„Оние што со вера остануваат во твојот свет храм, отче, просат милост од Бога, богатејќи се со тебе - застапникот и најтопол учител на животот, вистинско спасение на душите и непосрамен лекар на страстите“ (песна од канонот на Утрена ан св. Климент Охридски Чудотворец).

 

Празнувањето на заштитникот и таткото на нашата света Македонска православна црква - Охридска архиепископија и патронот на градот Охрид, светиот Климент Охридскиот Чудотворец , како и на св. Климент Папа Римски, започна на 07.12.2019 година, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, со Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, свештениците Димче Азески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната богослужба, пред моштите на светителот беше отслужен и Молебен кон св. Климент Охридски Чудотворец.

Running sport media | New Balance 247 "Castlerock" Buy Now , SneakerNews.com

Празнувањата продолжија на 08.12.2019 година, со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Атанас Казанџиски и Александар Димоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пигодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Драги браќа и сестри,

Секој празник ни упатува значајни пораки, а посебно денешниот ден, во кој го прославуваме свети Климент Охридскиот чудотворец како патрон на овој свет манастир, на нашиот град и на светата Македонска православна црква. Да се потсетиме на пораката на зборовите упатени кон Израилскиот народ во одамна минато време од страна на пророкот Мојсеј: „Гледајте да не го заборавите заветот на Господа вашиот Бог.“ (5 Мојс. 4, 23) Овие зборови ни се упатени и нам денес. Овој свет храм бил подигнат уште во деветтиот век од страна на свети Климент Охридски. Низ својата богата историја доживеал повеќе рушења и подигања, а во еден особено тежок период за нашиот народ бил претворен во џамија, која во разрушена форма постоење до пред дваесет години. Сегашниот храм е возобновен во чест на двеилјадигодишниот јубилеј на христијанството. Храмот и нас не потсетува дека не треба да го заборавиме заветот на нашиот Господ Бог. Свети Климент од најмлади години го посветил животот на Бога. Тој ги придружувал светите браќа Кирил и Методиј на нивната мисија во Моравија, каде претрпел најразлични страдања и прогонства од страна на латинското свештенство на чело со германскиот епископ Вихинг. По прогонството тој отишол во Плиска, во дворот на тогашниот бугарски цар Борис, но и од таму ќе биде благо речено отстранет од центарот и испратен во најоддалечениот дел на тогашната држава, во Охрид. Но, свети Климент, токму тука во Охрид ќе развие голема просветителска дејност и ќе овозможи делото на неговите свети учители да не згасне, туку да продолжи да живее и да се развива, не само во Охрид и Македонија, туку да се прошири и кај останатите словенски народи.

Светиот пророк Осија, вели: „Обрни се, Израиле, кон Господа твојот Бог; зашто ти пропаѓаш поради твоето беззаконие.“ (Ос. 14, 12) Токму овој цитат не потсетува и нас денеска на должноста за она што го правеле нашите праотци. Ние денеска се наоѓаме во најголема опасност – да ги заборавиме историските факти, не гледајќи во историјата, во минатото, туку само во историјата на нашето време. Нашата Црква е стара повеќе од 2000 години. Во неа живеат жртви, огромни напори и искуства на благородни христијани кои живееле и сведочеле низ овие изминати векови. Овие ѕидови, кои датираат од десеттиот и четиринаесеттиот век, со делумно сочувани фрески, сведочат колку нашите предци го почитувале делото на христијанските светители, апостоли, маченици и исповедници. Ние денеска се чувствуваме одговорни пред нив и задолжени со нивните големи дела. Оваа прослава нѐ потсетува на обврската кон нашите предци. Тоа е всушност опомена и потсетување за тоа колку грижливо тие ја пазеле својата вера, обичаите, моралот, името и народниот бит, јазикот и писмото. И ние денес не треба да забораваме колкави жртви за сето тоа поднеле нашите предци и колку животи биле положени и колкава одлучност и цврстина покажале за сочувување на верата и јазикот.

Секое поколение е должно да ја изоди својата патека во историјата. Ниедно поколение не почнува од почетокот, туку секое е поврзано со оние кои живееле пред него. Секоја генерација го носи факелот на историјата на своето време и должно е да го предаде на идните генерации. Секоја нова генерација е должна да не го испушти факелот од своите раце. Така, и ние сме должни да ја изодиме нашата историја, носејќи го во нашите раце факелот на својата вера и морал, семејните вредности и националните и верските традиции. Празникот нѐ потсетува на заслугите на нашите предци, но исто така ни укажува и на одговорноста која ние ја имаме пред поколенијата кои доаѓаат по нас.

Да се обратиме со молитва кон свети Климент, тој да ја засили и утврди нашата православна вера, па да живееме според неа и да не се посрамиме пред свети Климента и пред Бога со нашите отстапки и престапи. По молитвите на свети Климент и по милоста Божја, така нека биде. Амин.

 

Свети Климент Охридски

„Свети Климент и Пантелејмон“ Плаошник, Охрид

08.12.2019 год.

 

svklimzim2019 1svklimzim2019 2svklimzim2019 3svklimzim2019 4svklimzim2019 5svklimzim2019 6svklimzim2019 7svklimzim2019 8svklimzim2019 9svklimzim2019 10svklimzim2019 11svklimzim2019 12svklimzim2019 13svklimzim2019 14svklimzim2019 15svklimzim2019 16svklimzim2019 17svklimzim2019 18svklimzim2019 19svklimzim2019 20svklimzim2019 21svklimzim2019 22svklimzim2019 23svklimzim2019 24svklimzim2019 25svklimzim2019 26

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Ноември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
26 27 28 29 30 31 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 1 2 3 4 5 6