„Запејте едногласно, луѓе и народи, зашто Царот на ангелите се качи сега на осле и сака да оди на крст, за да ги порази како силен непријателите. Поради тоа и децата со гранчиња пеат песна: Слава Ти, Победителу, Кој дојде, слава Ти, Христе Спасителу, слава Ти Тебе, благословениот и единствен Бог наш“ (седален на Утрена на Цветници).

 

На 28.04.2024 година, во шестата недла од Великиот пост - Неделата цветна - Цветници, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Александар Димоски, протоерејот Васко Голабоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Пред почетокот на Литургијата, беа осветени врбовите и палмините гранчиња, подобно на гранчињата со кои невините деца Го пречекаа Спасителот во Ерусалим. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати ккон многубројниот верен струшки народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Денеска го прославуваме големиот Господов празник Влегување на Господа Исуса Христа во Ерусалим или народно наречен Цветници. Денеска нѐ собра Светиот Дух за да се сретнеме со Господа, Кој оди на доброволно страдање за нашето спасение. Господ Христос оди да ја победи смртта со смрт и да ни дарува нераспадливост, и да нѐ избави од страшниот ад, од долината на плачот, во која нема светлина. Во таа темнина или долина престојувале душите на сите луѓе, и Господ ги изведува од таму кон вечната светлина, во височините на небесата. Господ доаѓа денеска за да расцутат нашите души. Во нашите раце држиме расцутени врби и други цветови, кои ни напомнуваат за крвта на Господа Исуса Христа. Цветовите ни напомнуваат и за нашите расцутени души преку крвта на Господа. Симбол на овој настан, на влегувањето на Господа Исуса Христа, се и палмовите гранчиња со кои бил пресретнат од жителите на градот. Тие, пак, ја симболизираат победата на Бога над смртта и распадливоста, победата над гревот, над метежот на човековиот род, кој не бил удавен, а излекуван со крвта Господова. И ние така да расцутиме, како што вели Писмото: И коските ваши ќе цутат како свежо растение (Ис. 66, 14).


Денеска ние го празнуваме празникот Цветници, зашто човекот без Бога е како врба без цвет. Човекот без Бога е суво дрво кое не може во ништо да придонесе ниту во односот кон Бога, ниту кон луѓето. Човекот без Бога е суштество кое на никого не му е потребно, кое живее непознато, а и зошто живее? Без Бога тој просто речено го животари својот живот. Каква е смислата на човекот во вселената, ако тој не Го познал Бога и ако не процветал во својата душа? Многу луѓе зборуваат дека е потребно да се живее заради потомството, но ако таквото потомство живее како и нив без Бога, тогаш каква смисла има тоа постоење? Таквиот живот е апсолутно бесмислен. Сите земни цели се распадливи, тие исчезнуваат и гнијат. Без смисла е и да се живее заради татковината, домот, имотите, заради децата, бидејќи сето тоа е смртно и пропадливо. Ако сме лишени од Бога и од бесмртноста и нераспадливоста, кој може да ни даде можност за процветување во нераспадливост? Господ доаѓа за да нѐ спаси, па затоа и Еврејските деца Му воскликнувале: Осана во висините (Мт. 21, 9), односно спасението доаѓа од небесните висини.


Бог нѐ избави од распадливоста и од долината на погибелта, па заради тоа и народите воскликнувале: Благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово! Осана во висините (Мт. 21, 9). Господ доаѓа за да нѐ направи процутени, да го процути нашиот ум и да Го познаеме Бога, а преку Него да го познаеме и светот. Он доаѓа за да ја расцути нашата волја, да постане цветна градина и да се соедини со волјата Божја, за да ги расцути нашите чувства, та да се преполнат со Божествена љубов.. Он доаѓа за да може и нашето тело да процути од гробот и да може да постане место на нов посев, од каде ќе израсне задоволителен род преку воскресението, зашто Бог ќе ги подигне сите упокоени за да живеат вечно пред очите Божји. Имено, токму и затоа доаѓа денеска Господ. Он Самиот се прогласува за вистински Месија, односно Цар, Пророк и Свештеник. Како Цар Он дошол да ги спаси сите поданици, како Свештеник доаѓа да принесе жртва на Бога Отецот, односно да ја принесе Својата крв пролеана за наше спасение, а како Пророк доаѓа да го постави последниот и конечен завет помеѓу Бога и луѓето. Он доаѓа и им се јавува на сите како Цар и Владика, како Оној по Кого копнееле сите пророци и за Кого деноноќно се молеле дванаесетте колена Израилеви.


Он ја исполнил древната мечта. Доаѓа и ги собира сите луѓе во едно и ја надминува поделбата помеѓу Јудеи и јазичници и други народи, помеѓу оние кои се сметале за праведници и оние кои се сметале за грешници. Он доаѓа да ја надмине разделбата помеѓу бесмртните суштества и смртните луѓе. Христос влегува сега во Ерусалим, прогласувајќи се Себеси за вистински Цар и Господар на сите нас, а со тоа и ја надминува проклетата поделба, навестувајќи го настапувањето на Царството Божјо. Затоа и ние Го славиме Христа како Цар, со свеќи и со цветови во рацете, знаејќи дека Он дошол во светот за да нѐ спаси, и настапило времето кога Бог се зацари над народите. И Неговото Царство е на својот пат, и Он го собира Својот полк, а сето тоа се движи кон конечната цел. А нашиот најголем непријател, ѓаволот, трепери пред овој свет полк и пред знакот на големиот Крст со кој бил победен и со кој бил лишен од силата. Ѓаволот не бега само од крстот Господов туку и од крвта на мачениците, од сведоштвото на преподобните, од мудроста на ревносните свештеници и од сите вистински добродетели, кои израснале од светиите и од светата Црква на Господа Христа.
А за нас е потребно да се држиме до Црквата, која е Црква Божја на земјата, која сите ги украсува со духовни цветови и ги преисполнува со нови поголеми сили. Да не ги држиме овие цветови само во рацете туку тие да станат расцутување во нашите души, та тие да пуштат благоугоден мирис пред Бога Отецот и прекрасни мириси за вечност. Да допуштиме Светиот Дух да гори во нашите срца, да гори како кај Ерусалимските деца на овој ден, па и ние со нив да извикаме: Осана во висините! Амин!

Цветници
Храм „Св. вмч. Ѓорѓи“ Струга
28.04.2024 г.

 

cvetnici2024 1

cvetnici2024 2

cvetnici2024 3

cvetnici2024 4

cvetnici2024 5

cvetnici2024 6

cvetnici2024 7

cvetnici2024 8

cvetnici2024 9

cvetnici2024 10

cvetnici2024 11

cvetnici2024 12

cvetnici2024 13

  

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1