„Преславната тајна што се однесува на тебе, веќе ни ја откри капината која остана неизгорена, кога го прими пламенот, Благодатна и сепеана, зашто, и по раѓањето, ќе останеш чиста и секогаш Дева“ (песна од Канонот на Благовештение на Пресвета Богородица).

 

Денеска Слово Божјо слезе на земјата, благовестено преку ангелот Господв, кој на Пресветата Владичица и кажа јасно: ти ќе Го примиш Создателот во утробата и незименливо ќе Го родиш. Радувај се чиста и благословена, преку која се обнови созданието; радувај се Невесто неневесна.

 

На овој блажен празник на Благовештението на спасителната вест за сето создание, на 07.04.2017 година, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Златоустова Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Димче Ѓорѓиески, протоерејот Никола Христоски, свештениците Горан Ставрески, Владо Недески и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати пред многубројните верници со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Best Sneakers | New Balance 530 Til Kvinder, hvid - MR530SG

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Нашите прародители биле воведени во рајската градина (1.Мој.2,15). Прекрасните дрва и растенија ги насладувале нивните погледи. Нивните плодови ги хранеле, а сите животни им се покорувале. Самиот Бог со нив зборувал, онака, како што зборува саканиот родител со своите чеда. Он им ја открил Својата света волја, учејќи ги на вистината и на доброто.


Божјото откровение нè поучува дека нашите предци не можеле да го сочуваат светиот сојуз со Бога. Тие се оддале во давањето почит на телото, и тоа, постанало господар над нив, и злото го потиснало доброто (Рим.7,14–20). Ние знаеме дека Бог на прародителите им наредил да не јадат од дрвото на познанието. Но, по нарушувањето на Неговата прва заповед, тој сојуз, помеѓу Бога и прародителите, Бог со жалење го раскинува. Он е најсветата Светлост. Не може да биде во сојуз и во општење со оние на кои телото им станало господар на духот, односно, со оние, на кои телесното посакување им надвладеало над духовните потреби (1. Мој. 3, 23 – 24).


Минувало време и луѓето сè повеќе се оддалечувале од Бога, паѓајќи во најразлични гревови. Затоа, Бог го испраќа потопот во времето на Ное. Потоп кој ќе го истреби злото. Но, Бог нема да го уништи целокупниот човечкиот род, како и останатиот жив свет. Божјата љубов е голема и Бог вели дека ќе дојде време кога семе од жена ќе ја сотре главата на змијата (1. Мој. 3, 15).


Што значи тоа „семе" и „кога ќе настапи време"? Ветувањето дека семе од жена ќе ја сотре главата на змијата, означува дека ќе настапи време кога помеѓу луѓето ќе се појави Некој, Кој ќе има сила и власт да го победи господарот на злото и гревот. Ќе пресече сè што е лошо и нечисто, и повторно ќе го подигне човечкиот род горе, онаму, каде што според промислата Божја, му прилега да биде. Бог ќе му ги даде сите можни средства повторно да се обнови и да се врати кон послушноста на Божјите заповеди. Преку нивното исполнување ќе може да воспостави сојуз со својот Творец и Владика (Лк. 1, 68 – 75).


Ова ветување, дадено уште во рајот, не е случајно. Светите отци го нарекуваат протоевангелие. Тоа било искра на надеж и ни покажува дека Бог е највозвишената Љубов (1. Јн. 4, 8). Он не гледа на нашите престапи и гревови. Не се откажува од нас, туку, секогаш очекува наше благоразумие и секогаш е подготвен да ни помогне. Денес се исполнува тоа време, ветено во Стариот завет. Во презрениот Назарет, архангелот Гаврил ѝ се јавува на света Дева Марија, соопштувајќи ѝ ја радосната вест дека ќе Го роди Началникот на нашето спасение (Лк. 1, 26 – 35).


Како света Дева Марија ја примила оваа вест? Дали со гордост? Не! Дали со роптање? Не! Напротив, со голема смиреност и со потполна преданост на волјата Божја. Се потчинила на зборот кој ѝ е даден од небото. Се потчинила во името на севкупниот човечки род, поранешниот, сегашниот и идниот, изговарајќи ги зборовите: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!"(Лк. 1, 38). Таа, со нејзината спремност нè враќа во убавото послушание кон Бога и нè прави деца Божји. Ете зошто денешниот празник е толку радосен за сите христијани и за целата Црква.


За да нè обожи, Бог постанува човек. Оној Кој е поголем од вселената се овоплотува. Повторно се оценуваат сите човечки вредности. Се отстрануваат сите заблуди, страни патишта и сите падови. На луѓето повторно им се открива длабоката љубов Божја и премудрост. Им се открива патот кон небото и општењето со небесните жители, со ангелите Божји. Луѓето добиваат можност да ги ползуваат сите дарови што Бог ги благословил да им ги даде на луѓето за нивно спасение. Ни се отвора небото, престолот херувимски и света Дева Марија. Црквата на земјата постанува дел од небото и одиме во обновен живот. Сето тоа, пак, постанува возможно преку пренепорочната Дева Марија, којашто е почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите. Амин!

 

Благовештение
07.04.2017 год.
Храм „Св. Софија" - Охрид

 

blagov2017 1blagov2017 2blagov2017 3blagov2017 4blagov2017 5blagov2017 6blagov2017 7blagov2017 8blagov2017 9blagov2017 10blagov2017 11blagov2017 12blagov2017 13blagov2017 14blagov2017 15blagov2017 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3