„Најтоплиот застапник во неволјите, и добропослушен посредник за оние кои просат, Еразмо, сите со песни да го почестиме, зашто неговиот светлоносен и сепресветол спомен нѐ тера да викаме: Господи, слава Ти!“ (кондак на Утрена на свети Еразмо Охридски).
И оваа година верниците од нашата Епархија со големи торжества и славословија го прославија споменот на нашиот светол молитвеник и заштитник, големиот подвижник Еразмо Охридскиот Чудотворец. Прославата во спомен на нашиот Охридски молитвеник започна на 14 јуни, со свечена Празнична вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Горан Ставрески, свештениците Љупчо Бакрачески и Христијан Костоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. Торжествата продолжија утредента, на 15 јуни, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, спротоерејот Горан Ставрески, свештениците Љупчо Бакрачески и Христијан Костоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.