На 25 април 2010 година, во струшкото село Ложани се изврши осветување на нов параклис посветен на Свето Преполовение. Чинот осветување го изврши Неговото Високопреосвештенство Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на парохискиот свештеник Ристе Наумоски и свештеник Игор Никовски, секретар на Дебарско-кичевска епархија. После осветувањето се отслужи света архиерејска Литургија. Кон благочестивиот верен народ Владиката се обрати со поучно слово кое во целост ви го пренесуваме.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Христос воскресе!

Running sports | JORDAN BRAND

Драги браќа и сестри,

          Денешното свето Евангелие ни раскажува за едно чудо што го направил нашиот Спасител Господ Исус Христос. Во Ерусалим во близина на Овчата порта имало бања со пет тремови, а по еврејски се викала Витезда. Во нив лежле многу болни, слепи, хроми, глуви кои очекувале да се раздвижи водата (Јов. 5, 2-3).
Во бањата Витезда имало еден човек кој лежел на својата болесничка постела, не можејќи да се движи цели 38 години, така што живеел од милостињата што му ја давале луѓето што доаѓале да се излечат во бањата. Така еднаш Господ Исус Христос дошол во оваа бања и видел многу болни од најразлични болести. Но пристапил кон овој човек кој 38 години лежел беспомошно и се надевал дека и за него ќе дојде ден и него прв да го спуштат во бањата за да се излекува. Но, бидејќи немал вистински пријател, тоа го чекал повеќе години. Овој несреќник единствено што имал била верата и надежта дека ќе дојде време што ќе му донесе пријател кој ќе му помогне прв да влезе во бањата за исцеление. И доаѓа тој најголем момент во неговиот живот, и неговата надеж ќе се исполни. Неговата вера ќе му доведе пријател да му помогне прв да слезе во водата и да оздрави. Христос му пристапил на болниот човек и го прашал: „Сакаш ли да бидеш здрав?“ (Јов. 5, 6). Болниот надевајќи се дека е дојден часот за неговото оздравување радосно одговорил: „Да Господи, но немам човек кој ќе ме спушти“... (Јов.6, 7).
Овој тежок болесник толку долго време страда, лежи закован за својата постела, нема пријател за да му помогне; лежи неподвижен, од сите оставен и заборавен. Многумина поминуваат покрај него. Сите знаат за неговата тешка болест, за неговото трпение и долгото чекање за оздравување. Се измениле многу генерации, а нема кој да му помогне. Секој мисли за себе за своите роднини, пријатели и сакани. Овој несреќник е отфрлен, и потполно отпишан од сите. Никој да се сожали над него од неговите сограѓани, на човек кој скоро 40 години поминал во овој мрачен ходник очекувајќи некој да се сожали над него.
„Немам човек да ми помогне“ се жали тој на Христа. Колку страшно е да се слушне оваа жалба. Толкав голем град, а нема пријател. Сепак неговата вера и надеж му доведуваат пријател. Му доаѓа во помош најголемиот пријател на сите луѓе и на сите времиња - Христос Кој му вели на болниот: „Стани, земи си ја постелката своја и оди си дома! И веднаш оздраве човекот, ја зеде постелката своја и одеше“ (Јов. 5, 8-9). Оди си во живот. Живеј отсега како сите луѓе и биди здрав како и другите луѓе. Тоа е негов Нов закон, законот на новиот живот во духот на светото Евангелие кое ни донесува нова заповед за љубовта кон Бога и кон сите луѓе. По неколку дена Исус Христос го сретнал овој човек во ерусалимскиот храм и му рекол: „Ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо“ (Јов. 5, 14).
За време на својот земен живот Христос извршил многубројни чуда лекувајќи кај луѓето секакви болести. Во очите на Господа човекот е пред сé - творба Божја, син или керќа на Небесниот Отец. Проштеваат и родителите на своите лоши деца во овој свет независно на големите горчини што им ги нанесуваат, така ни проштева и на нас непослушните, љубовта на Отецот Небесен.
Господ ни дал нов живот и сé што е неопходно за живеење. Но ние како грешни луѓе не знаеме правилно и достоинствено ова да го цениме и најмалку одговараме соодветно на таа Божја љубов.
Секој, пак, еден од нас е зафатен со оваа или со онаа незгода, со оваа или со онаа болест. Нема на земјава апсолутно здрав човек. Болестите и маките Господ ги допушта на нашите срца и души. Како што преку многуте жалости би требало да се спасиме, така и преку многуте болести треба да се усовршуваме.
Страшна е телесната болест, но уште пострашна е духовната. Помеѓу духовните и телесните болести секогаш постои врска затоа што телото се јавува како дом на душата на Духот Божји, кој живее во секој човек. Работејќи за спасение на душата не треба да го заборавиме или потценуваме и телото. Свети апостол Павле вели: „Секој човек го храни и топли своето тело“ (Ефес. 5, 25). Според христијанското разбирање телото - е храм на Духот Божји, кој живее во нас. Затоа и ние како верници кога се опростуваме од покојните се крстиме кон упокоеното тело како кон храм и му се поклонуваме. Но, исто така и при секоја грижа за телото не треба да заборавиме и за грижата за душата во овој свет.
Секоја болест што ги снаоѓа луѓето не потекнува сама од себе без никаква причина. Причини има многу. Главна причина се наоѓа во самите нас. Од тоа како ние живееме, како ги исполнуваме Евангелските заповеди и општите човечки морални норми, зависи нашата состојба. Ако ние ги потценуваме заповедите Христови, за моралното и чистото живеење за духовното усовршување тогаш ние задолжително ќе бидеме со болна душа. Болеста на душата сама по себе повлекува и болест на телото. Оној што ја разрушува нашата душа и нашето тело е главниот сторител - а тоа е гревот. Гревот е нарушување на Божествените заповеди. Затоа секој грев нé прави болни и слични на човекот што ни го раскажува светото Евангелие, кого Господ Исус Христос го излекувал при Овчата порта во Ерусалим.
Драги браќа и сестри, преку денешното свето Евенгелие Црквата нé учи како треба да живееме за да имаме здрав дух во здраво тело. И едното и другото ни е дарувано од Бога. Господ ја зел на себе сета наша немоќ и дошол на земјата за да нé излекува од гревот. Тој го примил нашето човечко тело го обновил и обожил и го вознел на небото. Он во сé бил сличен на нас, освен во гревот. Сето тоа било потребно не на Господа туку за нас луѓето. Он ни дал пример преку Својот живот, Своето учење и Својот крсен подвиг.
Христовото воскресение тоа е победа над гревот над болестите, победа над најголемото зло - смртта. Воскресна Христос и нема болест која човекот не може да ја победи. Христос воскресна и ние примивме полнота на благодатната сила, која нé лекува и спасува. Целта на нашиот живот е совршенство во Христа и уподобување на него.
Во овие свештени денови на Пасхата Господова, да се радуваме на Воскресението Христово. Да го молиме началникот на нашиот живот, Он да воскресне во нашите души и да ни ги подари сите добра во овој век и живот вечен во вечноста.

25.04.2010 година, Осветување на црква Свето Преполовение
- (Трета недела на Раслабениот) село Ложани - Струга

Митрополит Тимотеј

lozani20101

lozani20102

lozani20103

lozani20104

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Мај 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
27 28 29 30 1 2 3
4 5 6 7 8 9 10
11 12 13 14 15 16 17
18 19 20 21 22 23 24
25 26 27 28 29 30 31