„Си воскреснал од гробот како Бог, во слава, и светот си го воскреснал со Себе, и човечката природа како Бог Те воспева, и смртта исчезна; Адам, пак, ликува, Владико, а Ева, избавена од оковите сега, се радува викајќи: Ти си, Христе, Оној што на сите им даваш Воскресение“ (кондак на Воскресна утрена глас 1).
На 10.06.2018 година, во Втората недела по Педесетница и на празникот на свети Варлаам Архиепископ Охридски, во храмот „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Европски г. Пимен, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Игор Никовски, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески, Љупчо Бакрачески, Александар Димоски и Сашо Целески, протоѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васил Ристовски и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме. Потоа беше осветен и новиот конак кај храмот „Пресвета Богородица Перивлепта“ во Охрид, а беше отворена и новата црковна продавница „Кандило“, сместена во истиот конак. Во продолжение ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј.
url clone | Nike News
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
„Бог го избра она, што е безумно во овој свет, за да ги посрами мудрите; Бог го избра она, што е слабо во овој свет, за да ги посрами силните" (1.Кор. 1,27)
Како што знаеме од Библијата, кога нашиот праотец Адам ја прекрши Божјата заповед, беше истеран од рајот. Поради неговиот престап, сите луѓе станаа осудени на смрт. Истите, преку животот се навикнаа на многу лоши обичаи, на телесни гревови, безбожие, идолопоклонство и станаа робови на ѓаволот. Затоа, милостивиот Бог, слезе од небото, се роди од св. Дева Марија, и стана Човек, за да го избави родот човечки, да го упати кон правиот пат, и да го поведе кон вечното блаженство, од каде што беше истеран. Но, за да остане Неговата проповед запаметена, требаше да има свидетели, кои ќе го проповедаат Евангелието по целиот свет, и да ги просветат сите народи. Затоа, Господ Исус Христос, оди по суво и вода, како што отиде и на Галилејското море, да ги собере Своите ученици и апостоли, за да ги проповедаат Неговите чуда на земјата, коишто и денеска ги слушнавме во евангелското четиво, на светата Литургија.
Гледаме какви луѓе избира Господ Исус Христос за Негови апостоли. Избрал не мудри, туку, прости рибари и сиромашни, за да ги посрами горделивите и мудри Елини, кои не можеле да ја познаат Божјата премудрост. Затоа, кога го гледаме небото и земјата, и сè што се наоѓа по нив, Го познаваме Бога. „Небесата ја објавуваат славата на Бога, а за делата на рацете Негови известува сводот небески." (Пс. 18, 1). Сè што постои е направено од ништо, а Грците, и покрај тоа што биле толку мудри и ги гледале мудрите Божји созданија, сепак, не можеле да Го познаат Бога. Затоа, Бог ги избира простите рибари, за да убедуваат со кротост и смирение, а не со мудрост и насилие, бидејќи пред Бога и Неговата мудрост, секоја човечка мудрост се губи и станува ништо. Затоа, апостолското учење ја посрами елинската философска мудрост. Тоа што мудрите философи и силните цареви не можеа да го направат, го направија, со Божја помош, неуките и прости рибари. Го убедија целиот свет и го привлекоа кон вистинското Богопознание. Се поставува прашањето: Зошто Бог, кога ги избира апостолите, ги повикува двајца по двајца, како што е случај со Петар и брат му Андреј? Не за друго, туку, да покаже колку е неопходно човекот да има пријател. Ако е сам и ако падне, нема кој да го подигне, а Бог тоа го покажал уште кај Адама, кога вели: „Не е добро за човекот да биде сам; да му создадеме помошник, сличен на него!"(1. Мојс. 2, 18). Кога човек е сам, не може да се спознае и поправи, ниту греши, ниту, пак, има можност кон кого да пројави љубов. „На тие две заповеди се крепат целиот Закон и Пророците" (Мт. 22,40).
Господ Исус Христос, како што тогаш ги повикал апостолите, така и сега, и нас нѐ повикува: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам"(Мт. 11, 28). Но, никој не го слуша Божествениот глас, ниту, пак, го прима Неговиот спокој. Се поставува прашањето: Зошто е тоа така? Дали славата Божја е ослабната, па не може да допре до срцето на луѓето? Не е ослабната, бидејќи, таа не се менува. Како што била при Адаама и Ное, при Авраама и Мојсеја, пророците и апостолите, таква е и денес. Таква ќе биде до крајот на светот и вековите. Но, сега, не дејствува како што дејствувала за време на пророците и апостолите, заради тоа што денес, многу луѓе одат во Црква и го слушаат словото Божјо, но, повторно излегуваат грешни. Остануваат не поправени и, за жал, некои умираат во големи гревови. А зошто е тоа така? Затоа што не се грижат доволно за нивното спасение, туку, повеќе посветуваат грижа и внимание за световните работи. Па, така, кога со телото се во Црква, со духот се наоѓаат надвор од Црквата, по своите работи и други земни грижи. Но, ние знаеме, од зборовите на нашиот Спасител, дека душата е најважна, па затоа и вели: „Оти каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости?"(Мк. 8, 36).
Ние денес, се собравме во овој свет храм, исто така, да прославиме еден голем архиереј на Охридската Црква, поточно, го прославуваме светиот маченик Варлаам, Охридски архиепископ, кој бил маченички убиен во 1598 година од Турците во градот Велес, а потоа фрлен во реката Вардар. Овој архиепископ, како свет маж, светителствувал на Охридскиот престол, во едно многу тешко и мачно време, како за Црквата Божја, така и за народот кој живеел на територијата на Архиепископијата. Тој се застапувал за поголема правда и слобода, за чување на верата и обичаите, и жестоко се спротивставувал на исламизирањето на својата паства. Но, затоа бил протеран од Охрид, и во Велес, на маченички начин, го завршува својот овоземен живот. Неговата храброст и неговата подготвеност да го жртвува својот живот за Христа, нека ни послужи на сите нас за поттик кон цврстината на нашата вера, па да покажеме ревност и да го следиме Христа со искреност, чесност и одданост. Кога се наоѓаме на светите богослужби, да го собереме нашиот ум на молитва и да испросиме милост Божја, а благодатта Божја да биде со нас, и така да можеме сите препреки и искушенија, достоинствено и христијански да ги поднесуваме, а за прослава на Бога и св. Варлаам Охридски и за спасение на нашите души, сега и во сета вечност. Амин.
2. недела по Педесетница
10. 06. 2018 год.
Храм „Успение на Пресвета Богородица - Каменско" – Охрид