„Христе Боже, Кој со Твоето тридневно погребение си ја запленил смртта, и распаднатиот човек си го воскреснал со Твоето живоносно Воскресение, како Човекољубец, слава Ти“ (воскресен седален на Утрена, глас 7-ми).

 

На 16.09.2018 година, во Шеснаесеттата недела по Педесетница и на празникот на св. свештеномаченик Антим Никомидиски и св. маченичка Василиса, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Атанас Казанџиски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, изврши осветување на храмот „Св. Петка“ во населбата Лагадин, Охрид. Храмот започна да се гради на 15.09.2013 година, а се изгради со средствата на црковниот одбор, чии членови се: Христо Петрески, Михаил Петрески, Димитар Таче Петрески (+2014), Петар Кормушоски, Александар Кормушоски, Горан Кормушоски, Томислав Писески и Владимир Писески, како и со донациите на сите добронамерни верници од населба Лагадин. Проектант на храмот е Томислав Писески од Скопје. По осветувањето, според црковниот устав, беше отслужена света архиерејска Литургија, а по завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост. 

buy footwear | Nike Air Max 270

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

 

Денеска се собравме во овој свет храм, посветен, а денес и осветен, во чест на „Св. Параскева", меѓу народот позната како св. Петка. Треба да знаеме дека секој храм Божји, пред сè и над сè, е обиталиште, односно, Божјо живеалиште. Живеалиште на Оној, Кој го создаде видливиот и невидливиот свет и Кој е поголем од вселената. На Оној, Кој од љубов кон нас луѓето, се смести во утробата на Приснодева Марија и постана човек. На Единородниот Син Божји, Кој пострада како Богочовек и нè избави од ропството на гревот и нè ослободи од синџирите на ѓаволот. Он ја основа Својата Црква, за да можеме да ја добиваме Неговата благодат, односно сила, со којашто ќе можеме сите искушенија, сите страдања и сите препреки, кои неминовно нè затекнуваат во нашиот овоземен живот, да ги пребродиме и да одиме по патот којшто води онаму, каде што беа сместени и нашите прародители.


Затоа, светите цркви и манастири се места, каде што Бог обилно ја излива Својата благодат на секоја христијанска душа, којашто со вера, покорност и молитва бара помош од Севишниот. Затоа црквите, од страна на светите отци, се нарекуваат духовни бањи и лечилишта. Места, каде што ние, луѓе од крв и месо, оптоварени со нашите престапи и гревови, токму, во храмот, на молитва, се ослободуваме од тие стеги и преку светите тајни, коишто светата Црква ги извршува, добиваме простување на гревовите. Преку светата тајна Евхаристија, пак, се соединуваме, преку Телото и Крвта Христови со нашиот Спасител.


Па и овој свет храм, иако мал по димензија, нека послужи на секоја христијанска душа, којашто ќе влегува во него со молитва, со скрушеност, со понизност и со покајание за своите знаени и не знаени престапи и гревови, да најде олеснување, очистување и осветување и да оди по вистинскиот пат, на кој сме повикани, како верни чеда на нашата света Црква.


Во денешното Евангелско четиво, прочитано на светата Литургија, се зборува за талантите, односно за даровите, што господарот ги дал на неговите слуги. Тука станува збор како Бог, на сите луѓе им дава разни дарови, и тоа, не подеднакво на секој човек, туку, според нивните можности. Оваа парабола се однесува на сите луѓе, па и на нас овде присутни, но не само за сега, туку и за сите времиња. На крајот на векот, сите ќе застанеме пред Бога да дадеме отчет за нашите дарови што сме ги примиле. Ќе треба да дадеме отчет дали талантите – даровите сме ги сокриле или, пак, сме ги умножиле?


Секој дар, дали на телесен или на духовен план, може да биде употребен за добро, или, пак, за лошо. Нас, како христијани и православни верници, нè интересира умножувањето на даровите, коишто Бог ни ги дал за правење добри дела, а не за пакост и злодела. Нема оправдување за никого! Никој не може да каже дека нема некаков дар. Секој еден од нас има некој дар. Не треба да се има посебно школо, универзитетско образование, или не знам какви титули за да се покаже дарот Божји и да се сподели со оние што имаат потреба од наша помош. Ако на старец или болен му покажеме човечко внимание, ако на патник му подадеме чаша студена вода, ако на питач му дадеме парче леб, ние покажуваме љубов кон луѓето, со тоа ги умножуваме талантите преку добродетели. Не секогаш, големите дарови и подароци значат и важат во очите Божји за наше умножување на даровите, туку, Бог ја гледа добрата намера, желба и волја. Тоа што го имаме да го споделиме, а преку тоа, да го умножиме, давајќи им оние на кои тоа им е потребно. Од св. Евангелие знаеме дека и жената вдовица дала прилог во храмот само две лепти, а тоа би било помалку од 10 денари, но, Бог, нејзиниот дар го примил како најскап, бидејќи сите оставале од својот вишок, а таа, дала сè што имала, дала од својата немаштија.


На крај би сакал да им искажам искрена благодарност на иницијаторите за изградбата на овој свет храм, во ова населено место. За сè што потрошија и даруваа за изградбата на овој свет храм, Бог нека им возврати стоструко, а св. Петка, пак, нека биде нивна молитвеница и заштитничка, и на сите христијани кои со вера и надеж ќе ѝ се обраќаат на молитва.


Нека е честит денот и од Бога благословен. Амин!

 

16. недела по Педесетница – Осветување храм на „Св. Параскева – Петка"
16. 09. 2018 год.
Храм „Св. Параскева – Петка" – Лагадин, Охрид

 

osvlagadin2018 1osvlagadin2018 2osvlagadin2018 3osvlagadin2018 4osvlagadin2018 5osvlagadin2018 6osvlagadin2018 7osvlagadin2018 8osvlagadin2018 9osvlagadin2018 10osvlagadin2018 11osvlagadin2018 12osvlagadin2018 13osvlagadin2018 14osvlagadin2018 15osvlagadin2018 16osvlagadin2018 17 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3