„Верни, со песни денес да го прославиме сепразничниот спомен на Атанасија и Кирила, зашто во бездната на погибелта тие го фрлија измамникот Арија, заедно со Евномија и Савелија, и ги предадоа да горат во вечниот оган, зашто тие неправедно похулија на Спасителовото воплотување. Затоа те воспеваме, Атанасие“ (икос на Утрена на св. Атанасиј и Кирил Александриски).
На 31.01.2019 година, на денот кога го прославуваме споменот на светите Атанасиј и Кирил Александриски, во манастирот „Св. Атанасиј Велики“, метох на манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоереј-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Сашо Целески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните чеда со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Sportswear Design | ナイキ エア マックス エクシー "コルク/ホワイト" (NIKE AIR MAX EXCEE "Cork/White") [DJ1975-100] , Fullress , スニーカー発売日 抽選情報 ニュースを掲載!ナイキ ジョーダン ダンク シュプリーム SUPREME 等のファッション情報を配信!
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.
Драги браќа и сестри,
Денеска светата Црква го прославува св. Атанасиј Велики. Овој Божји угодник живее во IV век и се истакнува со својата ученост, со својата храброст и со своите подвизи заради чистотата и вистината на светата Христова догма. Учествува на I Вселенски собор и, како ѓакон на Александрискиот архиепископ, ќе биде главен мислител и креатор на формулацијата на првиот дел од Символот на верата, каде што се формулира доктрината на Второто лице од Светата Троица, односно, за Господа Исуса Христа.
Токму заради неговата цврстина во исповедањето на верата, подоцна како архиереј, поголем дел од својот живот ќе биде подложен на страдања, странствувања, прогонства од страна на еретиците, односно од страна на аријаните. Од страна на оние коишто биле силно забарикадирани во Византискиот двор и преку тоа нанесувале голема штета на Црквата, а најмногу на најголемиот нивни противник – светиот Атанасиј Велики.
Овој Божји угодник многу добро ги знаел зборовите на св. ап. Павле, којшто во посланието до Филипјаните, за Господа Христа вели: „Кој, иако беше во Божји лик, не сметаше дека треба да го искористи тоа што е еднаков со Бога; но Сам Себе се понизи, земајќи лик на слуга се изедначи со луѓето и по изглед се покажа како човек; Сам Себе се понизи, послушен сè до самата смрт, смрт на крст" (Фил 2, 6 – 8).
Св. Атанасиј, не само што добро ги знаел овие Павлови зборови, а кои се однесуваат на Господа Христа, туку и вистински ги применувал во својот овоземен живот. Сите страдања, сите клевети и лаги ги поднесувал со смиреност и трпеливост. Ги поднесувал заради Црквата Христова во борбата со лажните учители – еретиците, односно аријаните.
Вакви несреќи и непријатности Бог допушта. Бог ги допушта за испитување и утврдување на нашата вера. Но, овие зборови не се однесуваат само на светиите Божји, туку, тие се однесуваат кон секој верник. Затоа, должни сме да ги помниме овие зборови на апостолот Павле. Па и ние, како луѓе, независно дали сме архиереи, свештеници или, пак, обични верници, се сретнуваме со најразлични клевети и лаги, кога се излева човечката злоба и желбата на нечестивиот. Како христијани можеме да се запрашаме: Зошто е тоа Господи? Немам направено ништо од тоа со коешто луѓето го валкаат моето име и образ. Навистина, според човечкото разбирање, сите ние доживуваме мака и жал и се обидуваме да докажеме дека тоа е лага и неправда и бараме потврда кај своите пријатели и поддржувачи.
Но, зборовите на св. ап. Павле ни го откриваат судот на подвигот на Самиот Господ Исус Христос, објаснувајќи ни го нашето прашање, а преку тоа, нè утешуваат во поднесувањето на таквите неправди. Самиот Господ Исус Христос, бивајќи безгрешен, бил клеветен, исмејуван, доведуван под стража, мачен, суден и убиен, и тоа на крст. Кое човечко страдање може да се спореди со Неговите страдања? Секој од нас потребно е да го согледа тоа. Јас, како човек, нешто згрешив и за тоа ја примив Божјата казна. Безгрешниот Господ, пак, ја примил севкупната злоба на луѓето, неправдата и клеветата и не бара помош и поддршка, ниту помеѓу силните од овој свет, ниту, пак, кај Своите познаници, ниту од апостолите, ниту од своите роднини, ниту од небесните ангели. Он се смири Себеси до самата смрт и тоа смрт на крст, а потоа, Бог Го прослави.
Должни сме да ги чуваме овие зборови од посланието на ап. Павле во нашите срца. Должни сме да ги чуваме сите. И архиереите, и свештениците и верниот народ. Да не дозволуваме ниту клевети, ниту злоби човечки да нè збунуваат. Знаејќи дека сето тоа било направено против безгрешниот Спасител, тогаш зошто да се буниме, ако се прави кон нас, грешни и недостојни Негови слуги?
Уште еднаш сакам да потенцирам дека овие Негови зборови се однесуваат кон секој еден од нас. Помеѓу нас нема ниту еден човек кој не ги вкусил човечките неправди, завист, лаги и клевети. Сознанието дека Господ стои во ист ред со нас, што Он, како безгрешен, поминал низ овие искушенија, потребно е да го сочуваме нашиот внатрешен мир и заедно, со помош Божја, да се спротивставиме на злото, на лагата и на ѓаволските напади. Тоа е нашата задача, дадена од Бога, како членови на Неговата света Црква.
Прославувајќи го денеска овој голем Божји угодник, да се угледаме на неговиот подвиг и страдања за верата Христова. Па и ние, во нашиот живот, сите непријатности да ги поднесуваме цврсто и достоинствено, со славење на Бога и да молиме милост Божја. Да ни ја испрати Божјата благодат та да можеме да живееме исправен христијански живот, кој ќе биде исполнет со добродетели и да го славиме Триединиот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух.
По молитвите на св. Атанасиј, Бог нека ги услиши нашите молитви, така нека биде. Амин!
Св. Атанасиј Велики
31. 01. 2019 година
Манастир „Св. Атанасиј Велики" - Охрид