„Хорот на светите се радува во вековите, зашто го наследија Царството Небесно; земјата, откако ги прими нивните мошти, изпушта блага миризба; откако се вселија во вечниот живот, станаа слуги Христови“ (хвалитна стихира на Утрена на св. бесребреници Козма и Дамјан).

.На 14.07.2024 година, кога го славиме споменот на светите бесребреници и чудотворци Козма и Дамјан, Римските маченици, во храмот „Св. Козма и Дамјан“ („Св. Врачи“) во Пештани, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Ристе Ристевски, свештениците Атанас Казанџиски и Димче Азески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Денешното неделно евангелие дава повеќе поуки за нашиот привремен живот на земјава, а кој ни е даден како подготовка за вечниот живот во небесното Царство во прегратките на Небесниот Отец. Од повеќето поуки што ги слушнавме во светото Евангелие, а заради нашето духовно изградување и спасение, ќе избереме само една за која би сакале денеска да зборуваме во оваа беседа.

Во денешното Евангелие, а тоа е дел од прочуената беседа на гората, Господ Исус Христос им го изложил на апостолите и на народот Својот нов закон. Според овој закон луѓето треба да се владеат за да постанат учесници во вечната радост во која се повикани сите како деца Божји. Да слушнеме што им вели Господ на учениците и на народот, а преку нив и нам, кои сме се удостоиле да се нарекуваме Негови следбеници и да се нарекуваме христијани: Никој не може да им слугува на двајца господари (Мт. 6, 24).

Оваа поука е едноставна и јасна како сончев ден Господов. Никој не може да служи на двајца господари, се разбира, тоа се два господара кои се на сосема спротивни страни, онака како што се Бог и сатаната. Зашто едниот ќе го мрази, а другиот ќе го сака, или за едниот ќе се приврзе, а за другиот нема да се грижи. Значи не може да служиме на едниот и на другиот, на Бога и на ѓаволот. Тоа значи или ќе служиме на Бога или на гревот, односно на демонот. Трето нема и не постои.

Ние како христијани се определивме за Бога. Бог за нас е целосна добрина, љубов, правда, вистина, мир и живот. Демонот е негов антипод, вистинска спротивност на Бога. Демонот е зло, омраза, неправда, лага, немир, борба и смрт. Ние кои сме се определиле за Бога, за спас на душата и за вечен живот, во чудење се прашуваме дали навистина има некој помеѓу живите луѓе кој се определил за демонот, за злото, омразата, лагата, неправдата, за војна и за смрт? Но, за жал, има, бидејќи тој не се појавува како ѓавол и како смрт. Тој го менува својот лик и најчесто се појавува како мамон, како божествено богатство кон кое луѓето се многу слаби. Злото, парите и богатството од овој свет за луѓето се многу привлечна работа. Тоа им овозможува удобен живот во овој свет, без никакво одрекување од нешто. Токму поради тоа, демонот преку парите и преку среброљубието ги лови своите жртви многу лесно и многу вешто.

Вистина е дека на луѓето им се потребни материјалните средства, потребни им се леб, храна, облека, обувки и пари. Во таа грижа да го одржи својот живот, човекот започнува да создава средства и залихи. Сѐ поголемиот залог му постанува сѐ посладок. Парите се привлечни како некој магнет и човекот сѐ повеќе се впушта во трка за собирање на материјални добра, за на крај освен пари ништо вредно да не гледа во животот за кое што би се грижел. Тогаш демонот го зел целосно под своја команда. Зеницата толку му се проширила за материјални добра што постанал среброљубец, заведен поклоник на мамонот. Како таков тој повеќе не бира никакви средства за исполнување на својата цел. Природни му стануваат и лагата и кражбата и подметнувањата, убиствата и слично. Сѐ си дозволува само полесно да дојде до поголемо богатство и поголемо уживање. Во трката за богатство, совеста полека му се скратува, и неговиот ум и срце му се насочени единствено кон пари, сребро и материјални добра. За Бога, за душата, за вечниот живот потполно заборава. Така, на својата стеснета и помрачена совест често ѝ вели: Нема Бог! И целосно се предава на мамона. Така човекот се одлучува за господарот на злото, лагата, неправдата, смртта и ѓаволот. Има многу патишта кои водат во устата на демонот, но еден е најпривлечен, а тоа е среброљубието.

Црквата знае дека човекот треба да се грижи и за своето тело, за храната, облеката, обувките, но во таа грижа не треба да се претерува па да се постане роб на материјалните средства. Човекот треба да е нивен господар и да ги прибира онолку колку што му е потребно за одржување на животот и прославување на Бога.

Токму така го разбирале животот и светите бесребреници Козма и Дамјан, чиј спомен денеска го празнуваме. Тие ништо од овој свет не прибирале за себе туку сѐ раздавале на други и така Го славеле триединиот Бог: Отецот, Синот и Светиот Дух. По нивните молитви Бог да ни даде разум и сила, па и ние да го разбереме патот на чесноста и патот Христов. И ние да измолиме спасение за нашите души, сега и во сета вечност, а по молитвите на светите бесребреници Козма и Дамјан, така нека биде. Амин.

        Трета недела по Педесетница и св. Козма и Дамјан

                                                  Храм „Св. Козма и Дамјан“ Пештани

14.07.2024 г.

 

svvracilet2024 1

svvracilet2024 2

svvracilet2024 3

svvracilet2024 4

svvracilet2024 5

svvracilet2024 6

svvracilet2024 7

svvracilet2024 8

svvracilet2024 9

svvracilet2024 10

svvracilet2024 11

svvracilet2024 12

svvracilet2024 13

svvracilet2024 14

svvracilet2024 15

svvracilet2024 16

 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Септември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
31 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 1 2 3 4