Sv. KlimentМитрополит Тимотеј

Да ги почитуваме светиите

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Веќе поминаа 11 века откако нашиот заштитник и молитвеник, златниот св. Климент Охридски го заврши земниот подвиг. Но, неговото име и неговата слава секогаш светли и осветлува и е драгоцена за секој православен христијанин. Неговата слава и неговиот блесок никако не се намалува и не се затемнува. Во Светото писмо се вели: „А праведниците живеат довека: нивната награда е во Господа, за нив се грижи Севишниот“ (Мудр. 5,15).



Св. Климент ги усвоил во себе евангелските добродетели и ни ги покажал со својот лик во сè вкупната нивна убавина. Тој се пројавува како непоколеблив верник со непоколеблива вера во Бога и во Светата Троица и во нашиот Спасител Господ Исус Христос. Со таа вера тој доаѓа во овие простори и ја проширува православната вера на нашите  браќа и сестри кои живееле овдека во тој период. Св. Климент бил жив сад со горешта љубов кон луѓето. Тој бил и останува пример со големо трпение во невидливата борба со нечестивиот за нашето спасение. Тој е олицетворен пример на христијанското смирение. Св. Климент е голем молитвеник и заштитник не само на Охрид и Македонија, туку и на секоја христијанска душа која со искрена вера и покорност му се обраќа за помош и заштита.

Ако ние ги почитуваме нашите светители, тогаш сме должни нив и да ги подржуваме во нивните добродетели, во нивната вера и во непоколебливата надеж и да ги исполнуваме законите и прописите на нашата света православна Црква.

Нас нема да нè признае за свои браќа и големиот старозаветен праведник Авраам ако ние не ја подржуваме неговата силна вера. Каква била верата на праведниот Авраам? Таа била силна и непоколеблива. Кога Господ му заповедал да оди во непозната земја тој ја остава својата родна земја. Господ го упатил во идната света земја - Палестина. Авраам го оставил своето родно место и отишол кон ветената земја затоа што верувал во зборот Божји. Кога Господ сакал да ја провери неговата вера му заповедал да го жртвува и својот син Исак. Авраам го послушал гласот Божји и се упатил во планината за да го жртвува својот син(1Мојс. 22,1-12). Таква била верата непоколеблива, без и најмалку сомневање во зборовите Божји на овој старозаветен праведник Авраам. Но, сепак Бог не дозволил да биде жртвуван неговиот син.

Нема да нè признаат за свои деца и светите апостоли Христови, ако ние знаеме како тие ги жртвуваа своите животи во името на спасението на луѓето. Апостолите имале силна распламтена љубов кон луѓето и со нивните неустрашливи проповеди, сеејќи го зборот Божји, сакале луѓето да ги избават од вечни страдања и погибел. Ние не можеме да ги подржуваме во љубовта еден кон друг, ако немаме во нашите срца вистинско братољубие и Христољубие.

Исто така нема да нè наречат свои сограѓани во Небесната татковина светите маченици, кои примија маченичка смрт заради Христа, ако ние во нашиот живот не ги подржуваме барем и малку според нашата сила и ако не покажеме трпеливост во моментите на жалост, маки и болест.

Нема да ни го видат нашето лице во Небесната татковина и нашите преподобни отци, ако ние не се бориме со нашите страсти, пороци, ако одиме по желбите нашите тела, ако допуштиме гревот да завладее со нашето срце, ако не се плашиме од вечната погибел и не ги покаеме нашите гревови и не ги миеме нашите срца со покајни солзи. Потребно е да го следиме примерот на мачениците, преподобните, апостолите и светителите. Потребно е да бидеме исполнети со милосрдие, братољубие, трпеливост во страдањата и благодарност во сиромаштијата.

Неопходно е да знаеме да го носиме својот крст, кој на секого посебно е испратен од Господа. Да погледнеме на светиите. Какви сè добродетели покажале во нивниот живот, а и какви искушенија тие претрпеле? Какви подвизи на љубовта тие имаат оставено за вечно надградување, а какви сиромаштии тие претрпеле за нивниот овоземен живот?

Ако ние отидеме во вечен живот без добродетели и добри дела, без животни подвизи, туку само со нашите непокаени гревови, светиите нема да нè наречат свои браќа. Тие вака ќе ни кажат: Зар ние не бевме луѓе како и вие, со такви болести и слабости? Зар благодатта Божја не ве поткрепуваше така како и нас, во нашите денови за време на земниот живот? Зар Господ кој вети дека секогаш ќе биде со неговите верни чеда не беше секогаш со вас? Зар вие немавте смелост да правите така како што правевме ние и ги повикувавме на помош испружените раце Божји кон нас? Уште потешко за нас и вечно зло ќе заслужиме, ако ние не одговориме на татковската љубов, на големото долготрпение со кое Господ ги трпи нашите гревови и не нè казнува во истиот час со казна која сме ја заслужиле. Затоа ние сме должни да го живееме нашиот живот како достојни деца на небесниот Отец. Уште полошо е за нас ако ние не се стремиме со нашите помисли, со нашите срца кон вечното Царство Небесно, ако не се погрижиме нашите грешни срца да не го извалкаат во себе образот Божји со нашите гревови и пороци и ако не го украсиме со вечните убавини, подржувајќи ги Божјите угодници.

Да се обратиме со искрена молитва кон св. Климент, охридскиот чудотворец, тој да ни испрати благослов Божји, за да можеме и ние да ги исполниме овие добродетели, за да нè препознаат и Божјите угодници заедно со св. Климент и да нè признаат  за нивни следбеници и почитувачи, но во исто време и деца на Севишниот. Св. Климент да ни даде сила да можеме сите маки и искушенија христијански да ги поднесуваме и да нè утврди на вистинскиот Христов пат. Нашата вера исполнета со христијански дела нека нè следи во целокупниот наш живот и така да нè однесе во Царството Небесно и заедно да го прославуваме Триединиот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и во сите векови. Амин!  

                                                                                        
08.12.2010 година
Св. Климент Охридски
храм „Св. Климент и Пантелејмон“                                                                                     
Плаошник - Охрид

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Август 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
27 28 29 30 31 1 2
3 4 5 6 7 8 9
10 11 12 13 14 15 16
17 18 19 20 21 22 23
24 25 26 27 28 29 30
31 1 2 3 4 5 6