„Ангелските чинови со страв стојат пред Твојот престол, Владико Христе Боже, и оттаму постојано просветлувани со зраци, гласно ти пеат песна победничка: По нивните свети молитви, мир на светот дарувај му, а на душите наши - милост голема“ (стихира на Слава... по Полиелејни псалми).

 

На 21.11.2024 година, денот кога го прославуваме празникот Собор на св. архангел Михаил и на другите бесплотни Сили, во ман. „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света Литургија, на којашто началствуваше архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а беше прочитана и беседата од нашиот Митрополит Тимотеј, којшто ја упати до присутните и до сите верни чеда. Истата ви ја пренесуваме во целост.

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Денеска нашата света православна Црква прославува еден небесен празник, поточно празникот на светите ангели и архангели и на сите бестелесни сили, на чело со врховниот војвода на небесните сили, Архангелот Михаил. Бестелесните сили се жители на небото, па затоа и го нарекуваме овој празник небесен. Но, ако светите ангели се жители на небото, тие се жители и на земјата, па затоа ние луѓето со полно право учествуваме во денешното прославување. Светите ангели, преку нивната служба, им се толку блиски на луѓето што можеме да ги наречеме наши пријатели. Кога ние луѓето би биле почисти и поправедни од тоа што сме, светите ангели би можеле да ги наречеме и наши браќа. Тогаш би можеле да ги видиме со нашите телесни очи и да ја почувствуваме нивната љубов и грижа кон нас. Но, ако сега не ни е дозволено да ги гледаме поради нашите гревови, наложена ни е верата во нив, пропишано ни е почитување на светите ангели и препорачано ни е славење на овие прекрасни и непорочни светители Божји. Верувам дека сега за сега ни е скратено гледањето на ангелите, но не и засекогаш.

Кога смртта ќе го соблече од нашата душа телесниот покров, ние ќе се сретнеме со ангелите лице в лице, и верата ќе стане гледање. Колкава ќе биде радоста наша кога нашите души ќе се ослободат од ова земно прогонство и кога ќе се сретнеме со небесните граѓани! Колкава ќе биде весела средбата со овие бестелесни Божји синови, кои не знаат за грев, ни за страст, ни за смрт, ниту за сите овие проклетства по кои ние луѓето газиме во овој свет како по трње! Тие се истите оние кои му се јавиле на Авраама и му помогнале. Истите тие и денеска се јавуваат и помагаат, но не се умрени туку се живи, и не се остарени туку се вечно млади. Истите оние ангели кои го гледале Адама во рајот, ќе го гледаат и последното воскресение и судот во Царството на светиите.

Семоќниот Бог така премудро го создал и го украсил овој свет што секоја алка од синџирот на сѐ создадено до денес функционира непогрешливо во својата функција. Но, за да ја сподели повеќе Својата бескрајна љубов, Господ ги населил и небото и земјата со разумни битија. Најпрво го населил небото со безбројни ангелски чинови, а потоа земјата со битија малку помали од ангелите – со луѓе (Пс. 8, 5). Како што во видливиот свет и во земната врска е хармонично, така и во духовниот свет и сите разумни битија се тесно соединети. Во синџирот на сите разумни битија, единствено човекот е облечен во распадливо тело и, како немоќен, посебно од моментот на неговиот морален пад, човекот чувствува потреба за помош одозгора. Таа помош, а по волјата на премудриот Промислител, на човекот му ја  укажуваат ангелите чувари.

Целиот наш живот, од раѓањето до смртта, се наоѓа под покровителство на нашиот ангел чувар. Детето уште кога ќе се роди, онака слабо и нејако, не само што чувствува потреба од морална заштита туку чувствува потреба и од заштита од висините. Господ му одредува на секое новороденче уште од моментот на крштевање ангел чувар. Уште повеќе од мајката, ангелот чувар го штити младенецот како најдобро создание Божјо од сѐ што е создадено во овој свет. И, навистина, Бог на секого му одредува ангел чувар, за што ни сведочи и Самиот Спасител, Господ Христос, Кој вели: Гледајте да не презрете едно од овие мали, зашто, ви велам, нивните ангели на небесата постојано го гледаат лицето на Мојот Отец небесен (Мт. 18, 10). Со овие зборови Господ Христос како да сака да ни каже: децата се мали и слаби, и според телесното и според духовното устројство. Но, без оглед на тоа, немојте да ги сметате за ништожни битија и не ги презирајте, зашто тие имаат свои ангели чувари, кои се подготвени секогаш да се застапат пред Бога за доверените им души. И младенците имаат разумна душа, а според својата чистота, невиност и чесност тие се многу поблиски до небесните ангели. Затоа и ангелите непрестајно бдеат над нивните души. Заради таа невиност и чистота на младенците, Спасителот ги сака децата и вели: Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене, и не ги спречувајте, зашто на таквите е царството Божјо! Вистина ви велам: кој нема да го прими царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него (Лк. 18, 16-17). А на друго место вели: Вистина ви велам, ако не се обратите и не бидете како деца, нема да влезете во Царството небесно (Мт. 18, 3).

Затоа и ние во Црквата постојано се молиме во ектенијата: Ангел на мирот, верен раководител, чувар на нашите души и тела просиме. Но, ангелот чувар не се наметнува со сила. Тој нѐ следи и нѐ чува сѐ додека ние не го исфрлиме од нас со нашите беззаконија и лош живот. Ако се покажеме неправедни преку непочитувањето на законот Божји и со грешење, ангелот чувар со жалење нѐ остава, а ние доброволно се предаваме во рацете на демонот.

Да не даде Бог никој од нас да не остане без својот ангел чувар поради наша вина. Но, во ниту еден друг ден не ни е толку наложено да мислиме за ова како што тоа ни го наметнува денешниот ден, кога го славиме денот на светите ангели и архангели.

О, безбројни небесни сили, ангели и архангели, ве молиме ние недостојните, да не нѐ оставите без вашата помош во текот на целиот наш живот. Ве молиме штитете нѐ од секакво зло и од сите видливи и невидливи непријатели. Та сите тие да познаат дека и Бог и сите Негови свети ангели се со нас, сега и во сета вечност. Амин.

 

Св. Архангел Михаил

                                                Ман. „Св. Наум Охридски“  Охрид

21.11.2024 г.

 

svarhmih2024 1

svarhmih2024 2

svarhmih2024 3

svarhmih2024 4

svarhmih2024 5

svarhmih2024 6

svarhmih2024 7

svarhmih2024 8

 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3