Манастирот Света Пречиста се наоѓа на десетина километри југоисточно од градот Кичево, на планинските поли од планината Цоцан, во подножјето на нејзиниот шумовит врв Врвои, на надморска височина од 920 м. Расположен е на мало плато откај што како на дланка се има Кичевијата и планинските венци што ја одвојуваат оваа котлина од соседните подрачја.

Од натпис на конхата на апсидата се сознава дека манастирската црква му била посветена на празникот Свето Благовештение (7. IV). Тоа се потврдува и од композицијата Благовести над западната влезна врата, како и од престолната икона што се наоѓа на местото што е резервирано за патронот на храмот. Во народот манастирот е познат како Богородица Пречиста, односно дека е посветен на празникот Воведение на Пресвета Богородица - Пречиста (4. XII).
Општоприфатено, официјално, име на манастирот му е Света Пречиста. Меѓутоа, до крајот на XIX век се викал Крнино. Тоа име е регистрирано и на манастирскиот печат од 1763 година.

Манастирот Света Пречиста бил подигнат пред потпаѓањето на Македонија под отоманска власт, се споменува како година на неговото настанување 1316.
Манастирот Света Пречиста има долга и бурна историја. Доживеал високи дострели, но и бројни уништувања и ограбувања од качачки банди.
И при горењата на манастирот во 1824 и во 1843 година манастирската црква останала целосно, но била мала, не ги задоволувала духовните потреби на верниците, одвај собирала стотина посетители. Поради тоа игуменот хаџи Теодосиј во 1846 година направил смел потег. Ја урнал малата црква и на нејзино место ја подигнал сегашната монументална. Истата, а најверојатно со полна пареа градбата се одвивала во 1847 година, во 1848 година била готова, а во 1849 година и осветена. Изградбата им била доверена на мајстори од селото Луково, Струшко.

Манастирската црква е од типот на големи соборни цркви и е една од најголемите во Македонија. Во основа има базиликално решение, со висока купола и осмостран тамбур. Ѕидовите се од камен варовник и бигор. Од надворешната страна камењата се делкани - приделкани во хоризонтални редови во вид на квадрати, завршувајќи со богато профилирани венци. По својата убавина посебно се истакнува источната фасада на црквата, бидејќи оттаму е главниот влез - капијата. Внатрешно ѕидовите се ојакнати со пиластри што меѓусебно се поврзани со полукружни лаци над кои се издига куполата, па се постигнува единствен простор во наосот.

Од јужната страна на црквата Света Пречиста и е прилепена мала црквичка посветена на свети Никола, позната како "зимска црква".
Од старите околни објекти беше останат само стариот конак изграден во почетокот на XIX век. На него се извршени конзерваторско-реставраторски интервенции во 1986 година. Целосно се сочувани неговите архитектонско-естетски и историски вредности.

На местото од изгорениот втор конак, на јужната страна, на 10 април 1983 година започна изградбата на новиот конак во духот на старата македонска архитектура. Конакот се освети на 11 август 1985 година од Неговото Блаженство г.г. Ангелариј и од надлежниот Митрополит г. Тимотеј. Во 1996 година, на западната страна, се осветија новите конаци со народната трпезарија, а на Илинден 2006 година се освети и се постави камен-темелник на нов конак на северозападната страна, и неговата изградба е при крај. Останува уште малку манастирот Света Пречиста да го добие стариот изглед, изгледот на светогорските манастири.

Архитект на сите (досегашни) конаци е дипломираниот инжинер архитект Тодор Паскали од Охрид, кој се упокои во 2006 година.
Кога се влегува во црквата од западната или од јужната влезна врата, веднаш паѓа в очи импозантниот иконостас. Тој бил направен за време на игуменот Стефан во 1864 година. Архитектонската конструкција на иконостасот ја изработил мајсторот Дојчин Зулфа, декоративните работи се на неговиот син Добре (од село Лазарополе), а иконографијата, главно, е на познатиот зограф Димитар Крстев - Дичо Зограф (1819 - 1872) од селото Тресонче.
Со сликањето на иконостасот Дичо Зограф почнал во 1853 година, по завршувањето на фрескописот во олтарот (1852). Од претходниот, стариот, иконостас единствено е зачувана престолната икона Богородица Одигитрија од зографот Анастас Христов.

Точно не се знае кога е изработена олтарната преграда во плитка резба, но се посочува периодот меѓу двете светски војни. Тогаш е извршена измена на распоредот на иконите. Особено е препознатлива замената на иконата Благовештение Богородично од 1856 година со истоимената икона од 1911 година на српскиот сликар Милислав Марковиќ и шест други од Аврам Дичов настанати во 1881 година.

Застапените икони на иконостасот од Дичо Зограф се создадени од 1848 до 1865 година. На повеќето од нив е регисрирано неговото име. Така, од 29 икони што се со натпис во црквата, на 19 е регистрирано неговото име. Меѓу ретките остварувања на Дичо Зограф во Света Пречиста е и плаштаницата Надгробное ридание (1860), изработена по порачка на јеромонахот Симеон.

Царските двери се од XIX век. Нивниот автор е непознат. Изработени се во длабока ажурна резба. Според стилот и мотивите, се претпоставува дека нивниот автор - резбар бил од тајфата на Макарие Фрчковски.

На иконостасот има еден корниз во длабока резба од 1737 година.

Најгоре на иконостасот е големиот крст целиот изработен во резба. На него е претставата Распетие Христово, а долу, над устите од резбаните аждаи, во резбани рамки, се насликани Богородица и св. Јован.
Покрај царските двери што се сега во функција, во црквата Света Пречиста има царски двери од XVI век. Тие се најстара резба овде. Од XVI век е и владичкиот стол. Игуменскиот и архијерејскиот трон се од XIX век, исто така изработени во резба.

Најважно иконографско дело во Света Пречиста е чудотворната икона. Од една страна на неа е Исус Христос, а од другата страна е Богородица во прегратка со Христоса. Неа во 1865 година ја ретуширал зографот Дичо Зограф, кој успеал целосно да ги дочува стилот и бојата. Во 2006 година чудотворната икона повторно е конзервирана. Се наоѓа на западната страна од наосот, во нејзиниот северен дел, во притворот, поставена на бигорен камен над изворот.

Живописот во олтарниот простор е дело на тајфата на најпродуктивниот зограф на XIX век во Македонија Дичо Крстев од с. Тресонче, кое го завршил во 1852 година.

Фрескописот во наосот и на куполата е изработен триесетина години по живописувањето на олтарот. Кој е авторот не е регистрирано, но во историјата на уметноста, врз основа на споредби со живописи во други храмови на коишто е регистриран зографот, со голема сигурност, се посочува синот на Дичо Зограф, Аврам Дичов.

Бидејќи покривот на црквата Света Пречиста бил со камени плочи, во скоро вековноиполното постоење навлегувала влага, па дошло до знатни оштетувања на фрескописот. Поради тоа, во 1988 и во 1989 година се извршени конзерваторски интервенции на делумно оштетениот фрескопис.

Подот е со камени и мермерни плочи. На средината од наосот е компонирано осумзразно сонце со диск од мермерни плочи. Осумаголникот концентрично се шири во наосот преку наизменично менување на камени и мермерни редови на плочи.

Во дворот на манастирот се наоѓа и манастирска чешма.

Овој манастир за цело време бил со македонски дух. Се служело на црковнословенски, на разбирлив јазик, со широко навлезени црти на народниот говор.

За потребите за просветување на своето монаштво и за ширење на просветниот дух меѓу населението, а во недостаток на печатени книги, во манастирот имало и препишувачка дејност. Со својата духовно-просветна дејност манастирот Света Пречиста бил светилник во темнината во македонското националноослободително дело.

Манастирот е женски и во него живее игуменијата Агнија со искушеничката Драгица.

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1