portretМитрополитот г. Тимотеј е роден на 20. X 1951 година во Младо Нагоричане, Кумановско. Потекнува од благородни и богољубиви родители Александар и Љуба Јовановски, кои уште од детски години го задоиле својот пород (четирите сина и двете ќерки), меѓу кои и младиот Славе, со христијанска љубов и љубов кон Бога Отецот. Растејќи како мирно и скромно дете меѓу своите браќа и сестри, уште во деновите на основното образование, во своето родно место, кај него растела и големата љубов и почит: прво, кон Бога и Спасителот наш Господ Исус Христос, а потоа и кон своите ближни во Црквата Христова.

Почитта кон Бога придонесла, по завршувањето на основното училиште, под сестраната духовна грижа на протојереј–ставрофор Стојко Спасевски од Куманово и пастирските упатства на протојереј–ставрофор Спасе Стефановски, младиот Славе да се запише за редовен ученик во Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски", прво во ман. „Горни св. Илија" во с. Бањане, крај Скопје, а потоа во Драчево, крај Скопје. Неа ја завршил со одличен успех. По завршувањето на Богословијата, се запишал на Богословскиот факултет во Белград, на кој дипломирал во 1976 година.

Gjakonska sluzba 11 11 1981

По дипломирањето, една година бил службеник во Македонската архиепископија во Скопје. Потоа заминува на постдипломски студии на Понтификалниот ориентален институт во Рим (од 1977 до 1979 година). Успешно магистрирал со тезата „Култот на Пресвета Богородица во Охрид и Охридско" и се здобил со магистерска диплома. И понатаму желбата за духовни знаења и за надградувања кај него е незгаслива, па останува во Рим да ја подготви и докторската дисертација. Меѓутоа, на повик на САС на МПЦ, се враќа во татковината и се вработува како предавач на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски" по предметите: Литургика, Историја на уметноста и Патрологија. САС на МПЦ го назначи и за в.д. ректор на Богословијата „Св. Климент Охридски" во Драчево, кај Скопје. Како духовна и интелектуална високообразовна личност, докажува пред САС на МПЦ дека целиот свој живот сака да Му го посвети на Бога и на духовниот живот, за потребите на МПЦ, се става на целосно располагање на САС. На 10. IX 1981 година во манастирот „Св. Јован Крстител" – Бигорски од десницата на тогашниот Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Ангелариј е замонашен со монашко име ТИМОТЕЈ; на 11. IX 1981 година е ракоположен за јероѓакон во истиот манастир; на 13. IX 1981 година е ракоположен во јеромонашки чин во манастирот „Св. Богородица" – Пречиста кај Кичево, а за архимандрит е произведен во метохот на ман. „Св. Наум Охридски" (ман. „Св. Наум Охридски") во Битола. По изборот за епископ од страна на САС на МПЦ, на 20. IX 1981 година е хиротонисан за архијереј на МПЦ во црквата „Св. Димитриј" во Скопје.

pred hirotonija

Од 21. IX 1981 година, со Одлука на САС на МПЦ, е назначен за Митрополит Австралиски, т.е. да раководи со Австралиската македонска православна епархија. Тогашните услови налагаа да му биде доделена и упразнетата (по изборот на тогашниот Митрополит Дебарско–кичевски Ангелариј за Архиепископ) Дебарско–кичевска епархија како нејзин Администратор со седиште во Охрид, од каде што со голем елан, самопрегор, трпеливост и тактичност ќе раководи со двете епархии: со Австралиската до 1995 година, која доброволно ја отстапи на друг надлежен архијереј, а продолжи да раководи само со Дебарско–кичевската епархија како Митрополит Дебарско–кичевски.

prv portret

Со неизмерно залагање и саможртва и со сестрана предаденост на Бога, Митрополитот г. Тимотеј се зафати со средување и унапредување на духовниот живот во епархиите што му се поверени. Се нижат успеси на црковно–национално и на културно–просветно поле меѓу нашите иселеници во Австралија, никнуваа нови црковни општини во коишто ја зацврстува верата во Бога кај неговата паства. Како мудар организатор и добар економ, во 14–годишниот период како Митрополит Австралиски, успеа Австралиската епархија да ја институцијализира на духовно–административен план, секоја Црковна општина во Австралија да има свој Правилник согласно Уставот на МПЦ и да ја збогати со повеќе цркви и манастири, како и со епархиски духовен центар во населбата Престон во Мелбурн.

Митрополитот г. Тимотеј не заостануваше и со организирањето и зацврстувањето на духовниот живот во Дебарско–кичевската епархија.

Уште од самиот почеток како архијереј на МПЦ, Митрополитот г. Тимотеј активно и смело се залагаше за исправување на една голема неправда што и е направена на МПЦ од страна на структурите на поранешното општество (со одземањето на црквите и на манастирите, како и на црковниот имот) не само во Дебарско–кичевската епархија, туку и пошироко во Р. Македонија. Не остварил средба со било кои наши државници, а да не го поткренал тоа прашање и цврсто и смело да се бори тоа да се разреши. Благодарение на неговата упорност, досега се вратени многу цркви и манастири во Епархијата и надвор од неа, а е вратен и дел од црковниот имот на МПЦ.

Pred mostite na sv Kliment

На полето, пак, на изградба и реконструкција на црквите, на манастирите, на руинираните конаци во нашата Епархија, Митрополитот г. Тимотеј се покажа како неуморен неимар. Архијерејската мудрост, архипастирската грижа и љубовта кон сè што е црковно, творечката моќ да создава, а она што било создадено да го возобнови и да го прилагоди на денешните услови за пристојно молење и живеење, кај Митрополитот г. Тимотеј придонесоа да се изградат многу цркви и манастири, да се возобноват конаците во далеку познатите манастири: „Св. Богородица" – Пречиста, кај Кичево (каде што Митрополитот г. Тимотеј ја отслужи својата прва архијерејска литургија); потоа конаците во ман. „Св. Наум Охридски" и изградбата на камбанаријата со капела посветена на „Св. Кирил и Методиј"; реконструирањето на конаците и подигнувањето од темел на гостинскиот конак во ман. „Св. Јован Крстител" – Бигорски со капелата посветена на „Благовештение"; во Кнежинскиот манастир „Св. Георгиј", крај Кичево; во манастирот „Св. Еразмо Охридски" на влезот во Охрид; во манастирот „Св. Богородица" во с. Манастирец, Бродско и многу други. Како неуморен градител на црковни објекти, не може а да не се споменеме изградбата на административната зграда на Епархијата, како и реконструкцијата на Митрополитската резиденција во Охрид. Врвно достигнување на неговата заложба во неимарството е реконструирањето и ревитализирањето на катедралната црква на охридските архиепископи, црквата „Св. Софија" во Охрид. Круна на неговата градителска дејност, со помош на тогашната власт на државата и Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј од Охрид е возобновувањето на Светиклиментовиот манастир на Плаошник во Охрид, посветен на „Свети Климент и на св. Пантелејмон", каде што секојдневно тече река од верници и посетители, кои се насладуваат од велелепниот изглед на самата црква и духовно се хранат од секојдневните богослужби во него.

Во Дебарско–кичевската епархија Митрополитот г. Тимотеј, во изминатите 25 години како надлежен архијереј, има извршено околу 150 осветувања на цркви, параклиси, манастирски конаци, епархиски центри и други градби што го потврдуваат како неуморен неимар.

Една од последните градби во 2005–2006 година е и изградбата на Митрополитската резиденција на Повардарската епархија во н. Отовица, Велешко која доминира со својата убавина, раскошност и комодитет.

Arhierej

Митрополитот г. Тимотеј не само што е докажан како возобновител и градител на црквите, на манастирите и на манастирските конаци во нашата Епархија, тој е и возобновител и на монаштвото, не само во Епархијата, туку и надвор од неа, кое е понагласено од 1991 година наваму. Под негово духовно раководство, по враќањето на манастирите од државата, поточно од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј на располагање и во владение на МПЦ, започнува нова страница во севкупниот духовен живот на нашата света Црква. Кога манастирот „Св. Наум Охридски" беше вратен на Црквата (1991 година), веднаш заживеа монаштвото во него со поставувањето на архимандритот Нектариј за игумен на истиот. Го возобнови монаштвото во ман. „Св. Јован Крстител" – Бигорски, кој сега е познат духовен расадник, од каде што, под раководството на архимандритот Партениј, од многуте искушеници кои престојуваат во него и од благодатната десница на Митрополитот г. Тимотеј се „раѓаат" нови и прекалени монаси на радост и задоволство на нашата света Црква. Со возобновувањето на ман. „Св. Георгиј" во с. Рајчица кај Дебар, метох на ман. „Св. Јован Крстител" – Бигорски, во нашата Епархија се возобнови и се збогати сестринството. Таму живеат и творат повеќе монахињи. Манастирот, пак, „Св. Богородица" во с. Манастирец, Бродско, е посебно за истакнување.

Со поставувањето на монахот Бенедикт за негов старешина, од руинираните пред распаѓање, се возобновија конаците, се изградија нови и модерни конаци, се обнови манастирската трпезарија, се изгради патот до манастирот, се донесе струја и вода и се возобнови и духовниот живот во тој, оддалечен од цивилизацијата, манастир.

Со благословот на Митрополитот г. Тимотеј за зголемување на сестринството во манастирот „Св. Богородица" – Пречиста крај Кичево, конаците, еден по еден, под неуморните раце на игуменијата Салафаила – Матушка (сега покојна), како и на беспрекорниот труд на сегашната игуменија Агнија, во текот на овој 25–годишен период, а под будното око на Митрополитот г. Тимотеј, каде што и започна неговата архијерејска дејност, се реконструираа, а повеќе од нив се изградија нови од темел.

kabinet 2000

Како неуморен работник на нивата Господова, Митрополитот г. Тимотеј го краси и љубовта кон пишаниот збор, односно кон книгата. Прво ја востанови митрополитската библиотека во Епархијата со голем број наслови со духовна содржина. Оформи и библиотека во Митрополитската резиденција со неколку илјади наслови. Со голем ентузијазам ја основа издавачката установа „Канео" при Дебарско–кичевската епархија. Во почетокот, со скромното издавање на весникот „Радосна вест" (што, за жал по излегувањето на неколку броеви згасна).
Алманахот „Светиклиментово слово" од 1990 излегува секоја година. Заживеа духовната трпеза на Дебарско–кичевската епархија.

Издавачката установа „Канео" има објавено преку 100 наслови со духовна и поучна содржина од разни духовници, старци и теолози. Задоволена е потребата и од неопходните богослужбени книги што се преведени на македонски литературен јазик или се отпечатени
двојазично (на црковнословенски и на македонски јазик). Од сите изданија на „Канео" се хранат и духовно се надоградуваат и обичните мирјани, жедни за духовни знаења, и тие што изучуваат теологија, како и свештенството и монаштвото насекаде во Р. Македонија.

Во изминативе години како архијереј на МПЦ Митрополитот Тимотеј извршуваше и многу други одговорни задолженија: беше секретар на САС на МПЦ, во два периода и Администратор на Повардарската епархија (1997 – 2000 год. и од 5. VII 2002 до 1. X 2006 година), а сега е и портпарол на САС на МПЦ. По оставката на тогашниот Поглавар на МПЦ, Архиепископот Гаврил, како најстар архијереј од избраното тричлено раководно тело од САС на МПЦ Митрополитот г. Тимотеј, (до изборот на нов Архиепископ) раководеше со МПЦ. Во четвртвековниот период многупати бил член или водач на делегациите што САС на МПЦ ги испраќаше, или да преговараат, или да ги запознаваат поглаварите на сестринските православни цркви со состојбата во која се наоѓа нашата света Црква. Така, многупати тој остварил средби со Цариградскиот патријарх Вартоломеј, со Александрискиот патријарх Петар, со Српскиот патријарх Павле, со Грчкиот архиепископ Христодулос, со Албанскиот архиепископ Анастасиос и со претставници на Руската, на Бугарската и на Романската православна црква и со многу други црковни великодостојници, трудејќи се аргументирано и документирано да им докаже дека нема друг пат, освен заедничкото признавање на МПЦ како автокефална и самостојна Црква и рамноправен член на православното семејство во светот.

Скоро секоја година, ги предводи делегациите на МПЦ за отслужување на молебен на гробот на св. Кирил Солунски во базиликата „Св. Климент" – папа Римски во Рим. Во својата придружба тој избираше соодветни свештенослужители од Епархијата и надвор од неа за молитвено и боговдахновено да се отслужи молебенот. За афирмација на МПЦ, на тие патувања, заедно со државните делегации, тој остваруваше непосредни средби со Поглаварот на Римокатоличката црква во Ватикан–папата, со високодостојници на Римокатоличката црква во Ватикан, како и средби со претставници на Светскиот совет на црквите во Женева, Швајцарија итн.

Повеќепати Митрополитот г. Тимотеј организирал меѓународни симпозиуми во својата Епархија на кои што и тој настапувал со свои трудови. Исто така, активно учествувал и на симпозиумите организирани од МАНУ и од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" од Скопје. Скоро секоја година организира еднодневни и повеќедневни семинари за своето свештенство од Епархиите со кои раководи. На нив, од познати предавачи, се разјаснуваат и се разработуваат разни теми со теолошка, пастирска и етичка содржина. На тој начин духовно се надоградува и се збогатува искуството на нашето свештенство и монаштвото.

Успесите што Митрополитот г. Тимотеј ги постигна и како Администратор на Повардарската епархија се цврсто сведоштво за неговото долгогодишно искуство како архијереј, за трпеливоста, за мудроста, за смирението и за неуморниот елан што ги има за постигнување на уште поголеми подвизи. Токму во тој мозаик се отсликува архипастирската грижа и љубовта кон секоја христијанска душа, за непокорот вроден во него смело да чекори по патеките на христијанските добродетели.

Од неговите постигнувања на црковно–народно и културно–просветно поле можат да се поучат многу млади архијереи и да го следат неговиот архипастирски пат, и да земат пример како се раководи со епархија. Во 25–годишниот период како архијереј Митрополитот г. Тимотеј, постапувајќи како вистински духовник кон довереното му свештенство и монаштво, секогаш се трудел да поучи, да покаже и да упати кон вистинскиот пат, единствениот пат што води кон спасение, кон Христовиот пат.

latest Running Sneakers | Women's Nike nike roshe heart and sole shoes for women Shadow trainers - Latest Releases , Ietp

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Ноември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
26 27 28 29 30 31 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 1 2 3 4 5 6