„Сигурните и богогласни проповедници, врвот на апостолите Твои, Господи, си ги примил во наслада и покој на Твоите добра, бидејќи нивните страдања и смрт си ги примил подобро од секоја првина, Ти, Кој единствен знаеш да ги читаш срцата на луѓето“ (кондак на Утрена на св. ап. Петар и Павле).

На 12.07.2024 година, денот кога го прославуваме споменот на светите славни, сефални и првоврховни апостоли Петар и Павле, во храмот „Св. Петар и Павле“ во Кичево, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрфор Никола Христоски, свештениците Александар Матески и Александар Крстаноски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Денеска нашата Црква ги прославува првоврховните апостоли Петар и Павле. Речиси во сите цркви денеска се служи Литургија во нивна чест. Луѓето ќе сплетат уште еден венец за апостолите. Па и ние да не заостануваме со прославувањето според можноста на нашите сили и да додадеме неколку скромни цветови на венецот на апостолите.

На кој начин можеме тоа да го постигнеме? Ќе го постигнеме ако ги запознаеме духовните својства на св. апостоли и добродетелите што ги краселе во нивниот живот и работа. Или, можеби, подобро е да се каже да спознаеме кој апостол со што се прославил на земјата и на небесата. Да ги спознаеме нивните животи и да ги подражаваме, па да се исполниме со големо чувство на љубов и благодарност кон нив. Зашто тие со својот живот го исполниле законот Божји и го прославиле името Божјо во светот, и затоа Бог нив ги прославил на небесата.

Кои се тие духовни својства и добродетели што ги имале ап. Петар и Павле? Евангелска скромност во сите дела и прилики во животот. Жива и цврста како карпа вера во Господа Исуса Христа, како во Син Божји, и непоколеблива надеж во Бога. Чиста и благородна љубов кон Бога и кон луѓето. Кротост кон сите и секого, а особено кон оние кои биле жедни за вистината Божја. Трпение кое било рамно на ангелското трпение. Ревност за вистината и правдата, потполна воздржливост и самоодрекување од угодување на телото. Потполна светост во животот. Ете тоа биле главните особини на нивните карактери.

Да наведеме еден пример за силна вера од животот на апостолот Петар. Кога современиците на Господа Исуса Христа различно размислувале за Него и не верувале во Него како Син на Живиот Бог, а на прашањето на Исуса Христа: А вие што мислите, Кој сум Јас? (Мт. 16, 15), ап. Петар веднаш и без никакво размислување одговорил: Ти си Христос, Синот на Живиот Бог (Мт. 16, 16). Ете колку силно и цврсто апостолите ја пројавувале верата во Господа Исуса Христа како Син Божји. Затоа и Христос му вели на Петар: Блажен си ти, Симоне, и уште го нарекол камен (Мт. 16, 18), и од тој момент апостолот го добил името Петар, што и значи камен. Христос уште и додава дека на тој камен ќе ја соѕида Својата Црква, која ќе даде отпор на сите адски сили и зла, и никогаш нема да биде надвладеана. Ап. Петар потполно ја оправдал довербата на својот Учител, и до крајот на својот живот останал верен на Господа Христа, запечатувајќи ја својата вера со маченичка смрт. Бил распнат во Рим на крст, како и неговиот Учител, со таа разлика што главата му била свртена кон земјата.

Да кажеме неколку зборови и за св. ап. Павле. Овој апостол најпрвин бил гонител на христијаните. Но, по неговата чудесна средба со Исуса Христа на патот за Дамаск, тој потполно се изменил во своите мисли и намери, во срцето и животот. Само по три дена од неговото обраќање, тој отворено пред Јудејците и многубошците Го исповедал Исуса Христа како Син Божји. Неговата вера во Господа Исуса Христа, како во Син Божји и Спасител на светот, била толку силна и жива што тој веднаш почнал да прави чуда. Св. ап. Павле ја пренел верата во Господа Христа преку целата тогашна Римска империја, проповедајќи секаде и на сите, во време и невреме, претрпувајќи секакви беди и неволји, затвори и тепања, и на крај маченичка смрт во Рим.

Љубовта кон својот Учител, Господ Исус Христос, со која биле исполнети срцата на ап. Петар и Павле, не знаела за пречки и тешкотии. Тие не се плашеле од никакви страдања или лишувања во животот. Во ниту еден момент не престанеле да ревнуваат за Христа. И дали е можно со нашите зборови достојно да ги пофалиме делата на ап. Петар и Павле? И дали можеме достојно да се восхитиме на нивната силна вера, надеж, јунаштво, љубов, истрајност и покажани дела? Нашите зборови се слаби за да ги воспеат нивните заслуги, а на кои се восхитувале и ангелите на небото. Кога би сакале, пак, да се споредуваме себеси со нив, како би изгледале? Ќе бидеме само прашина што ја газат луѓето по патот, вејка што секој ветер ја вее на сите страни. Но, затоа, пак, ни останува да се молиме на Бога, а Бог, преку молитвите на св. апостоли, да ја утврди нашата вера и да нѐ спаси од паѓање во различни гревови.

Да додадеме дека апостолите имале ум, срце и уста Христови. Тие цел свет го просветлиле со учењето Христово и сите народи ги привеле кон Христа. Тие оттргнале од устата на гревот безброј човечки души. Донеле во светот мир и просветување и препород. Тие ја востановиле Црквата Христова, ги утврдиле богослужбите и светите Тајни и по нивните молитви стоиме во верата на благочестивоста. Тие го посеале семето на нетрулежноста и светоста во срцата на луѓето.

И ние, денеска собрани во овој свет храм, да се поучиме од примерите на св. ап. Петар и Павле. Да се поучиме од нивната вера, надеж, љубов, чистота, кроткост, смиреност, трпение и предаденост на волјата Божја, од нивното самоодрекување и воздржување и од нивната храброст. Господ Исус Христос да ни ги даде и нам сите овие добродетели, а без кои не можеме да правиме ништо добро. По молитвите на св. ап. Петар и Павле, така нека биде. Амин.

                   Св. ап. Петар и Павле

Храм „Св. Петар и Павле“ Кичево

12.07.2024 г.

 

petrovden24 1

petrovden24 2

petrovden24 3

petrovden24 4

petrovden24 5

petrovden24 6

petrovden24 7

petrovden24 8

petrovden24 9

petrovden24 10

petrovden24 11

petrovden24 12

petrovden24 13

petrovden24 14

petrovden24 15

petrovden24 16

petrovden24 17

petrovden24 18

petrovden24 19

petrovden24 20

petrovden24 21

 

М

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Септември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
31 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 1 2 3 4