„Христос му велеше на Тома: Допри Ме, бидејќи сакаш; стави ја раката и сфати дека имам коски и земно тело, и не биди неверен, туку заедно со другите увери се! А тој извика: Ти си мојот Бог и Господ! Слава на Твоето Воскресение!“ (хвалитна стихира на Утрена на Томина недела).

 

На 15.04.2018 година, во неделата по Велигден - Томина недела, во храмот „Пресвета Богородица“ во Мелбурн, Австралија, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Ефтим Бетински и Димче Ѓорѓиески, игуменот Гаврил и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

latest jordan Sneakers | 2021 New adidas YEEZY BOOST 350 V2 "Ash Stone" GW0089 , Ietp

 

Митрополит Тимотеј

Христос воскресе!

Драги браќа и сестри,

Оваа недела, прва по светлото Христово Воскресение, Црквата ја нарекува Томина недела. Во овој ден, во светата Црква, се зборува за најважното нешто во животот на луѓето. Се зборува за она што го преобразува животот на луѓето, односно, го преобразува од обичен, во непроценливо ценет во очите Божји, но, исто така и во сопствените. На сите ни е познато евангелското четиво за апостолот Тома. Св. ап. Тома не поверувал на кажаните зборови од страна на останатите апостоли, дека им се јавил Воскреснатиот Христос. Оваа вест во себе носи голема смисла. Евангелието завршува со зборовите: „А овие се запишани, за да поверувате дека Исус е Христос, Син Божји, и верувајќи да имате живот во Неговото име" (Јн. 20, 31), односно, преку верата во Господа Исуса Христа и преку верата во Бога, човекот може да најде можност да живее во Бога, односно, да живее вечно. Со други зборови, тој има можност преку општење со Бога да живее вечно.


Господ Исус Христос не рекол дека за да се живее со Него, потребно ни е богатство, ученост и други овоземни привилегии, туку, само да се има вера во Него. Тоа значи дека верата се јавува како главна сила, којашто е способна нас да нè воведе во вечноста. Никаква друга сила, никакви други добродетели и други каритативни дејности, не можат да ни обезбедат вечност во Бога. Само верата ја има таа сила и тоа значење.


Откако постои светот и векот, постои и верата. Но, верата којашто не е вера во Бога, не е спасоносна, туку, само верата во Исуса Христа и во Неговото Воскресение ни дава можност за вечно општење со Бога и спечалување вечен живот. Да се верува во Бога не е просто и едноставно. Св. Василиј Велики вели: „Секој збор Божји е голема вистина, исполнет со сила. Понекогаш природата нè уверува во обратното, затоа верата е голем подвиг". Да се верува, неретко значи да се оди против здравиот разум, против човечкото искуство и против законот на природата, бидејќи природата нè уверува во спротивното. Затоа, и апостолот Тома не им поверувал на апостолите, бидејќи природата нè уверува во спротивното. Не може да воскресне човек умрен и чиешто тело се распаѓа. Тоа апсолутно било против искуството на ап. Тома, но, и на сите луѓе коишто живееле на земјата. Затоа овој апостол вели: „Дури не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам" (Јн. 20, 25). На ова Воскреснатиот Христос, подоцна му вели: „Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверлив, но верлив! ... Тома, ти поверува, оти Ме виде; блажени се оние, кои не виделе, а поверувале!" (Јн. 20. 27 и 29).


Верата е посебна сила којашто е присутна кај луѓето. Тоа е сила на умот, на волјата и на чувствата. Верата ги собира сите потенцијали кај луѓето, односно, сите оние нешта за кои е способен човекот. Верата ни дава можност да се допре до една поинаква реалност. Да се верува не е едноставно, туку, бара голем подвиг, според зборовите на св. Василиј Велики. На Господа Му било угодно, преку верата, да се определува спасението на луѓето. Зошто од верата на човекот зависи неговото спасение, односно, на родот човечки? Затоа што верата е една таква состојба, којашто бара од човекот, сите свои сили да ги предаде на својата вера, односно да ги сконцентрира кон неа. Секој еден од нас, кој имал големо искушение да се моли за спас на себеси или на свои блиски, знае колку психофизички енергии се употребуваат во молитвата кон Бога. Да се сетиме само на Господа Исуса Христа во Гетсиманската градина, каде што се вели: „Бидејќи се наоѓаше во внатрешна борба, поусрдно се молеше, а потта Му беше како капки крв, што паѓаа на земјата" (Лк. 22, 44). Затоа и верата се јавува како безусловен услов за нашето спасение. Само верата ги соединува сите психофизички сили. Преку верата започнува реалниот опит и човековото доживување на поинаквата реалност. Тоа искуство бива различно. Кај апостолот Тома тоа се случило со физичкото допирање со Воскреснатото Тело на Господа Христа. Кај најголем дел од луѓето, пак, таква можност нема, туку, тоа се доживува со силна и предана молитва. Тогаш, на нашата молба, Бог праќа одговор за тоа што сме молеле и проселе.


И ние денеска, кои се наоѓаме во овој свет храм, да се обратиме кон Бога со искрена молитва. Божјата благодат да се пројави во нашиот живот и да нè крепи на тој пат во богопознанието и да ја зацврсти нашата вера. Преку верата, пак, да ни даде и надеж во вечен живот во нашиот Воскреснат Господ Исус Христос. Амин!


Христос воскресе!

 

Томина недела
15. 04. 2018 година
Храм „Св. Богородица" – Мелбурн, Австралија

 

tomned2018 1tomned2018 2tomned2018 3tomned2018 4tomned2018 5tomned2018 6tomned2018 7tomned2018 8tomned2018 9tomned2018 10tomned2018 11

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Ноември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
26 27 28 29 30 31 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 1 2 3 4 5 6