„Мудро испитан во воздржување, како злато во огнена печка, се покажа уште посветол, преподобен Прохоре. Затоа премина во Небесното царство. Поради ова, со вера славејќи те, викаме: Отче, испроси за нас благодат, милост и очистување на нашите гревови“(седален на утрена на празникот на преп. Прохор Пчински). 

 

На 01.11.2024 година, денот кога го прославуваме споменот на преподобниот Прохор Пчински, во ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Никодим и свештеникот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Во почетокот, нашите прародители Адам и Ева не знаеле што е несреќа ниту, пак, што е грев, болка и мака. Библијата зборува дека несреќите започнале после првородниот грев. Со други зборови, злото започнало со откажувањето на послушноста кон Бога. Тоа е всушност бегство од Него, и тоа бегање со мисли, зборови и дела. Така злото се множело и живеело како некоја тешка духовна и телесна болест.

Бог има речено: Јас сум твојот Бог, немој да имаш други богови освен Мене (2. Мој. 20, 2-3). Свртувајќи Му го грбот многу често на Бога, човекот барал други богови. Тој не престанал да верува. Губењето на вера во вистинскиот Бог секогаш води во верување во идоли. Дали тие идоли се луѓе или предмети или некои измислени идеи не е ни толку суштинско. Важно е дека човекот редовно ја заменува вистинската вера со идолопоклонство или суеверие.

Св. ап. Јаков вели: Приближете се кон Бога и Тој ќе се приближи кон вас (Јк. 4, 8). Но, се поставува прашањето: како и на кој начин? Приближувањето мора да биде и со мисли и со зборови и со дела. Многу често се повторуваат во Светото писмо зборовите на Исуса Христа: Дојдете кај Мене... (Мт. 11, 28). Дојдете без да се грижите какви тешки бремиња носите на вашите плеќи. Дојдете не за да ви се суди туку за да ви се опрости. Дојдете вие навредени, понижени, отфрлени и запоставени. Бог ќе ве прифати ако се покаете и ако искрено Му пристапите. Ако целиот свет ве отфрли од себе и ако се откаже од вас, Бог никогаш нема да се откаже и ќе се смислува над вас. Дојдете сите без разлика на возраст, положба, знаење, образование, зашто Бог Отецот е еднаков кон сите и подготвен е да го израдува секој кој Му пристапува со вера, надеж и љубов. Бог ги чека сите на правиот пат. Бог сите подеднакво ги посакува – дојдете кај Мене. Дојдете и вие кои сте ги изгубиле сите надежи насреде неприликите во вашиот живот. Пред Бога нема ниедна изгубена војна ниту, пак, изгубена ситуација. Потребно е само човекот да ја послуша онаа порака на ап. Јаков: Приближете се кон Бога и Tој ќе се приближи кон вас (Јк. 4, 8).

Бог е Секадеприсутен, а, според тоа, близок е и кон секој човек, зашто Он стои пред вратите на секое човечко срце и  тропа (Откр. 3, 20). Потребно е само да се отвори вратата. Бог не влегува во човечкото срце преку силата на Својата семожност туку само по патот на слободната волја, презентирана од страна на човекот. Во спротивно, нема да постои духовна и морална слобода, и слободен однос помеѓу Бога и луѓето. Затоа и Спасителот многу често ни вели: Ако некој сака да оди по Мене... (Мт. 16, 24). Го прашале некој човек, како најбрзо стасува до престолнината? Одговорот гласел: најбрзо стигнувам кога одам во друштво на добар пријател. Слично на ова, човекот најбрзо и најдобро стасува до својата животна цел кога оди со својот Бог, како што зборува пророкот, бидејќи Он е најголем пријател на луѓето. Спасителот често ги прашува луѓето кои Му пристапувале: Дали веруваш? Можеш ли да веруваш? А верата се постигнува со љубов кон Бога и исполнување на Неговите заповеди, кои се всушност и најголемиот закон на моралното однесување на луѓето. Луѓето се приближуваат кон Бога верувајќи во Него и разговарајќи со Него преку молитвата. Животот на луѓето е таков што секој ден имаат што да Му кажат на Бога, но, исто така, имаат потреба и да чујат што ќе им каже Бог на нив. Затоа и апостолот Павле вели: Бог кој во старо време, откако многупати и на многу начини ни зборуваше (Евр. 1, 1).

Ние денеска го прославуваме преп. Прохор Пчински, кој живеел во XI век и се подвизувал на планината Козјак. Со својот начин на живот, изразен преку подвигот, молитвата и постот, тој ни дава пример како да се доближиме до Бога и Бог кон нас. Примерот на св. Прохор Пчински ни укажува и ни упатува многу јасна порака, односно како се исполнува евангелскиот завет: Приближете се кон Бога и Он ќе се приближи кон вас. Да се обратиме со искрена молитва кон св. Прохор Пчински, тој со неговите молитви да измоли милост пред Бога за нас. Па и ние како христијани да се приближиме кон Бога, а и Бог кон нас, а за спасение на нашите души, сега и во сета вечност. Амин.

Св. Прохор Пчински

01.11.2024 г.

                Ман. „Св. Климент Охридски“ – Плаошник, Охрид

                                            

prepprohor24 1

prepprohor24 2

prepprohor24 3

prepprohor24 4

prepprohor24 5

prepprohor24 6

prepprohor24 7

prepprohor24 8

prepprohor24 9

prepprohor24 10

prepprohor24 11

prepprohor24 12

prepprohor24 13

prepprohor24 14   

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3