Во вера, и надеж, и љубов, и кротост, и чистота, и во свештеничко достоинство побожно си поживеал, незаборавен. Затоа предвечниот Бог, Кому и Му служеше, Самиот Он ќе го всели твојот дух во место светло и прекрасно, каде што блаженствуваат праведниците, и на Христовиот суд ќе добиеш прошка и голема милост (Тропар, глас 2-ри, од свештеничко опело)
Долго време се мислевме со какви зборови да го почнеме овој последен текст и достојно да го испратиме нашиот духовен отец и Владика, Митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, кој цели 43 години ја раководеше оваа благословена епархија и нашиот духовен македонски центар, балканскиот Ерусалим, градот Охрид. Што ќе биде достојно да се каже за овој наш незаборавен духовен лидер, молител, проповедник, застапник, татко, другар, справедлив раководител и верен исполнител на словото Божјо? Тешко е да се мисли и да се зборува кога умот го надвјасуваат темни облаци. Но, сепак, не смееме ниту да плачеме и ридаме како оние кои немаат надеж, зашто Христос воскресна, и стана првина за умрените, и упокоените во Исуса Бог ќе ги приведе со Него (1. Сол. 4, 13-17).
Колку, пак, зборови се потребни да се искаже едно долгогодишно четириесетлетно неуморно неимарство, и духовно и материјално? Малку се овие страници да ја искажат заслугата за сето она што оваа Епархија го доживеа во овие години, за нејзиниот процут и воскреснување, повторно, и духовно и материјално. Зборовите се малку, но делата никогаш нема да умрат. Господ е сведок, а и сите ние кои сме тука сме сведоци на сите изградени храмови, манастири, конаци, камбанарии, црковни дворови, административни згради и не знам уште на колку многу градби. Но, сведоци сме и на делата на неговата архипастирска рака, на речиси сите моментално активни свештеници, на многубројното монаштво, на многуте ученици и студенти за кои безрезервно не штедеше да ги помогне и да ги окуражи да се надградуваат во својата ука, а со цел, сите заедно да бидеме од полза на нашата света Македонска црква. Зарем има таков што ќе рече дека не е така? И ако рече, тогаш Света Софија и Канео, Плаошник и Свети Наум, Пречиста и Бигорски, Рајчица и Кнежино, уште илјадници сведоци, живи и неживи, ќе станат и ќе го побијат. Но, и не само тие. Тогаш и нашите светии, светите Климент и Наум Охридските Чудотворци, и светиот Николај Мирликиски, кој беше негов куќен заштитник, и светиот Еразмо Охридски, и св. ап. Тимотеј, чие име достојно и верно го носеше, ќе се јават од небесата и ќе посведочат за него. Можеби сето ова изгледа и хиперболично, но да не заборавиме дека Господ е Семоќен и за Него сѐ е можно, и онаму каде што Он сака таму и законите на природата се менуваат.
Не сакаме да навлегуваме во биографските податоци за нашиот непрежален Владика, но не можеме да избегнеме да кажеме само уште неколку збора за неговата мудрост и миротворност, а особено за неговата исклучителна способност за дипломатија. Мудро и беспоштедно се бореше со кого и да е, само ако се работеше за вистината. Не се плашеше од никого, и на никого не премолчуваше. Можеби некогаш изгледаше и премногу строг, но ретко кое срце има таква љубов и топлина. И, се разбира, на крајот, не можеме а да не си споменеме за неговото последно огромно дело, а коешто беше уште тогаш признаено од највисоките црковни достоинственици, поточно за неговата улога во помирувањето на Македонската православна црква и Српската православна црква, и добивањето на Томосот за автокефалност.
И, повторно, малку се овие недостојни зборови за таков човек, кој од срце ја сакаше својата Црква и Татковината. Ете таков човек нашиот Спасител, Господ Исус Христос, на 25 ноември 2024 година, на денот кога го прославуваме споменот на св. Јован Милостив, на преп. Нил Синајски и на св. пророк Ахиј, повика при Себе. Еден од нашите отци веднаш ми забележа: „Отче, знаеш кој ден е денеска според стариот стил? Денеска е свети Климент“. Можеме слободно да кажеме дека и свети Климент сакал токму тогаш да го повика. Го повика блиску до себе, горе на небесата, а и ние долу на земјата, го положивме блиску до него, да се изразиме охридски: в комшии.
Митрополитот Тимотеј се упокои во Господа во Скопје, а неговото тело беше донесено истиот ден во вечерните часови. По повод неговото упокојување, на 26 ноември, во ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто началствуваше Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, во сослужение на архимандритите Нектариј, Макариј и Кирил, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештеникот Роберт Илијевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконот Порфириј. Телото на Митрополитот беше изложено насреде храмот, каде што беше отслужена и трисагија за покој на душата, а неизброен верен народ поминуваше да се прости од него и да земе последен благослов.
Утредента, на 27 ноември, во истиот манастир, повторно беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион, во сослужение на протоереј-сатврофорите Сашо Богданоски, Кирил Јованоски и Александар Димоски, протоерејот Горан Ставрески, свештеникот Александар Матески, еромонахот Никодим и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата и трисагијата, Митрополитот Иларион се обрати со пригодно слово, во кое се прости од својот и нашиот дедо Тимотеј.
Во текот на денот повторно поминуваше верниот народ кај својот довчерашен духовен отец, а дојде и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот на Корча г. Јован, од Албанската православна црква, кој отслужи Трисагија покрај телото на блаженоупокоениот Митрополит и се прости од него.
Според одлуката на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, опелото за Митрополитот Тимотеј беше закажано на 28 ноември, на првиот ден од Божикниот пост, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид. Најпрво беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитите Петар, Агатангел, Јован, Пимен, Иларион, Јосиф и Григориј, Епископите Јоаким и Марко, како и многубројно свештенство од целата црква. Наши драги гости и сослужители беа и Митрополитот Врањски г. Пахомиј и Епископот Хвостански г. Алексеј од Српската православна црква, како и Митрополитот на Стара Загора г. Кипријан од Бугарската православна црква. По завршувањето на Литургијата, беше отслужено Опелото, а во име на Синодот, на свештенството и монаштвото, како и во името на сиот верен народ, Архиепископот Стефан се прости од Митрополитот Тимотеј со прекрасно слово, слово искажано од устата на еден негов долгогодишен другар, колега и сотрудник на нивата црковна. Истото подолу ви го пренесуваме во целост. По завршувањето на опелото, Митрополитот Тимотеј, со свечена поворка составена од свештенството, беше пренесен до неговото вечно почивалиште, во Светиклиментовиот манастир, од каде сега продолжува неговата мисија, да се моли за нас и да не дозволи да отстапиме од неговиот пат, пат којшто беше Христов и спасоносен. А сигурни сме дека ќе се застапува за нас и на небесата, зашто и самиот дедо Тимотеј ги знаеше и често ги повторуваше зборовите на Митрополитот Хризостом (Војиновиќ): Запамети, мртвите се посилни од живите.
Ете, Владико, Ве испративме кај Небесниот Отец. Ве испративме онаму за каде што се подготвувавте сиот живот. Ве испративме при светите Климент и Наум Охридските чудотворци. Со нив заедно не престанувајте и сега да бидете со нас, зашто ние живите сме слаби и малодушни. Молете се за нас, водете нѐ на вистинскиот пат, та некако и ние да се удостоиме еден ден повторно да се видиме и заедно да Го прославуваме Бога во вечноста. Ќе ми дозволите за последен пат да кажам дека зборовите од Егзапостиларот на Вашето опело беа Ваши зборови: Сега се упокоив, и најдов голем одмор, зашто се претставив од распадливоста, и се преселив во животот, Господи, слава Ти.
Во продолжение интегрално ви ја пренесуваме прошталната беседа, изговорена од нашиот Архиепископ Охридски и Македонски Стефан.
† Стефан,
Архиепископ Охридски и Македонски
ЖИВОТ ВО СЛУЖБА НА БОГА И НА ЦРКВАТА[1]
Господ Исус Христос, пред Своето вознесение, обраќајќи им се на апостолите, им рекол: Се враќам кај Мојот Отец и вашиот Отец, кај Мојот Бог и вашиот Бог[2]. Знаејќи го тоа, односно знаејќи дека Богочовекот со Својата смрт ја победи смртта и се врати при Својот Отец, Светата Црква исповеда дека смртта, всушност, не е смрт, туку е премин од распадливост во нераспадливост, од временото во вечноста. Но, сепак, денес е исклучително тажен ден за сите нас, зашто Светата Македонска Црква се простува со една од своите најзаслужни личности од нашево време. Свештенството, монаштвото и верниот народ на Охрид, на Дебарско-кичевската и на Австралиско-сиднејската епархија се збогуваат од својот духовен отец и архипастир, од својот учител во словото на вистината, во верата и во доброто, а Синодот на Македонската Православна Црква, пак, се разделува од својот работлив, сеоддаен член и гласноговорник. Сепак, за блаженоупокоениот Митрополит Тимотеј ова е радосен ден, зашто тој заминува при неговиот Отец и нашиот Отец, при неговиот Бог и нашиот Бог, при Оној Кому Му го посвети сиот свој живот, при Оној Којшто му е: „воскресение и живот и покој“.
Во прокименот на Погребението, Црквата пее: „Блажен е патот по којшто одиш денес, душо, зашто ти се подготви место за упокоение“[3]. Па, иако Бог го повика Дедо Тимотеј, нашиот возљубен собрат, сотрудник и сослужител, порано одошто би сакале, утеха ни е тоа што сме уверени дека го повика подготвен за Царството небесно. Затоа, сокрушено прифаќајќи ја Божјата волја, знаеме дека возљубениот Митрополит денес оди на блажен пат, во местото на праведниците, каде што му е подготвено место за упокоение во прегратката Авраамова.
И самиот Митрополит Тимотеј, беседејќи на својата последна земна Литургија, отслужена пред неколку седмици, на Плаошник, за Господа Христа рекол: „Онаму каде што се појавува Он, таму се отвораат рајските двери, таму нема ни смрт, ни жал, ни воздишки, туку воскресение и бесконечен живот“[4]. Па, иако нашата човечка емоција нѐ приведува кон плач и солзи поради разделбата со него, ние, сепак, не треба да изумиме дека, бивајќи христијани, не смееме да тагуваме како оние коишто немаат надеж[5].
Свети Јован Златоуст, во свое слово за Велигден торжествено вели: „Смрт, каде ти е осилото? Аду, каде ти е победата? Христос воскресна, и ти си згазен; Христос воскресна, и демоните паднаа; Христос воскресна, и ангелите се радуваат; Христос воскресна, и животот победи“[6]. А Дедо Тимотеј, четириесет и три години како архијереј на славниот Охрид и на богомхранимите Дебарско-кичевска, Австралиска, Австралиско-сиднејска, а еден период и во Повардарската епархија, го возвестуваше Христовото воскресение, притоа силно исчекувајќи го славниот ден на своето и на сеопштото воскресние, денот на востановувањето на новото небо и на новата земја[7], денот на настапувањето на невечерниот ден. И бидејќи имаше таков целоживотен копнеж за конечната средба со Бога, бидејќи имаше такви жед и глад за Царството Небесно, и таква увереност дека Христос е Животот, неговото упокоение е „чин на заедничарење со Животот. Зашто ниту животот ниту смртта не можат да нѐ разделат од љубовта Христова“[8].
Возљубен народе, никому и никаде не му е лесно да говори на вакво место и по ваков повод. И особено тоа не му е лесно на човек за човекот со кого се познава, со кого повеќе од половина век работел за иста цел и за исти идеали. Имено, со блаженоупокоениот Митрополит Тимотеј првпат се сретнавме есента во 1969 година, во Богословијата во Драчево: јас во прва, тој во трета година. Потоа бевме заедно и на Богословскиот факултет во Белград, па продолживме на последипломските студии, па бевме ангажирани и во Богословијата, и на Богословскиот факултет, и, за слава на Господа, и како архијереи, еве, до денес. По молитвите на светите Климент и Наум, честопати бевме удостојувани да бидеме членови на комисии и да бидеме претставници на нашата Света Црква, и насекаде и пред секого, без да се договараме, секогаш имавме исти ставови, исти прашања, исти одговори... Заедно бевме и на последниот избор за Архиепископ и по изборот повторно продолживме заедно. Можевме заедно, зашто носевме иста рана, зашто чувствувавме иста болка и баравме ист лек. И Му благодарам на Бога што, повторно заедно – го најдовме. Како што заедно со децении тагувавме, така заедно и се израдувавме: и во Цариград, и во Белград и оттогаш пред секого и насекаде.
Возљубени, во оваа прилика, не сакам само да говорам за Дедо Тимотеј, туку, сакам, пред сите вас, и да му говорам нему. – Да, мој собрате и сослужителе, сакам пред сите да речам дека како Архијереј во Австралиската и во Дебарско-кичевската епархија, и на секаде кадешто од Македонската Црква бевте ангажирани, оставивте дело кое ни ʾрѓата ќе го нагризи, ни молците ќе го јадат[9]. Па, Вашето назначување за архијереј најави преображение и воскресение и на молитвениот богослужбен план и во градителството и во возобнувањето на древните светињи, со кои изобилуваат и Охрид и Дебарско-кичевската епархија.
Па Плаошник и „Св. Наум“, „Света Софија“ и Перивлепта, Бигорски и Пречиста, Канео и Заум, и уште многу, многу други светињи сега ни одблизу не се какви што беа и какви што ги наследивте! Дојдовте во вистинско време за паднатите светињи да ги подигнете, а урнатите да ги обновите. Градевте и обновувавте храмови и манастири, го обновивте монаштвото, но, најмногу од сѐ, помогнавте да се обнови и да се гради Црквата во душите на богољубивата и христожедна паства.
Возљубен Високопреосвештен Владико, бевте светлина меѓу доверениот Ви народ, бевте светлина на врв планина[10], светлина која не може да се сокрие. Па, по свети Климента, благодарение и на Вас, Плаошник повторно свети и се гледа од сите страни и надалеку осветлува... Како вистински архипастир и архијереј, помогнавте и „Света Софија“ повторно да си го има местото за кое е и изградена – да биде храм на Божјата Мудрост и да продолжи да биде непоместлив и неосвојлив трон, за радост и за слава на Охридските Архиепископи. И навистина, со Вашите дела, со Вашето богољубие и црквољубие, со Вашето архијерејско и архипастирско служење, направивте Вашето заминување да значи и постојано Ваше останување, останување во бројните Ваши дела и во спомените на свештнослужителите, на монаштвото, на верниот народ и на сите коишто имале можност да работат, да соработуваат или да се сретнуваат со Вас.
Бевте посебен и во студиозното учење, и во одговорното работење, и во служењето и во богослужењето. Бевте редок книгољубец и плоден книготворец! Некои велат сте биле строг, но сите знаат и велат дека сте биле правичен! Работевте неуморно и сиот свој живот ѝ го посветивте на Црквата Христова и Македонска и на својот богољубив македонски народ. Во Охрид доаѓале многу архијереи – некои оттука, некои од подалеку, но времето ќе потврди дека никој не дал колку Вие и не дал како Вие! Па никој не дошол, по свети Климент, за да не замине, туку за да остане. И неслучајно телесно засекогаш ќе се населите на Плаошник, покрај свети Климент, за и оттаму да продолжите да помагате да се доистражи недоистраженото, да се дообнови недообновеното и, секако и пред сѐ, да се доодбрани вистината наша Охридска и Македонска! Можевте и умеевте многу – и многу и направивте! Но продолжете и натаму, зашто со Вашето молитвено застапништво отсега ќе можете уште повеќе да им помагате и на Охрид и на целата наша Света Црква. Од името на Црквата Македонска, на која неуморно ѝ служевте, однесете поздрави до сите кои тагуваа поради неправдите и долго и трпеливо очекуваа конечно да се слушне и да се разбере нашата вистина. Пренесете ја веста и сенародната радост до блаженоупокоените Архиепископи Арсениј и Доситеј и до сите кои христољубиво и богоугодно му служеле на нашиот народ и до сите коишто молитвено помагаа да ѝ се врати достоинството на древната Охридска столица.
Бевте неуморен во делото на нашата Света Црква, вложувајќи ги своите од Бога дарувани таланти: и верата, и љубовта, и знаењето, и умеењето и сите добродетели. Во текот на годините посетивте повеќе помесни Православни Цркви и запознавте и се спријателивте со повеќе архијереи, со што придонесовте за зближување на нашата со другите сестрински Цркви. Присуството на браќата архијереи од соседните помесни Цркви[11], како и пристигнатите писма и пораки со изрази на сочувство, го потврдуваат тоа, а го потврдуваат и новото време во кое Вие, возљубен Владико, во изминативе повеќе од четири децении неизмерно придонесувавте за како поколение да го дочекаме ова исполнето време за нашата Света Црква.
Високопреосвештен Владико, моиве зборови, колку и да се, ќе бидат малку за да ја кажат сета вистина и за да ја раскажат сета книга на Вашиот живот. Како Синод и како Црква, заедно со свештенослужителите, монаштвото и верниот народ, ќе Го молиме Оној Којшто не гледа кој е кој, туку секогаш суди според делата[12], да ја добиете заслужената награда, како достоен и беспрекорно работлив архипастир, кој верно ја проповедаше науката Христова. Знаеме дека денес ги гледате небесата отворени и Синот Човечки како стои оддесно на Бога[13] и дека го слушате гласот на Отецот небесен, кој Ви вели да влезете во радоста на Господарот[14]. И веруваме, Владико, дека оттаму ќе се застапувате за нашиот богољубив народ и за нашата Света Црква.
Затоа, возљубен народе, да се помолиме Бог, праведниот Судија, да го прости блаженоупокоениот Митрополит Тимотеј и да му дарува Царство Небесно меѓу праведниците! Амин!
[1] Слово на Опелото на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски Тимотеј, во храмот „Св. Климент Охридски и св. вмч. Пантелејмон“ – Плаошник, Охрид, на 28.11.2024 година.
[2] Јн 20, 17.
[3] Прокимен на Опело.
[4] Митрополит Тимотеј, Проповед на 20. недела по Педесетница.
[5] Сп. 1 Сол 4, 13.
[6] Св. Јован Златоуст, „Огласително слово во Светиот и Светлоносен Ден на Преславното и Спасително Воскресение на Христа нашиот Бог“.
[7] Сп. Откр 21, 1.
[8] Александар Шмеман, За животот на светот, КОЕ, Куманово 2021.
[9] Сп. Мт 6, 19 и Лк 12, 33.
[10] Сп. Мт 5, 14.
[11] На Божествената Литургија сослужуваа: Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Врањски г. Пахомиј и Неговото Преосвештенство Епископот Хвостански г. Алексеј од Српската Православна Црква, и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Старозагорски г. Кипријан од Бугарската Православна Црква. Претходниот ден, пак, Помен за блаженоупокоениот Митрополит Тимотеј отслужи Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Корчански г. Јован, од Албанската Православна Црква.
[12] Сп. 1 Птр 1, 17.
[13] Дела 7, 56.
[14] Сп. Мт 25, 11.