„Пред Тебе, Господи, вратите на смртта од страв се отворија, а вратарите на адот, кога Те видоа, се исплашија, бидејќи си ја скршил бакарната врата и си ги разбил железните резиња, и си не извел од мракот и од смртната сенка, и си ги раскинал нашите окови“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна во Недела на Пасха).
На 05.05.2024 година, во Неделата на Воскресението Христово, во попладневните часови, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, според долгата традиција, беше отслужена пасхална вечерна богослужба - т.н. Второ Воскресение, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски, Игор Никовски и Александар Димоски, протоерејот Горан Ставрески, свештеникот Ѓорѓи Блажевски, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. На Вечерната богослужба, беше прочитано и предвиденото зачало од Евангелието според Јован на разни јазици. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј, заедно со свештенството, му го честитаа на верниот народ најрадосниот Празник над празниците - Воскресението Христово, а Митрополитот им подели на верниците по едно велигденско црвено јајце, симболот на Христовото Воскресение, и ги поздрави со древниот поздрав: Христос воскресе!