„Кога со Твоето јавување ја просветли вселената, тогаш побегна соленото море на неверувањето, и Јордан што течеше надолу се врати назад, нас издигнувајќи не кон небесата. Но со височината на Твоите божествени заповеди сочувај не, Христе Боже, по молитвите на Богородица, и помилуј не“ (ипакој на Утрена на празникот Свето Богојавление на Господ Бог и Спасител наш Исус Христос). 

 

На 19.01.2025 година, денот кога го прославуваме празникот Свето Богојавление на Господ Бог и Спасител наш Исус Христос, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Администратор Дебарско-кичевски и Австралиско-сиднејски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва г.г. Стефан, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Ристе Ристевски, игуменот Агатон, свештениците Димче Азески и Ѓорѓи Блажевски, еромонахот Никодим и протоѓаконите Николче Ѓурѓиноски, Александар Димитријов и Драган Иванов. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Голем Богојавленски водосвет, а Архиепископот Стефан се обрати со пригодна беседа, којашто подолу во целост ви ја пренесуваме.  

 

По завршувањето на Литургијата и Водосветот, верниот народ, предводен од свештенството и чтеците кои носеа бајраци и рипиди, се упати кон охридското пристаниште, каде што беа осветени водите на Охридското Езеро и беше положен светиот Крст, а Господ благоволи оваа година тој да биде фатен од Мартин Гоџо. Архиепископот Стефан се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, а истата ќе ви ја пренесеме во посебна статија. Оттука, Архиепископот Стефан се упати и во Струга, каде што беа осветени водите на реката Црн Дрим и беше положен светиот Крст, а Томче Голабоски имаше благослов и среќа да го фати Крстот оваа година во Струга. Архиепископот Стефан се обрати со пригодна беседа и кон многубројниот верен струшки народ, и истата ќе ви ја пренесеме во посебна статија. Во продолжение ви ја пренесуваме беседата од Литургијата.  

 

† СТЕФАН,

 Архиепископ Охридски и Македонски

 

ДА ЈА ЧУВАМЕ СПАСОНОСНАТА ОБЛЕКА[1]

 

Денес, на Богојавление, или, како што уште се именува денешниов торжествен празник – Водици, Светата Црква прославува голем настан од животот на Синот Божји – Господ Исус Христос: празнуваме во спомен на Неговото крштевање во реката Јордан, чин којшто врз Него го извршил великиот Претеча Христов, свети Јован Крстител.

А празнувањето на Богојавление, всушност е продолжување на радоста што ја доживуваме чествувајќи го Божик – Рождеството на Бога во тело, зашто тие два празника – Божик и Богојавление, на коишто некои отци им го даваат заедничкото име: Зимна Пасха, се настани коишто во себе ја носат вистината за доаѓањето на Синот Божји на земјата и вистината за троичното објавување на Бога. Првиот настан е почеток на полнотата на времето[2], а денешниот, опишан или спомнат во сите четири Евангелија[3], го најавува почетокот на јавната мисија на воплотениот Син Божји.

И, веројатно, не само меѓу Христовите современици, туку и некои меѓу нас се прашуваат: дали Христос имал потреба да биде крстен? Знаејќи ја смислата на Светата Тајна Крштение, одговорот е: Господ Исус Христос, се разбира, немал лична потреба да се крсти, туку тоа го сторил за нас! Тој влегол во водната темнина, за нас да нѐ направи синови на светлината; се спуштил во реката за нас да нѐ издигне кон небесата; се крстил за да го соблече од нас стариот човек и за да нѐ облече во чиста, нетлена и спасоносна облека.

Со Христа, Кој сѐ прави ново[4], започнува нов живот и преку Него постануваме ново создание[5]. Така, со Неговото влегување во реката Јордан, водата добила нова смисла и станува симбол на обновен живот во заедница со Бога. Како што оние, во времето на Ноевиот потоп, кои, по Божја промисла не влегоа во водата, беа поштедени од водената стихија – беа спасени, така, пак, преку крштевањето, преку влегувањето во вода, во името на Светата Троица, се спасуваме од потопот на гревот.

А Господ Исус Христос, при моментот на крштевањето покажал голема смиреност и крајна понизност, со цел да нѐ упати кон изворот на спасението и да ни ја покаже вратата низ која се влегува во вечната радост и убавина.

Во исто време, во моментот на крштевањето, Спасителот на светот бил посведочен како Син Божји, со глас од небесата: Ти си Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја[6]. При тој настан е потврдена основната вистина на христијанската вера во Бога во три Лица – во три Ипостаси – потврдено е нашето верување во еднотроичниот Бог, односно верувањето во еден Бог во три Лица: Синот се крштева, Светиот Дух слегува врз Него, а Бог Отецот сведочи.

На тој настан, при крштевањето во реката Јордан, Господ Исус Христос бил потврден како Богочовек, како Син Божји, и на светот уште еднаш Му бил најавен како Спасител, Кој долго време бил очекуван да дојде за да го спаси грешниот човек. Така, Тој, со Своето крштение ни покажал кој е патот и начинот за да постанеме Негови. А откако го завршил Своето искупително дело, пред вознесението, на Своите ученици и следбеници им заповедал да одат и да ги крштеваат сите народи во името на Светата Троица[7], зашто, како што Самиот вели, само Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен[8].

А сите ние, коишто сме крстени, должни сме во себе да Го носиме Христа, и постојано во срците и душите свои да останеме облечени во светлите Христови одежди. Затоа секогаш, но особено денес, на Богојавление, треба да размислуваме за тоа каква е нашата духовна облека, каква е нејзината чистота, каква ни е чистотата на срцето и каква е содржината на нашите дела, и да размислуваме со колку чисти души и мирна совест стоиме пред отворените небеса, од каде доаѓа гласот што води кон вечната вистина.

Исто така, треба да знаеме дека светото Христово крштение, светлите Христови облеки не се надворешен, туку се внатрешен украс. И секој што го примил Христовото име за свое, секој што се крстил – тој треба да се преобрази, да стане нов човек. Затоа, секој од нас е должен да внимава на сопствената морална чистота, и со добри дела да се потврдува дека е достоен член на Светата Црква, трудејќи се својот живот да го украсува со добродетели втемелени врз евангелските пораки.

Како христијани, пак, како членови на Светата Црква Христова, имаме и уште едно задолжение: имено, должни сме оние коишто сѐ уште не ја разбрале целта на доаѓањето на Бога во тело – доаѓањето на Бога како Богочовек на земјата, да ги упатуваме кон Јордан, кон Христовото крштение, односно да ги упатуваме во тајните на верата Христова. Тоа особено треба да го правиме со младите поколенија, и со оние коишто воопшто не си ја познаваат, или сосема оскудно ја познаваат својата прадедовска православна вера. Како родители ќе сносиме непростлив грев доколку не се погрижиме нашите деца и внучиња да ги упатиме во верата, да ги „облечеме“ во Христа, за и тие да ја почувствуваат богојавленската јорданска радост. Крштевањето на децата, а особено воспитувањето во верата на поколенијата што доаѓаат, ќе биде потврда и на нашето живеење и познавање на верата. Тоа ќе биде радост и за сите копишто живееле со крстот и за крстот, и коишто биле подготвени сѐ да претрпат заради Христа.

Затоа, да се погрижиме да бидеме достојни носители на Христовото име, на името христијани, и да ја чуваме чиста облеката што сме ја примиле во моментот на светото крштение, покажувајќи, како што вели нашиот свети Климент Охридски, дека и по делата, а не само по името да сме христијани[9].

Господ Исус Христос, Кој на денешен ден влегол во водите на реката Јордан, за да ги измие нашите гревови, постојано нека ни дава сили, за да останеме цврсти и непоколебливи во евангелската вистина! Нека нѐ поткрепува достојно да го носиме Неговото име во сите денови од нашиот живот и непрестајно да го слушаме Неговиот повик, па, како што вели во една своја проповед за денешниов празник блаженоупокоениот Митрополит Тимотеј, на тој повик „да одговориме со чисто срце и душа и да го следиме патот што Тој ни го осветли, со Неговото Свето Евангелие, та, одејќи по Него, да се здобиеме со вечен и блажен живот“[10]!

Па, така нека биде – постојано, сега и секогаш и во вечни векови!

Честит и вечен нека ни е празникот, а Светата Литургија нека ни е на здравје и спасение! Амин!

         

[1] Слово на Богојавление, во храмот „Успение на Пресв. Богородица“ – Каменско, на 19.1.2025.

[2] Сп. Гал 4, 4.

[3] Сп. Мт 1, 18-21; Мк 1, 7-8; Лк 2, 7-14; Јн 1, 14.

[4] Сп. Откр. 21, 5.

[5] 2 Кор 5, 17.

[6] Мк 1, 11.

[7] Сп. Мт 28, 19-20.

[8] Мк 16, 16.

[9] Види во: Св. Климент Охридски, Слова, поуки, житија, САС на МПЦ – ОА, Скопје 2012, 306.

[10] Митрополит Тимотеј, Охридски источник, беседи, том Х, 28.

 

vodici2025 1

vodici2025 2

vodici2025 3

vodici2025 4

vodici2025 5

vodici2025 6

vodici2025 7

vodici2025 8

vodici2025 9

vodici2025 10

vodici2025 11

vodici2025 12

vodici2025 13

vodici2025 14

vodici2025 15

vodici2025 16

vodici2025 17

vodici2025 18

vodici2025 19

vodici2025 20

vodici2025 21

vodici2025 22

vodici2025 23

vodici2025 24

vodici2025 25

vodici2025 26

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Февруар 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
26 27 28 29 30 31 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 1