„Тебе, која Животот Го роди, и со твоето чесно успение кон бесмртниот живот премина, ангелите, началата и силите, апостолите и пророците, и сите твари те придружуваа, а Синот твој, со Своите нетлени раце, ја прими твојата непорочна душа, Дево Мајко Богоневесто“ (хвалитна стихира на Утрена на празникот Успение на Пресвета Богородица).
Празникот на чесното Успение на Пресвета Богородица започна торжествено да се прославува на 27 август 2024 година, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, со празнична Вечерна богослужба, на која што беа отпеани и погребалните статии за Мајката Божја, а на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на свештениците Димче Азески, Ѓорѓи Блажевски, Љупчо Бакрачески и Роберт Илијевски. Прославувањето на нашата постојана застапница и молитвеница пред Бога, на Мајката на Синот Божји и на нашата Мајка, продолжи на 28 август 2024 година, во истиот храм, кога беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Игор Никовски, свештениците Димче Азески, Ѓорѓи Блажевски, Љупчо Бакрачески и Васил Михајлоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. На Литургијата присуствуваше и Претседателот на Р. С. Македонија Гордана Сиљановска Давкова. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.