Почитувани верни чеда на Дебарско-кичевската епархија, во прилог Ви ја пренесуваме беседата од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј. 

 

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Христос воскресе!

Денешниот празник е посветен на жените мироносици, кои се удостоиле со голема чест први да го поздрават светот со радосната вест – Христос воскресе! Доколку се позамислиме малку подлабоко за содржината на денешното евангелско четиво и апостолот, ќе видиме дека во нив се зборува за две главни должности на човекот, и тоа: должности кон Бога и должности кон ближниот.

Пројавената ревност на жените мироносици кон Распнатиот и положен во гроб Господ, светата Црква ни ја предлага како пример за подражавање. Како што жените мироносици не ги попречило ништо, ниту ноќната темнина, ниту самотијата, ниту тешкиот камен, ниту, пак, стравот од Јудејците, за да го исполнат својот долг кон Богочовекот, туку уште во првиот ден од седмицата, рано во темните мугри доаѓаат на гробот за да го помажат со благоухани мириси телото Исусово, така и ние, по примерот на жените мироносици, треба да бидеме нестрашливи и ревносни во нашето служење на Господа. Во тоа се состои човечкиот долг кон Бога.

Додека, пак, во апостолот што го прочитавме на светата Литургија, го имаме одговорот на прашањето – како да им служиме на малите браќа Христови, односно на бедните и на тие кои имаат потреба. Како што се расправа во апостолот, бројот на верниците постојано се зголемувал. Не само што многу мажи и жени го примале христијанството туку и многу еврејски свештеници постанале ревносни христијани. Оние кои поверувале во Господа постанувале нова твар, односно нови луѓе. Имале нови мисли, нови чувства и воделе нов живот, исполнети со вера во Господа и љубов помеѓу себе. И првите христијани претставувале едно братство, не само духовно туку и материјално. Помеѓу нив немало сиромаси и богати. Се чувствувале како едно семејство. Како што се кажува во делата апостолски, живееле заедно и сѐ им било заедничко (Дела. 4, 32,34,35).

Апостолите биле зафатени со проповедање на словото Божјо и не можеле да посветат доволно внимание околу контролата во раздавањето на помошта на вдовиците и сиромасите. Па така, настанала голема расправија, која добила големи размери на незадоволство. Тогаш апостолите се собрале на собрание и заклучиле дека не е добро тие да го остават словото Божјо и да се грижеле за трпезите. Предложиле да се изберат седум души, со добро име, исполнети со Дух Свети и со мудрост, кои ќе ги постават на таа служба, а тие, пак, ќе бидат во служба на молитвата и на словото. Овој предлог бил прифатен и биле избрани седум ѓакони, и тоа: Стефан, Филип, Прохор, Никанор, Тиман, Пармен и Николај (Дела. 6, 3-5).

Од денешниот апостол извлекуваме поука дека апостолите полагале голема грижа и за задоволување на телесните потреби на христијаните. Но, на апостолите им претстоела поважна задача, да го проповедаат словото Божјо, додека, пак, предложените седум ѓакони да се грижат за сиромасите. Тоа е една светла страница во животот на првите христијани.

Затоа и ние, како христијани, да се предадеме во служба на Бога и на ближните, должности што и ни се препорачани во денешното Евангелие и во апостолското четиво. Да се потрудиме секој од нас да принесе боговдахновен и благоухан мирис, та да го помажеме Христовото тело, а истовремено да одделиме и од своите средства и од своето време за грижа бедните и за оние кои имаат потреба. Зашто најпријатни благоуханија за Бога се делата на милосрдието и љубовта. Тоа е мирото со кое би ги помажале болките и страдањата на оние кои се во беда и сиромаштија. И ние да бидеме доследни подражатели на жените мироносици и вистински заменици на седумте ѓакони, кои во Ерусалимската црква се грижеле за бедните и вдовиците.

Христос Воскресе!

     Жени мироносици

                                      19.05.2024 г.

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Ноември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
26 27 28 29 30 31 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 1 2 3 4 5 6