Почитувани верни чеда на Дебарско-кичевската епархија, во прилог Ви ја пренесуваме беседата од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во Неделата по Вознесение - Неделата на светите отци од Првиот вселенски собор. 

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Пазете се, да не ве излаже некој (Мт. 24, 4).

Господ Исус Христос многупати со овие зборови ги предупредувал Своите ученици. Господ ги предупредувал дека ќе дојдат денови кога мнозина ќе станат против нив. Сепак, најопасни и зли непријатели на Неговите последователи нема да бидат само неверниците и јазичниците, но ќе се појават и такви непријатели од средината на самите христијани. Кои се тие лажни христијани кои ќе се јават на христијанска почва? Тоа се разните еретици и лажни учители, кои погрешно и изопачено ќе го разбираат и проповедаат Христовото учење.

Од денешниот апостол на светата Литургија, слушнавме што им зборува св. ап. Павле на Ефесјаните за гревот. Во пораката тој постојано посочува дека тие треба најнапред да внимаваат на себеси, т.е. со својот личен живот вера и дела да не дадат повод да се јават такви лажни учители, а откако ќе внимаваат на себе, тогаш да внимаваат и на целото нивно стадо, врз кое Светиот Дух ги поставил да бидат епископи. Освен тоа, им порачува да бидат и будни, за да можат да го пазат стадото. Но, каква опасност им претстои, па да бидат внимателни над себе и повереното им стадо? Светиот ап. Павле вели: Бидејќи знам дека по моето заминување ќе се втурнат меѓу вас лути волци, кои нема да го штедат стадото (Дела. 20, 29).

И, навистина, такви лути волци се појавиле среде христијаните кои не го штеделе Христовото стадо. Се појавиле еретици и лажни учители кои ја изопачувале вистината на христијанството и мнозина привлекле кон нив. Но, од друга страна, Бог испратил достојни пастири, кои достојно и смело ја бранеле вистината, внимавале на себе и на паствата, и биле будни на Божјата стража, па, и покрај многуте страдања и беди, го запазиле повереното им од Бога стадо, што им било дадено од Него како залог на Христовото учење.

Затоа и денешната недела, која е пред Педесетница, светата Црква ја посветила на на еден дел од застапниците на Христовото учење. Тоа се светите отци кои учествувале на Првиот вселенски собор, каде што било осудено лажното учење на еретикот Ариј.

Засветлила Црквата Христова како сонце помеѓу облаците на многубожечката заблуда, се расцутила помеѓу трњата уште од првиот ден на појавувањето. Таа била предмет на многубожечките и јудејските прогонства. Полни триста години незнабошците во сојуз со Јудејците ја прогонувале и мачеле христијанската заедница. Прогонството започнува со императорот Нерон, а завршува со Јулијан Отпадник. Се појавиле милиони маченици, се леела маченичка крв која започнала со архиѓаконот Стефан и св. ап. Петар и Павле, и достигнала до небројно мноштво како што се ѕвездите на небото. Но, и покрај сето тоа, не можеле да го сопрат победителниот од на христијаните. Па, така, во времето на царот Константин Велики, христијанството ќе биде признаено како државна религија. Христијанството ќе ги победи и јазичништвото и јудејството.

Црквата не успеала да се израдува на победата врз многубоштвото и јудејството. Уште неисушена крвта на мачениците со која била поросена целата Римска империја, Црквата требало да се бори со нови непријатели, но овој пат внатрешни. Тоа се еретиците и разните остатоци, главно од Јудејството. Не еден туку цели пет века разни еретици ќе ја потресуваат Црквата, и слични на оние лути волци, ќе ја распнуваат Христовата паства. Една од најопасните ереси, која долго време ќе ја вознемирува Црквата, е аријанството. Основател на оваа ерес е еден александриски свештеник со име Ариј. Овој презвитер погрешно учел за Господа Исуса Христа, во најкратки црти го порекнувал Божеството на Господа Исуса и Го третирал како Божјо создание. Затоа Црквата била принудена да го свика Првиот вселенски собор во Никеја, во 325 год, каде што учествувале 318 отци. Во првите седум члена на Символот на верата е изложено православното учење на Црквата за Синот Божји. Мнозина се вратиле од заблудите што велеле: не е важно во што веруваш, туку како живееш. Додека, пак, Христовото учење вели дека за добар живот, треба да имаме стабилна вера.

Па и ние да се пазиме да не бидеме излажани од некои лажни учители. Да се пазиме од еретиците и лутите волци, секогаш да имаме тврда и непоколеблива православна вера. Да внимаваме на себе, односно на нашиот живот, да не даваме повод некој да отпадне од верата, да бидеме внимателни и кон другите наши браќа, за да не се вовлечат во лажни учења. Да бидеме бодри и будни на духовната стража, како што биле будни светите отци од Првиот вселенски собор, кои денеска ги прославува светата Црква. Амин.

                       Недела на св. отци од Прв вс. собор

                                            16.06.2024 г.

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1