„Твојата отсечена глава, од која сѐ уште крв течеше, беше понудена како награда за блудни подвизи. Таа, и по смртта, го прекоруваше Ирода кој со својата неморална врска ја нарушуваше природата“ (песна од Канонот на Утрена на Отсекување на чесната глава на св. Јован Крстител).

 

На 11.09.2017 година, на денот кога си споменуваме за настанот на отсекувањето на чесната глава на светиот пророк, Претеча и Крстител Јован, во манастирот „Св. Јован Крстител“ - Бигорски, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Партениј, протоереј-ставрофор Никола Христоски, еромонасите Доситеј, Макариј, Ефросиниј и Кирил, свештениците Димче Азески, Илија Поп Гонов, Миле Алексоски и Павел Крцоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконите Порфириј и Силуан. По завршувањето на Литургијата, беше осветено коливото, а потоа беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач. Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Best Sneakers | Nike Dunk Low Coast UNCL - Grailify

 

Митрополит Тимотеј

Драги браќа и сестри,

Денеска нашата света Црква прославува трагичен ден. Денеска си спомнуваме за отсекувањето на главата на св. Јован Крстител и Претеча Господов. Овој настан тешко може да се нарече празник. Но, сепак, го прославуваме онака како што го прославуваме и Велики петок, а и целата страсна седмица. Тој се разликува од останатите празници по тоа што не го прославуваме со веселби, онака како што ги прославуваме останатите празници, туку, со пост, и тоа, строг. Но, истовремено, ние, си спомнуваме што се случило на овој ден во минатото.


Св. Јован Крстител и Претеча Господов проповедал покајание. На луѓето им велел дека по него доаѓа Христос и Нему треба да Му се покоруваат. Мисијата на светиот пророк и Претеча била поврзана со проповедта за покајание. Без сознанието за покајание, човекот е неспособен да ги осознае и сопствените гревови. Таквиот човек е неспособен да го открие своето срце пред Севишниот Бог. Покајанието е неминовно и тоа е прв чекор кон спасението. Покајанието не е едновремен чин, туку, чин кој се повторува низ целиот наш живот, односно, од млади години па сè до длабока старост. Со идејата и со идеалот за потреба од покајание, треба да се започнува и да се завршува секој ден. Ако ние, секој ден се обраќаме со молитва и со покајание кон Бога, а за простување на нашите гревови, тогаш, нема да живееме во гревот, туку, ќе живееме во Бога. Нашето покајание не треба да биде, како што често пати знаеме да го правиме механички, вербално, или пак, според утврдените молитви во молитвениците и слично, бидејќи тие молитви не извираат од длабочината на душата. Доколку само така се каеме, покајанието нема да го опфати нашиот живот. Но, ако ние се молиме и бараме опростување на нашите престапи, гледајќи го нашиот живот во поширок контекст на севкупен живот и се молиме искрено со отворено срце и душа за нашето сознание дека сме грешни во секојдневниот наш живот и ако сите наши постапки ги подложуваме на Божјиот суд, тогаш нашиот живот ќе биде поинаков. Тогаш нашите постапки ќе бидат различни. Само тогаш ќе добиваме опростување на нашите гревови и ќе ја почувствуваме Божјата благодат врз нас.


Тоа покајание и таквата молитва, на почетокот, можат да ни изгледаат нерационални, контрадикторни со секојдневниот живот. Колку повеќе ќе се обидуваме да се издигнеме кон височините, кон Бога, толку посилно ќе бидеме искушувани од непријателот на родот човечки, кој како лав рика и сака некого да проголта (1. Петр. 5, 8). Но, кога ќе постигнеме навика, која заради вистината, не се постигнува лесно и едноставно, туку со голем труд и истрајност, тогаш, нашата молитва на секое место и во секој миг ќе биде непопречувана, независно во каков момент и место се наоѓаме. Тогаш, секој ден ќе ни започнува и завршува со сознание за нашата гревовност и за потребата од искрено и вистинско покајание. Само преку тоа покајание ќе можеме да се здобиеме со Божја благодат за надминување на сите препреки во нашиот живот.


Светиот пророк, Претеча и Крстител Јован, проповедајќи го покајанието ги подготвувал срцата на луѓето за восприемање на Евангелието. Така, и ние, преку покајанието се подготвуваме да ја примиме Божјата благодат. Верата, којашто е посредник, му се нуди на човечкиот род, која помага постапно, но сигурно да постигнеме искуство кон тоа покајание.


Но, што се случило со св. Јован Крстител? Тој бил почитуван од народот. Водел аскетски живот. Отишол во пустината и јадел тоа што таа му го дава. Во Евангелието се вели дека јадел скакулци и див мед и не пиел вино (Мт. 3, 4). Го поразувал народот со својот аскетски живот, со својата вера и со дарот пророчки. Многуброен народ доаѓал на реката Јордан да се крсти и да добие опростување преку покајание. Претечата својот живот го завршува трагично од пијан управител. Оние што немаат вистинска вера и разбирање за христијанството, онака како што го имаме во секојдневниот живот, си поставуваат многу прашања: Зошто Бог допуштил таков праведник, така да го заврши својот овоземен живот? Но, тие не знаат дека за Бог и за христијаните, покрај овоземниот живот постои вечен живот, и св. Јован се наоѓа токму во тој живот. Затоа е толку славен и прославуван и од Бога и од светата Црква.


Да се обратиме и ние со искрена молитва кон св. Јован Крстител. Тој да биде наш молитвеник и поткрепувач на нашата вера. Та и ние да ги отвориме нашите срца и души со искрено покајание, за да добиеме простување на нашите престапи, грешки и гревови, а преку тоа да се здобиеме со благодатта Божја и да одиме по вистинскиот пат кон царството небесно. Амин!

 

Отсекување глава на свети Јован Крстител
11. 09. 2017 год.
Манастир „Св. Јован Крстител – Бигорски"

 

otesekuvanje2017 1otesekuvanje2017 2otesekuvanje2017 3otesekuvanje2017 4otesekuvanje2017 5otesekuvanje2017 6otesekuvanje2017 7otesekuvanje2017 8otesekuvanje2017 9otesekuvanje2017 10otesekuvanje2017 11otesekuvanje2017 12otesekuvanje2017 13otesekuvanje2017 14otesekuvanje2017 15otesekuvanje2017 16otesekuvanje2017 17otesekuvanje2017 18otesekuvanje2017 19otesekuvanje2017 20otesekuvanje2017 21otesekuvanje2017 22otesekuvanje2017 23otesekuvanje2017 24otesekuvanje2017 25otesekuvanje2017 26otesekuvanje2017 27otesekuvanje2017 28otesekuvanje2017 29otesekuvanje2017 30otesekuvanje2017 31otesekuvanje2017 32

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5