Почитувани верни чеда на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, во деновите што следат, поточно на 08 и 09 јуни 2024 година, во нашиот славен и древен Охрид, ќе биде одбележан важен настан за нашата света Црква, а тоа е канонизацијата на светите исповедници Спасе и Спаса Вишенски. По тој повод, на 08 јуни, во 16.00 часот, во храмот „Св. Атанасиј“ во с. Вишни, ќе биде отслужена Вечерна богослужба и измивање на моштите. Во 17.00 часот, во храмот „Св. Софија“ во Охрид, ќе биде отслужена Вечерна богослужба, на којашто ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, а по завршувањето на Вечерната, ќе бидат пречекани моштите на Вишенските светии, кои и ќе бидат изложени во храмот. Потоа ќе биде направен и последниот парастос. Утредента, на 09 јуни, во храмот „Св. Софија“ ќе биде отслужена света архиерејска Литургија, на којашто ќе чиноначалствува Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, во сослужение на повеќе архиереи и свештенослужители, а на Литургијата ќе биде и официјално објавена одлуката за канонизацијата на Вишенските светии. Го повикуваме верниот народ да се приклучи на овие историски збиднувања од животот на нашата света Македонска црква, заедно и да ги пречекаме моштите на светите на Вечерната, кога ќе може и да се поклониме на светите мошти, како и сите заедно да земеме учество во официјалната канонизација и во едната света Чаша.