Манастирот „Свети великомаченик Ѓеорѓи" се наоѓа над градот Кичево, во атарот на селото Кнежино. Окружен со прекрасна природа и тишина (исихија), претставува вистинско место за молитвено себепредавање и благоугодно служење на Бога. По својата местоположба претставува вистински покров над градот Кичево и околината. Сето ова било причина, уште во дамнешни времиња, овде да се организира активен црковен живот. За тоа ни сведочи богатиот археолошки материјал, кој е откриен на просторот на овој манастир со интензивните и обемни археолошки ископувања и истражувања.

Со археолошките истражувања откриени се остатоци на средновековна црква со подни мозаици, што претставува единствена црква од таков тип во Македонија, и поголем број фрагменти на фрескоживопис. Според анализата на градбата, црквата хронолошки припаѓа кон крајот на XIII век. Што се однесува до фрескоживописот, според неговите карактеристики, тој покажува голема сличност со некои сликани целини изведени од Михаило Астрапа и Ефтихиј. Според тоа, не е исклучено да се изработени од нив или од нивни ученици и следбеници, кои го прифатиле и негувале нивниот стил на сликање. Но, многу нешта кои остануваат нејасни за историјата на овој манастир останува да се разјаснат со понатамошните археолошки истражувања на овој манастир.

Поради огромното духовно и културно значење што го има овој манастир се пристапи кон негова целосна обнова. Ревитализацијата започна со осветувањето на камен-темелникот за новата манастирска црква во 1999 година. Црквата е градена според проектот на архитектот Раде Настески од Кичево. Градбата е дело на мајсторите од градежното претпријатие „Тајмиште" од Кичево, додека покривот и малтерисувањето на внатрешноста на црквата се реализирани од градежната фирма „Митан-Пром" од Охрид. Карактеристично за неа е тоа што таа претставува единствена црква во Македонија што е покриена со оловен лим, дело на мајстори од Струшкиот крај.

Се изгради и нов манастирски конак, кој е граден според проектот на Мире Спасеноски, исто така од Кичево. Внатрешноста на црквата не е фрескоживописана, но ја краси прекрасен иконостас, изработен во резба, дело на резбарите од фирмата „Пердика" од Битола. Иконите на иконостасот се изработени од сестринството на манастирот „Света Богородица Елеуса" од село Велјуса - Струмичко.

На 11 октомври 2007 година се изврши осветувањето на новата манастирска црква, посветена на светиот великомаченик Ѓеорѓи Победоносец Чудотворец. На чинот на осветувањето чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Митрополитот Струмички г. Наум, Митрополитот Брегалнички г. Иларион.

Во него, моментално живее искушеничката Доротеја.

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5