„Како на доблесен страдалник и крепок воин на Христа - Царот на сите, псаломски викаме: Радувај се, украсу и убавино на мачениците! Радувај се, светла ѕвездо на Црквата, и бедему и пристаниште на тие кои прибегнуваат кон тебе, славен великомаченику Димитрие! Спасувај ги сите оние кои ти пеат, од секаква необична штета и несреќа“ (седален на Утрена на св. вмч. Димитриј).

 

На 08.11.2022 година, денот кога го празнуваме славниот спомен на светиот и славен великомаченик Димитриј Мироточив Солунски, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Васко Голабоски, свештениците Александар Димоски и Христијан Костоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,


Денеска светата православна Црква го прославува светиот великомаченик Димитриј Солунски Чудотворец. Од неговото житие дознаваме дека мудар човек умее да биде мудар во секое време, не обрнувајќи внимание на било какви прилики. Денеска многу често може да се слушнат зборовите дека власта сама по себе е лоша работа и дека затоа оние што се на власт не можат да бидат добри луѓе. Свети Димитриј имал огромна власт во Римската провинција во Солун, под која влегувала и Македонија, дел од Бугарија и Северна Грција, за време на императорите Диоклецијан и Максимилијан. Во тоа време христијаните биле најсвирепо гонети во целокупната христијанска историја. По своја должност, Димитриј требало да ги прогонува христијаните.


Но, свети Димитриј бил таен христијанин, давал извештаи дека ги прогонува христијаните, но тоа било само на хартија. Поради неговиот добар однос, сите луѓе го почитувале и бил сакан од целиот народ. Парите што му биле одредени за прогонство на христијаните, ги давал како помош на мисионерите кои го проповедале христијанството. Но, како што секогаш има лукави и завидливи луѓе, така и во оваа прилика, свети Димитриј бил поткажан на императорот Максимилијан дека не ги прогонува, туку ги помага христијаните. Самиот император дошол во Солун да го затвори Димитриј, а овој, пак, Божји угодник им заповедал на војниците и на народот да не се спротивставуваат. Така, прифатил тој самиот да ги поднесе страдањата заради Христа. Претходно го раздал својот имот и ги ослободил своите робови. Во тоа време самиот император сакал да приреди забава со измачување на христијаните. Имало некој прочуен борец Лиј, кој ги соборувал христијаните и ги фрлал на исправени копја, каде што починувале во страшни маки и болки. Но, по молитвите на свети Димитриј, младиот Нестор излегол на двобој со прочуениот борец, кој бил фрлен од Нестор на приготвените копја за христијаните, каде што и починал. По овој настан императорот наредил да бидат погубени и Димитриј и Нестор.


По некое време, завршила ерата на гонење на христијаните. Во 313 г. ќе биде прогласена слобода на христијаните. Тогаш неговите мошти ќе бидат најдени и од нив ќе се случуваат многу чуда. Така свети Димитриј ќе постане заштитник на Солун. Bo ΧΙΙ век неговите мошти ќе бидат пренесени и осквернети од крстоносните војници, но денеска се повторно во неговиот храм во Солун, каде верниците добиваат безброј лекувања.


Свети Димитриј се слика на коњ со копје. Оваа икона настанала според едно предание. Кога некој кнез сакал да го нападне Солун, граѓаните на Солун се собрале на молитва и го молеле свети Димитриј да го сочува градот од овој зол кнез. Тогаш свети Димитриј на коњ излегол пред градот и во пресметка со кнезот, истиот го убил со копје. Потоа се обратил кон војниците што го придружувале и им заповедал да се вратат дома. После овој случај, многу завојувачи го одминувале Солун, плашејќи се од гневот на свети Димитриј. Угледувајќи се на ликот на свети Димитриј да се поучиме на христијанската храброст. За христијанските маченици се почитува денот на нивниот крај, а тоа е денот на нивната победа. Мачениците се борат не со луѓе, туку со тие кои им наштетуваат на луѓето. Како што вели свети апостол Павле: „нашата борба не е против крв и тело, туку против началствата, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата" (Ефес. 6, 12).


Зад секој мачител стои лош дух, кој се победува со подвигот на мачениците. После тоа, кога се пролева маченичка крв, силата на сатаната над луѓето опаѓа, се рушат разни бајачки, сатански здружувања и сл. Човекот кој прави зли дела и не сака од нив да се одрече, кон себе повикува лоши духови, кои му ги заслепуваат очите, му ги затвараат ушите и му ја крадат славата Божја од неговото срце. Кога маченикот се бори и победува, тогаш кај лошите духови започнува паника и тие бегаат од тоа место. Смртта на мачениците за бесовите е слична на нуклеарна бомба за луѓето. Таа просто согорува сè што се наоѓа на неколку километри од местото на нејзината детонација. Затоа многу луѓе кои се наоѓаат во ропство на лоши духови, кога ќе се допрат до светии, или свети мошти се ослободуваат од темните сили.


Како што свети Димитриј се борел и победил, така и ние сме должни да се бориме и да победиме со сила Божја, а свети Димитриј нека не заштитува и пази од секое зло. Семилостивиот Бог да биде со нас. Амин!

Свети Димитриј Солунски,
Храм „Свети Георгиј Победоносец", Струга
08.11.2022 г.

 

mitrovden2022 1mitrovden2022 2mitrovden2022 3mitrovden2022 4mitrovden2022 5mitrovden2022 6mitrovden2022 7mitrovden2022 8mitrovden2022 9mitrovden2022 10mitrovden2022 11mitrovden2022 12mitrovden2022 13mitrovden2022 14mitrovden2022 15

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5