„Радувајте се, луѓе, и веселете се! Ангелот што седеше на гробниот камен, тој ни благовести велејќи: Христос - Спасителот на светот - воскресна од мртвите, и со благопријатна миризба ја исполни вселената. Радувајте се, луѓе, и веселете се! (хвалитна стихира на Утрена во Понеделник од Светлата седмица).

 

На 06.05.2024 година, во Понеделникот од Светлата седмица - Втор ден велигден, и денот кога го славиме споменот на светиот великомаченик Ѓорѓи Победоносец - Ѓурѓовден, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски, Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, протоерејот Горан Ставрески, свештеникот Ѓорѓи Блажевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Водосвет во Светлата седмица и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Христос Воскресе!

Жените мироносици, Марија Магдалена, Марија Јаковова и Саломија купиле мириси и отишле на третиот ден откако Исус умрел на Неговиот гроб за да го помазат Неговото Тело. Но, тие нашле отворен гроб и го виделе ангелот, и се вели: Лицето му беше како молња, а облеката бела како снег (Мт. 28, 1-3). Ангелот им кажал дека Исус е воскреснат. Изненадени поитале да ги известат учениците. Но, по патот ги сретнал Исус и им рекол: Радувајте се! (Мт. 28, 9). Тие, пак, смирено Му се поклониле. Учениците се израдувале од веста за Воскресението на Исуса, а особено била полна радоста нивна кога Самиот Воскреснат им се јавил. Се израдувале учениците затоа што Го виделе Јагнето Божјо, Кое ги зема врз Себе гревовите на светот (Јн. 1, 29), и Кое си го дава животот во полно смирение, Кое ја принесува искупителната жртва, а сега и воскреснува.

Се радуваат учениците затоа што нивниот Пријател, како што Самиот ги нарекол (Јн. 15, 13 и 15), одново е со нив, не за да ги води по патиштата на Јудеја, Галилеја и Самарија туку да ги води на нови и далечни патишта низ целиот свет и секогаш да ги дарува со Своето срдечно дружење. А Пријателот е добар сопатник на патиштата Божји, до поблиски и подалечни средини, помеѓу блиски и далечни народи. Се радуваат учениците зашто не само нивниот Пријател, но и Пријателот на грешниците (Мт. 11, 19) е одново жив, за да ги привлече со Своите милости и со мудроста на Својата слава. Он дошол на земјата за грешниците, бидејќи здравите немаат потреба од лекар, туку болните (Мт. 9, 12). Се радуваат учениците бидејќи нема повеќе да бидат сираци, како што им беше ветил Исус: Нема да ве оставам сираци; ќе дојдам кај вас (Јн. 14, 18). Тешка е состојбата на сираците. Таква е состојбата и на духовните сираци и на осиромашените срца. Но, сега Исус е жив и учениците се радуваат. Се радуваат дека нивниот Учител е кај нив за да ги учи, и вистината никогаш да не биде однесена, а секогаш да ги обновува нивните умови и срца. Тие немаат друг наставник, зашто еден бил нивниот Наставник – Христос. Зашто што би се случило без Наставник, но и без Пастир на душите? А Исус е добриот Пастир, Кој ќе продолжи преку Својот Дух да ги води, за да најдат богати пасишта на животот и животворни потоци на благодат.

Се зарадувале учениците зашто нивниот пат не завршил кај гробот, а продолжил и отаде него. Исус е Пат и за нив и за сите, и Неговиот гроб претставува само почеток на нов пат. По гробот продолжил патот,и тоа пат повеличествен и посјаен, но и тежок, како што бил и претходно. А можат ли срцата да им бидат беспатни или мислата да им запре на полупат? И недоумението да ги однесе во мачителен крстопад? Сега еден јасен воскресен пат се возвишува нагоре кон силата и славата на Воскресението. Се зарадувале учениците кога Го виделе Господа, а со нив се зарадувала и целата Божја Црква. Се радуваме сите ние и нејзините чеда на тој пресветол ден – Воскресението Христово. А штом Он воскреснал, постанал почеток на воскресението на сите, за и ние да воскреснеме за живот на Земјата и за вечен живот на Небесата, зашто Он е Воскресение и живот (Јн. 11, 25). Затоа светата Црква цврсто и непоколебливо верува во Воскресението и животот. Радувајте се, Он воскресна. Тоа не е наша суетна надеж. Ако беше суета, ние немаше да имаме поглед кон Божествените вистини, и нашите копнежи за Него ќе исчезнеа на тој пат.  

Ние денеска го прославуваме и св. маченик Георгиј Победоносец. Овој млад човек со извонредни дарови и постигнувања во воената кариера, со силна и непоколеблива вера во Воскреснатиот Христос и во вечниот и блажен живот, ќе го определат да жртвува сѐ во овој свет, и својата младост и позиција, и богатството и славата, само да не се откаже од Христа, Кој е Пат и Живот. Затоа тој и го завршил својот живот маченички, но светата Црква и Воскреснатиот Господ го примиле во вечното Царство, и го облагодатиле за да може да прави многу добродетели на сите кои со вера и молитва му се обраќаат за помош. Па и ние, кои денеска го прославуваме заедно со Воскресението Христово, да се обратиме со искрена молитва, тој да биде наш молитвеник. Од неговата силна и непоколеблива вера да го всади во нашето кандило огнот на љубовта кон Бога и кон нашите ближни. Та исполнети со љубов, и ние постојано да Го сведочиме нашиот Спасител, Господ Исус Христос, Кој воскресна и ни вети и нам дека и ние со нашата вера и добрите дела ќе го наследиме ветеното Царство, сега и во сета вечност. Амин.

Христос Воскресе!

     Велигден – втор ден

                                                                   Храм „Св. Ѓорѓи“ Охрид

06.05.2024 г.

 

gjurgjovden2024 1

 

gjurgjovden2024 2

gjurgjovden2024 3

gjurgjovden2024 4

gjurgjovden2024 5

gjurgjovden2024 6

gjurgjovden2024 7

gjurgjovden2024 8

gjurgjovden2024 9

gjurgjovden2024 10

gjurgjovden2024 11

gjurgjovden2024 12

gjurgjovden2024 13

gjurgjovden2024 14

gjurgjovden2024 15

gjurgjovden2024 16

gjurgjovden2024 17

gjurgjovden2024 18

gjurgjovden2024 19

gjurgjovden2024 20

gjurgjovden2024 21

gjurgjovden2024 22

gjurgjovden2024 23

gjurgjovden2024 24

gjurgjovden2024 25

 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1