„Си воскреснал денес од гробот, Штедар, и нас си нѐ извел од смртните врати. Денес Адам ликува и се радува Ева, а пророците, заедно со патријарсите, непрестајно ја воспеваат моќта на власта Твоја“ (воскресен кондак 3-ти глас, во Недела на утрена).

 

На 10.11.2024 година, во Двесеттата недела по Педесетница и на празникот на св. мч-чка. Параскева Икониска и на св. Димитриј Ростовски, во ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Зворничко-тузлански г. Фотиј од Српската православна црква, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, Неговото Преосвештенство Епископот Шабачки г. Јеротеј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоереите Влада Јевтиќ и Горан Ставрески, свештениците Владимир Периќ и Марко Спасовски, еромонахот Никодим, протоѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Немања Спасојевиќ и ѓаконот Стефан Митровиќ. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто подолу во целост ви ја пренесуваме. На самиот крај, Митрополитот Фотиј се заблагодари на нашиот Митрополит Тимотеј за убавиот пречек и можноста да сослужуваат во Светиклиментовиот манастир, притоа истакнувајќи ја важноста на воспоставеното единство, важност која е од големо значење и за двете сестрински цркви и за двата братски народа. Во продолжение ви ја пренесуваме беседата од Митрополитот Тимотеј.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Ваше Високопреосвештенство, ваше Преосвештенство, чесни отци и драги браќа и сестри,

Како што слушнавме од светото Евангелие, Господ ѝ се обраќа на наинската вдовица која го оплакувала својот единствен син, со зборовите: Не плачи! (Лк. 7, 13). Човекољубецот ѝ ги кажал овие зборови, се доближил до одарот и се допрел до умрениот и му рекол: Момче, тебе ти велам, стани! (Лк. 7, 14). Мртовецот се подигнал, седнал и почнал да зборува, а Тој го предаде на мајка му (Лк. 7, 15). Понатаму уште се вели: И страв ги обзеде сите и Го славеа Бога и велеа: „Голем пророк се јави меѓу нас“ и „Бог го посети Својот народ“ (Лк. 7, 16).

Господ ја спасил од длабока и преголема жалост оваа јадна мајка и ненадејно ѝ приредил неизмерна радост и утеха. Оној Кој е извор на живот и преку Чие учество Создателот на светот и го создал првиот човек, ја претворил смртта на младичот во живот. Со ова чудо Он ја посведочил Својата безмерна љубов и Своето милосрдие кон луѓето, а истовремено им покажал на луѓето дека Он е Син на Живиот Бог.

Мислењето за Исуса Христа, испратениот од Бога, се ширело низ цела Јудеја и околината. Но, не секаде и не секој познал дека тоа чудо е од раката на Месијата, Синот Божји. Во очите на Јудеите, по многуте минати времиња, имало големи пророци, како што бил пророкот Илија, кој го воскреснал синот на вдовицата во Сарепта Сидонска (3. Цар. 17, 17-24). Сето тоа се случувало многу одамна, а ова се случувало пред нивните очи и пред целиот народ. Сето тоа го убедувало народот дека пред нив е голем пророк. Но, кој е Он? И зошто Он прави големи чуда? Зошто без никој да бара, нешто што никогаш не се случувало, Он го воскреснал синот на вдовицата наинска? Св. Лука одговара дека тоа било направено од жалост кон тажната вдовица. Господ се сожали на неа – вели ев. Лука (Лк. 7, 13).

Во лицето на вдовицата, на таа осиромашена мајка, Христос се сожалува кон сите луѓе кои се поразени од гревот, од болестите и смртта. Во солзите на осиромашената мајка Он видел и слушнал илјадници повици од севкупното човештво, кое не може да се помири со царството на смртта, со тој трагичен плач на земјата кој се слуша секаде дури и до ден денешен. Исто онака како што се вели во погребната стихира: Плачам и ридам кога ќе помислам на смртта.

Но, не само сочувството кон човечката мака било причина за воскресение на синот во Наин. Тука била покажана и силата и славата Христова. И иако голем дел од современиците Христови гледале во Него само голем пророк, Кој прави чуда со името Божјо, имало и такви кои во Него виделе и Месија и Син Божји, Кој има власт над животот и смртта во вселената. Такви верни постанале и сите апостоли и ученици на Исуса Христа, а и ние со нив.

Покрај тоа, чудото во Наин било и пророштво за новата епоха, кога смртта ќе ја изгуби власта над луѓето. Ќе настапи ерата кога Бог ќе ја избрише секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина (Откр. 21, 4).

На самиот крај, не можеме и да си преставиме дека Христос, Оној Кој за Себе сведочи дека е воскресение и живот (Јн. 11, 25), и Кој го проповедал Царството Божјо и воскресението на мртвите, можел рамнодушно да помине покрај патот на смртта и жалоста. Он не можел да им дозволи тие да одат по својот пат, кон каменот на пештерата. Христос го воскреснал умрениот и ги потопил сите човечки маки, болки, јадови, затоа што поинаку и не можело да биде. Онаму каде што се појавува Он, таму се отвораат рајските двери, таму нема ни смрт ни жал ни воздишки туку воскресение и бесконечен живот.

Целта на нашиот живот е да се спечали спасение на нашите бесмртни души. Но, тоа не е така лесно, ниту, пак, е можно да се постигне само со слабите човечки сили, без оглед на нашите желби и труд. Неопходна ни е и Божја помош. Затоа непрестајно да Го молиме милостивиот Небесен Бог, Он да погледне кон нас слабите и немоќни. Он да ја излие врз нас Својата благодат и Своето милосрдие, онака како што го излеал врз жената вдовица од градот Наин, како и врз нејзиниот умрен син. Со Својата милост Он им донел неопислива душевна радост и утеха. Знаејќи дека Господ е многумилостив, и дека не ја сака смртта на грешникот, туку да да се одврати и да остане жив (Језек. 33, 11), не се сомневаме дека и нам ќе ни покаже и ќе ја излие големата љубов и дарежливата милост, па и ние да се радуваме со мајката и синот во градот Наин. Амин.

20-та Недела по Педесетница

                                            Ман. „Св. Климент и Пантелемон“ Плаошник, Охрид

10.11.2024 г.

 

20nedpoped24 1

20nedpoped24 2

20nedpoped24 3

20nedpoped24 4

20nedpoped24 5

20nedpoped24 6

20nedpoped24 7

20nedpoped24 8

20nedpoped24 9

20nedpoped24 10

20nedpoped24 11

20nedpoped24 12

20nedpoped24 13

20nedpoped24 14

20nedpoped24 15

20nedpoped24 16

20nedpoped24 17

20nedpoped24 18

20nedpoped24 19

20nedpoped24 20

20nedpoped24 21

20nedpoped24 22

20nedpoped24 23

20nedpoped24 24

20nedpoped24 25

20nedpoped24 26

20nedpoped24 27

20nedpoped24 28

20nedpoped24 29

20nedpoped24 30

20nedpoped24 31

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3