„Онаа која поради нејзиниот живот беше отфрлена и која поради покајанието беше примена, носејќи миро, Ти пристапи, викајќи: Ти, Кој се роди од Дева, не отфрлај ме мене блудната. Не презирај ги моите солзи, Ти, Кој си радост на ангелите. Но прими ме, мене којашто се каам, грешницата што не си ја отфрлил, Господи, поради Твојата голема милост“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна на Велика среда).

 

На 01.05.2024 година, на Велика среда, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија на претходноосветени дарови, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, свештениците Атанас Казанџиски, Сашо Ристески и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, за време на Својот земен живот имал многу непријатели. Него постојано Го следела човечката злоба. Неговите непријатели биле од најразлични средини, почнувајќи од „светоста“ фарисејска па сѐ до свештенството народно, од мудреците книжници па сѐ до судиите и војниците. Сите овие здружени од сите страни собирале непријатели на Христа, а сѐ со цел да отворат војна против Него и да Го убијат. Но, во таквата дружина нашле еден и од најблиските ученици на Христа, еден од дванаесетте апостоли, наречен со името Јуда Искариотски, кој ќе отиде кај првосвештениците и ќе им каже: Што ќе ми дадете, па да ви Го предадам? А тие му предложија триесет сребреници. И оттогаш тој бараше погодно време да Го предаде (Мт. 26, 15-16).


Сите настани што се случувале во средината на Господа Исуса Христа и Неговите апостоли, ги примал и Јуда како и другите апостоли, но, тие немале посебно значење за него. Тој бил презафатен со тоа како да Го предаде Христа. Едно е сигурно,а тоа е дека тој постанал орудие на сатаната и дека е виновен за целата злоба на сите луѓе против Исуса Христа. Затоа се вели: влезе сатаната во Јуда наречен Искариотски... И кога отиде, се договори со првосвештениците и началниците, како да им Го предаде. Ние го читаме тоа во евангелието според Лука (22, 3-4).


Но, да го оставиме Јуда и неговите современици. Нивната судбина е решена. Сега, пак, сериозно да се задржиме во анализа на себе, како се одразува сето ова богоотстапништво врз нас. Што ќе ми дадете, па да ви Го предадам? Каква бедна душа! Јас верувам дека никој од вас не може без негодување да ги прими и да ги слуша овие зборови на неблагодарниот ученик. Измамата, предавството, неблагодарноста и, воопшто, нечесноста, се срамни дамки за човекот и сите ние ги презираме. Но, дали ваквите пороци се ретки помеѓу нас, дали ние не ги применуваме и дали се само гревови на Јуда? Бог и светата Црква нѐ облагодуваат со благодати и бесценети дарови, а преку кои ние можеме да примиме вечно блаженство. Но, дали ги цениме тие дарови и дали ги чуваме во светост, и дали не ги нарушуваме своите завети со Бога, кои не еднаш туку многупати сме ги примиле? Дали секогаш сме верни на тие завети? Да допуштиме кај секој од нас да одговори неговата совест на ова прашање.


И зошто ги нарушуваме сите овие завети? Зошто Го предаваме Христа? И не за триесет сребреници туку и поевтино. Едни за да не ја истурат или расипат „светоста“, други затоа што не сакаат да се оддалечат од овој свет, а трети за да не се притеснуваат додека мислат дека го исполнуваат христијанскиот повик. И, така, еден по друг се редат овие престапи и ние започнуваме да ги цениме невредностите од овој свет повеќе од Христа и нив да ги претпочитаме. Кога Црквата нѐ повикува кон себе, дали тогаш ние не си бараме време и можност да се збратимиме со Неговите непријатели, па да се собереме со расколниците, да се соберат безбожници со безбожници, неверници со неверници, или, со други зборови, со луѓето од овој свет? Дали не се случува често да глумиме и да се исмејуваме на уставите и обредите на светата мајка Црква, а уште повеќе на нејзините свештенослужители, слично како и Хан? Во градовите тоа се случува често во театрите, на баловите и празниците, додека, пак, по селата на свадбите и другите собири. А кога ќе дојдеме пак во црква, со какви мисли сме? Дали се подобри од тие што ги имал Јуда на Тајната вечера, бидејќи често се слушаат коментари: колку долга е службата?; Ах, јас требаше да бидам таму и таму..., и колку слични мисли ни доаѓаат во умот додека стоиме во храмот? А како постапува мнозинството од нас кон светите Тајни, особено кон светата Тајна брак? Со какви суетни мисли мнозина пристапуваат дури и кон светата Причест и со какво лукавство пред исповед? За нас не е страшен примерот на Јуда! Јуда зел учество на Христовата вечера, а сатаната за некое време отстапил од него. Но, по примањето на лебот, како што читаме во Евангелието, повторно влегол во него (Јн. 13, 21). За сето ова треба сериозно да се замислиме!


Колку овој Јудин грев се наоѓа помеѓу нашите браќа и во односите еден кон друг? На пример, некој човек му извршил услуга, а тој за таа услуга му враќа со неблагодарност. Не е ли тоа Јудиното предавство? Те избавил тебе човекот од непријатности, а ти не мислиш да му вратиш добро туку, напротив, велиш дека ништо не си зел и не се оддолжуваш. Дали тоа не е Јудиното предавство? Или ти со некој човек доаѓаш во недоразбирање или несогласност, а знаеш дека е добар човек, но намерно го клеветиш и изнесуваш лаги со цел да го оцрниш и обезличиш. Што е тоа ако не е Јудин грев? И да не набројуваме уште многу слични примери што нѐ придружуваат во нашиот секојдневен живот. А зошто го правиме сето тоа? Ние лесно и евтино ја продаваме нашата совест, а што ќе добиеме? Само ќе се лишиме од радоста и спокојството на нашата совест!


Да се обратиме со искрена молитва кон Господа Исуса Христа, Он да нѐ просветли и осветли, и да нѐ утврди во верата и правдата. Да отфрлиме од нашиот ум и срце секаква неправда и злоба, да ја засакаме вистината и да ги исполнуваме заповедите Христови. Така да измолиме милост за спасение на нашите души, сега и во сета вечност. Амин.

Велика среда
Храм „Пресв. Богородица“ Каменско, Охрид
01.05.2024 г.

velsred2024 1

velsred2024 2

velsred2024 3

velsred2024 4

velsred2024 5

velsred2024 6

velsred2024 7

velsred2024 8

velsred2024 9

velsred2024 10

velsred2024 11

velsred2024 12

velsred2024 13

velsred2024 14

velsred2024 15

velsred2024 16

velsred2024 17

velsred2024 18

velsred2024 19

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1