„Денес, од неплодна утроба, на земјата се раѓа ѕвездата над ѕвездите - од Бога возљубениот Јован Претеча, кој ја покажува светлината Христова, Истокот од висините, за да им го покажува патот на верните“ (хвалитна стихира на празникот Рождество на св. Јован Крстител).

 

На 07.07.2024 година, денот кога го прославуваме празникот Рождество на чесниот, славен пророк, Претеча и Крстител Јован, како и во Втората недела по Педесетница, во храмот „Св. Никола“ во Вевчани, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Ромео Петрески и Христијан Костоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Неволја и мака за секоја човечка душа која прави зло (Рим. 2, 9)

Според уставот на светата Црква, од Воскресението Христово до Педесетница апостолските четива за неделните и делничните денови се земаат само од книгата Дела апостолски. Во овие четива се расправа за Воскресението и Вознесението Христово и за слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, како и за нивната проповедничка дејност по селата и градовите каде што го сееле словото Божјо. Додека, пак, денешната недела, која е втора по Педесетница, апостолските четива се земаат од апостолските посланија испратени до разни христијански цркви. Еве денеска слушнавме послание земено од св. ап. Павле до Римјаните. Ова послание е проникнато со една општа мисла. Таа мисла, многу честа во сите посланија на св. ап. Павле, е оправдувањето на грешните пред Бога преку верата во Исуса Христа. Спасението, како на Јудеите така и на јазичниците, се дава според милоста од Бога, а не по некаква заслуга, зашто сите сме грешници пред Бога. Згрешиле Јудеите бидејќи не го запазиле законот Божји даден за нив преку Мојсеј. Згрешиле и јазичниците, зашто го нарушиле законот Божји напишан во нивната совест. А грешењето води кон неволја и мака. Како што вели апостолот: Неволја и мака за секоја човечка душа која прави зло (Рим. 2, 9).

Неволја и мака за секоја човечка душа, а пред сѐ за Јудеите и Елините. Неволја и мака за душата на Јудејците бидејќи го знаеле Божјиот закон и го нарушувале. Неволја и мака за душата на Елините, кои немале пишан, но имале непишан закон, што бил изрежан на таблиците од нивната совест, и го нарушувале. Кај Јудејците пишаниот закон им заповедал: не убивај, не кради, не прељубодејствувај. Истото кај Јазичниците им го заповедала совеста, зашто совеста е Божји глас. Тоа што го говори совеста е заповедта Божја, и затоа совеста го мачи грешникот. По законот на совеста Бог ќе ги суди грешниците кои живееле до Христа, и затоа никој нема да може да се оправда со незнаење на законот. Никој не може да го избегне Божјиот суд, ниту Јудејците, ниту Елините, ниту обрезаниот, ниту необрезаниот. Сите ќе застанат пред лицето Божјо на суд и ќе примат според делата свои, едни според пишаниот Мојсеев закон, а другите, пак, според законот на совеста. Како што рековме, неволја и мака за секоја човечка душа која прави зло.

Светата Црква, пренесувајќи ни ги овие зборови од св. ап. Павле, сака да ни одговори на едно многу важно прашање кое сите нѐ интересира, односно од каде доаѓаат неволјите и маките во животот? Одговорот е многу јасен – од злото што го правиме во нашиот живот. Ако престанеме да правиме зло ние го пресекуваме коренот на маките и неволјите во животот. Ако не се откажеме од злото поаѓаме во маки и во лоши дела и никогаш нема да се избавиме од маките и страдањата во нашиот живот.

Па и ние, излегувајќи од овој свет храм со мир и љубов, да извлечеме голема поука од денешниот апостол, и да разбереме дека злото раѓа само неволја и мака. Ако сакаме да нема неволји и маки во нашиот живот, во нашите домови, во нашите семејства, во нашиот народ, да престанеме да правиме зло. А, напротив, да правиме добри дела, и тогаш место мака и страдање во нашиот живот ќе имаме радост и веселба.

Во оваа недела ние го прославуваме и раѓањето на св. Јован Крстител и Претеча Господов. Овој Божји угодник бил измолен од неговите праведни родители Захариј и Елисавета. Роден во човечки години кога сите природни законитости зборуваат дека е невозможно да се има пород. Но, милоста Божја се излеала врз Захариј и Елисавета и Бог им дал чедо кое ќе го добие името Јован, а кој ќе биде предвесник и силен проповедник на доаѓањето на Господа Исуса Христа. Тој ќе се удостои да Го крсти Спасителот во реката Јордан и ќе Го претстави како Јагне Божјо Кое доаѓа во светот за да ги земе гревовите на луѓето врз Себе, та да ги принесе пред Бога како жртва искупителна и да го спаси човечкиот род од погибел.

Да се обратиме со молитва кон св. Јован, како најголем меѓу мажите роден од жена. Тој со молитви да се застапи пред престолот на Севишниот, да ни ја засили верата и да ни ја умножи љубовта. Па, и ние, како христијани кои го знаеме законот Божји и како луѓе со совест, да го избегнуваме злото и да правиме добри дела. Така да измолиме од Бога милост и спасение за нашите души, сега и во сета вечност. Амин.

    Втора недела по педесетница и Иванден

                                                храм „Св. Никола“ Вевчани

07.07.2024 г.

 

ivanden2024 1

ivanden2024 2

ivanden2024 3

ivanden2024 4

ivanden2024 5

ivanden2024 6

ivanden2024 7

ivanden2024 8

ivanden2024 9

ivanden2024 10

ivanden2024 11

ivanden2024 12

ivanden2024 13

ivanden2024 14

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Септември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
31 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 1 2 3 4