„Кога изворот на Духот дојде на земјата разделувајќи се духовно ви вид на огнени реки, ги пороси апостолите просветлувајќи ги, и беше како облак кој освежува. Преку него ние ја примивме благодатта, преку огнот и водата. Светлината на Утешителот дојде и светот го просветли“ (седален на Утрена во Понеделникот на Светиот Дух).
На 24.06.2024 година, во Понеделникот по Педесетница, кога Го прославуваме Светиот и Животворен Дух, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, протоерејот Горан Ставрески, свештеникот Ѓорѓи Блажевски, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Денеска го прославуваме роденденот на нашата света православна Црква. На денешен ден пред повеќе од две илјади години е поставен камен темелникот врз кого се ѕида Црквата Христова од тогаш до денеска, и врз кого ќе се ѕида до крајот на времињата. Спасителот говор за тој цврст камен темелник на Својата Црква за време на Својата јавна проповед на земјата: На тој камен ќе ја изѕидам Црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат (Мт. 16, 18).
Камен темелникот за кој зборува Господ Исус Христос и врз кого треба да се соѕида Неговата Црква не е обичен камен, каков што ние најчесто поставуваме во темелите на нашите домови или во други градби туку тоа е цврстата и силна вера во Бога. Цврста како најтврда карпа, способна да ги издржи не само тежината на зградата туку и да одолее на сите тешкотии и бури што би навалувале врз неа, дури да одолее и на пеколните сили и неговите мрачни дејства.
Но, каде да се најде таквата силна вера во ова време или каде да најдеме таков камен темелник за таквата Црква Христова? Апостолите Христови, Неговите најблиски ученици и соработници, сето време за животот и работата на Господа Христа на Земјата биле колебливи и несигурни. Нивната вера во саканиот Учител честопати била во големо искушение, често се соблазнувале од Личноста на Господа, како и останатите Негови современици. Светото Евангелие е полно со конкретни примери на нивни сопнувања и паѓања, со примери како Спасителот ги теши и охрабрува, па дури и прекорува за нивното маловерие. Светите апостоли биле оптоварени со разни човечки предрасуди, форми и обичаи, како и нивните современици, и не можеле со нивните сопствени сили да се издигнат и да ја согледаат својата духовна реалност. Нивната несигурност особено се покажала за време на страдањата и распнувањето на Господа Исуса Христа, кога од страв се разбегале како јато птици кога врз нив ќе се фрли камен. А врз нивната вера требало да се основа Црквата Христова. Нивната вера требало да биде основен камен на идната зграда на Црквата Христова. На апостолите им била потребна помош одозгора од Бога, од Духот Свети. Тоа Му било добро познато на Господа Христа, па затоа и им вели: Јас ќе Го помолам Отецот, и Он ќе ви даде друг утешител за да биде со вас довека, Духот на вистината, Кого светот не може да Го прими, зашто не го виде ниту го познава; а вие Го познавате, зашто во вас е и во вас ќе биде (Јн. 14, 16-17). Христос потоа уште еднаш ги охрабрува апостолите: А Утешителот, пак, Духот Свети, Кого што Отецот ќе Го испрати во Мое име, Тој ќе ве научи на сѐ и ќе ви напомни за сѐ што сум ви зборувал (Јн. 14, 26),
Во педесеттиот ден по Воскресението, слегол Светиот Дух врз апостолите во вид на пламени јазици и застанал врз секого од нив, како што е и опишано во Делата апостолски, а како што слушнавме денеска од апостолското четиво за време на Литургијата. Од овој момент настапил пресврт кај светите апостоли. Дотогаш колебливи, плашливи и несигурни, сега тие постануваат столбови на Црквата Христова и како на крилја ја минуваат тогашната Римска империја и ја пренесуваат науката Христова, па и надвор од нејзините граници. Светиот Дух преку Неговите благодатни дарови им го просветлил умот и им го разведрил нивниот духовен хоризонт. Нивните срца биле исполнети со мир и љубов и отрпнале од секаков страв, а нивната волја била упатена само кон доброто и кон зацврстување во истото. Од денешниот ден, односно од преобразбата на апостолите, започнува да се ѕида Црквата Христова врз цврст и сигурен темел. Затоа и рековме на самиот почеток дека славиме роденден на Црквата Христова.
Кога еден уметник сакал со слика да ја претстави Црквата Христова, тој долго време се мислел како треба да изгледа таа слика, па со еден поглед да се искаже нејзината суштина. Најпосле се одлучил и насликал еден голем факел што ветерот го дува на разни страни, но факелот опстојува и дава отпор на ветровите и не се гаси. И, навистина, нема подобра слика за да се претстави Црквата Христова, бидејќи таа во текот на вековите се сретнала со разни потешкотии, како пламенот на ветрот, но ги надминала сите потешкотии и останала до денеска. А уште колку ќе остане и опстои понатаму зависи од нас и од цврстината на нашата вера. Секој еден од нас е мал камен, кој се вградува во таа величествена зграда која се нарекува Црква Христова. Но, не во секој случај, не по автоматизам се вградува нашиот камен туку само во случај да е добро обработен и да е од оној квалитет што му одговара на Мајсторот. Доколку не му одговара, Мајсторот ќе го фрли како нескладен и лош.
Господ Бог, вечниот Ѕидар и Мајстор, да не нѐ отфрли туку со Негова помош да нѐ вгради во Својата Црква. Но, за да нѐ вгради, потребно е секој од нас да е исполнет со благодатните дарови на Светиот Дух, со оние дарови кои на денешен ден ги излил врз апостолите во Ерусалим. Затоа да се потрудиме со сите наши сили и да измолиме да се всели Светиот Дух во нас, та преку Него да се вклучиме во величествената зграда – Црквата Христова, та да постанеме вистински делови на Телото Христово и наследници на вечното Царството на небото. Амин.
Духовден – втор ден
Храм „Св. Софија“ Охрид
24.06.2024 г.