Возљубени верни чеда на Дебарско-кичевската епархија, во продолжение ви ја пренесуваме беседата изговорена од Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, изговорена на празникот Богојавление на водите на Охридското Езеро во Охрид.

 

Стефан,

Архиепископ Охридски и Македонски

 

НАШИОТ БОГОБЛАГОСЛОВЕН КУПЕЛ[1]

 

Со настанот на денешниов ден на реката Јордан, објавена е вистината за Бога, за човекот и светот, објавена е вистината за небото и земјата. Така и пее Светата Црква на овој ден: Си се јавил, Христе Боже, и светот си го просветил... Таа вистина е содржана во неповторливото чудо – во објаввената и предвечна вистина за Бога во Света Троица, кое се случило на денешен ден и трае, еве, повеќе од 2000 години.

На денешен ден Господ Исус Христос се крстил во реката Јордан од Претечата Јован и со тоа ја основал големата и пресвета тајна на Светото Крштение, тајната преку која се спасува човечкиот род.

Но, денешниов празник – Богојавление ги објаснува сите други празници и сите други настани, ни ја објаснува целта на Христовото доаѓање како Син Божји – како вистински човек и Бог, како вистински Богочовек. Крштевајќи се денес во реката Јордан Тој ни дал и пример и заповед за потребата и ползата од Светата Тајна Крштение. Но, не е доволно само да бидеме крстени, односно само да ја примиме Светата Тајна, туку потребно е да живееме според законите и заповедите на верата, потребно е да создаваме дела достојни на името што го носиме. А тоа пред сѐ подразбира нашиот живот да го красат човекољубието и богољубието, и значи дека сме ја разбрале смислата на внурнувањето во купелот при крштението, односно дека достојно го чуваме миропомазанието со печатот на Светиот Дух!

Како христијански народ, посебно ова наше поколение, да се запрашаме дали доволно ја исполнуваме најсветата обврска и пред родот и пред Бога? Размислуваме ли колку време и колку љубов им посветуваме на луѓето околу нас и колку на Бога?! Празниците на нашата света вера се токму за тоа: да нѐ потсетуваат на настанот или богоугодникот, но и на тоа како живееме и како постапуваме, и кон себеси, и кон другите и кон Бога!

А денес, наоѓајќи се во Охрид, опкружени од оваа божествена убавина, во градот и езерото со кои е поврзано сѐ што е наше – и духовно и национално, од кои се неодвојливи и минатото и сегашноста и иднината наша.  Охрид, оваа древна и славна наша столица, била и останува да биде наша гордост, и пред себеси и пред другите. Овој град Светиклиментов и Самоилов, овој град на светињи и старини, овој град црква од цркви и темел на сѐ што е наше, во кој на секој чекор во него чиниш сретнуваш книга и училница, отворени за навек, од кои се учи и поучува, од кои се расте и преобразува. А, ова, пак, Бело Езеро, е нашата бања Витезда, и нашиот вечен купел, богодарувани за сите наши рожби и чеда во Господа. Па денес, бивајќи среде оваа езерска бистрина, собрани, како и досега, и овојпат, мисловно да се пренесеме до спасоносниот Јордан и до сите води покрај коишто денес е збран народ кој го слушнал гласот Господен, за и ние да го доживееме настанот и да Го примиме Христа Кој се јави, како што денес порачува Светата Црква на Богојавленскиот водосвет.

Затоа, да Го молиме денес Крстениот Син Божји, осветените води на овој спасоносен ден, да ни бидат за исцеление на душите и телата, да ни ги измијат сите лоши мисли и да оросат во нас духовно освежување и поткрепување, за да можеме да создаваме дела достојни на нашето човечко и христијанско призвание.

Оној Кој слезе од небото и влезе во Јорданските води, нека нѐ озари со небесна светлина за да го доживееме денешниов настан и да ја разбереме небесната објава. И да не заборавиме: Богојавлението ќе ги преобрази само оние коишто ја разбрале и живеат според вечната порака: Покајте се, зашто се приближи царството небесно[2]!

Честит и вечен да ни е празникот! Амин!

[1] Слово на Богојавление, во Охридското Езеро, на 19.1.2025 година.

[2] Мт 4, 17.

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Февруар 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
26 27 28 29 30 31 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 1