„Богоглаголив и преподобен Атанасие, ти претрпе гонења и ги поднесе маките, сè додека не ја протера безбожната лага Ариева, а твоето стадо го спаси од безбожие, догматски православно изложувајќи го учењето за едносушноста на Синот со Отецот и со Духот, себлажен свештеноначалнику“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна на св. Атанасиј и св. Кирил Александриски).
На 31.01.2013 година, го прославивме свештениот спомен на двајца великани на Александриската и на целата Црква, светите Атанасиј и Кирил. Во нивна чест, во манастирот „Св. Атанасиј Велики“, метох на манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, игумен на манастирот, протоереј Игор Никовски, свештеник Горан Ставрески и ѓакон Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните чеда со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.