал кон Него со синовска послушност и ја засолнувал својата глава и срце пред Неговото величие? Бог им испраќа утеха на ожалостените, утеха на срцата кои се повредени, и му дава сила на човекот за да ги надмине сите маки. Во часот на тага Он ги успокојува набожните, ги бодри и упатува, ги утешува во болестите со родителска рака, ги расположува и лекува во неприлики, и им открива нови патишта и вдахновувања исполнети со нова вера и нови надежи.
Верниот човек, од своето сопствено духовно искуство, знае колку се неисцрпни Божјите милости. Кога ќе се сопне и падне, Он го потфаќа со силната десница за да го исправи и пак да го упати на правиот пат. Кога некој ќе го избере погрешниот, лош пат, Бог го поучува, исправа и насочува да оди по вистинскиот и спасоносен пат. А, кога сме сами, Он оди со нас, нѐ потсетува со тивок и благ родителски глас да одиме по вистинскиот и спасоносен пат.
И во изминатата година верниците одеа во укрепениот град, Божјата света Црква, за да го обноват срцето, умот и волјата преку силата на Светиот Дух. Верниците не се собираат само на општа молитва во домот Божји туку тие се удостоени да учествуваат на Божјата трпеза и да се соединат со Него во живот (Јн. 6. 35 и 48). Затоа сите ние Му должиме на Бога бескрајна благодарност.
Погледот на сите ни е свртен кон иднината. Нашата надеж секако е жива. Од годината што помина ние очекувавме да биде мирна, чесна, плодородна и полна со секакви Божји дарови. Ние се молиме на Бога за тоа и нашата надеж е во Него, како што и иднината е во Неговите раце. Но, за да примиме полнота на Божјото благоволение, потребно е да не се оддалечуваме од Неговата волја, која ги определува нашите сестрани задолженија.
Мудро ќе го поминеме времето само ако го поминуваме во благочестие и во добри дела и во взаемна братска љубов и мир: А побожноста е полезна за сѐ, бидејќи во себе има ветување за сегашност и за идниот живот (1. Тим. 4, 8). Одмерено ни е времето. Секој ден треба да го употребуваме како дар Божји, и тоа за да правиме добри дела и така да ја збогатуваме општата ризница на добро во светот. Затоа имаме совет од св. ап. Павле, кој вели: И така додека имате време, да им правите добро на сите, а најмногу на своите по вера (Гал. 6,10). А и псалмопевецот порачува дека ако сака човекот да живее и да дочека долгогодишен живот, треба да се оттргнува од секое зло и од лаги, и да прави добро, да бара мир и да оди по него (Пс. 33, 13-14).
Па и ние кои ја прославуваме оваа Нова Година, да се обратиме кон Господа Исуса Христа, Он да ја благослови, па да ни биде мирна и бериќетна, а ние да правиме сѐ повеќе добри дела. По молитвите на св. Василиј Велики, така нека биде. Амин.
Обрезание Господово и св. Василиј Велики – Нова Година
14.01.2024 г.
храм „Св. Никола“ Враништа, Струга