„Изворот на Дева ги закрепнува душите; ние коишто сме осквернети од страсти, да притрчаме кон Отроковица и да ги измиеме“ (хвалитна стихира на Утрена на Светли петок - Источен петок, Балаклија).
На 10.05.2024 година, во Петокот од Светлата седмица, Источен петок - Балаклија, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Кирил Јованоски, протоереите Љупчо Симиџиески и Горан Ставрески, свештениците Димче Азески, Ѓорѓи Блажевски, Роберт Илијевски и Васил Михајлоски, еромонахот Никодим и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Водосвет во Светлата седмица и беше прекршен празничниот колач, а свештеникот Ѓорѓи Блажевски, со благослов на Митрополитот Тимотеј, се обрати кон верниците со пригодно празнично слово.