Благовештение – објавувањето на благата вест за Христовото раѓање и за почетокот на нашето спасение, како што се пее во тропарот на празникот, во Охрид свечено беше прославен со света, божествена архиерејска Литургија во катедралната црква на охридските архиепископи, „Света Софија“.
На светата Литургија чиноначалствуваше Неговото високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на повеќе свештенослужители од епархијата.
jordan Sneakers | Nike
Црквата беше исполнета од многубројниот верен народ, кој следејќи својот пастир, беше присутен за соборно да го прослават овој празник на јавувањето на благата вест и да му благодарат на Бога за Неговата неискажлива милост. Голем дел од нив, подготвувајќи се со пост, молитва и исповед, пристапија и се причестија со Телото и Крвта на нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Како добар пастир кој се грижи и духовно го поткрепува своето стадо, митрополитот Тимотеј се обрати со свечено слово во кое, меѓу другото, рече: „Пресвета Дева Марија е највеличествен и пресвет храм Божји, чист ковчег и златен жртвеник, според својата возвишеност и чистота на душата и на срцето. Таа е богата божествена царска трпеза и скапоцен сад. Таа е за нас златна капија. Преку неа е осветлена со небеска светлина сета Земјина топка. Таа е плодоносна маслина од која Светиот Дух ја зел свежата гранка Господова, Спасителот на човечкиот род, заради кој страдал за да го избави и спаси од гревот... Спасителот е Син роден без татко, а и Дева Марија е мајка раѓајќи без маж. И навистина, голема е разликата помеѓу Бога и човекот, но Спасителот, станувајќи човек не престанал да биде Бог, но, исто така, голема е разликата помеѓу дева и мајка, па и Дева станувајќи Мајка не престанала да биде Дева... Нека овој празник и нам ни донесе, во нашиот живот, повеќе радосни вести во Господа Христа а за спасение на нашите души и на нашите тела. Амин!