На ден 16.09.2012 година, во 15 недела по Педесетница и на денот кога ги празнуваме св. свш-мч. Антим еп. Никомидиски и преп. Теоктист, беше преосветен храмот „Св. Никола Мирликиски“ во с. Мраморец, Дебрца – Охридско. Според каноните на светата православна црква, храмот беше преосветен на светата архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот Игор Никовски и свештеникот Душан Јорданоски. Храмот е изграден во 1846 година, а осветен во 1886 година. Од 2009 година, па наваму, благодарение на црковниот одбор при овој храм, во состав: Алексоски Миле, Ристески Дончо и Ѓорѓиески Ѓорѓија, извршени се неколку значајни зафати, меѓу кои се и ставањето травертински под, завршување на фрескоживописот, чијшто автор е г. Стефан Малбашиќ од Битола, извршена е и доградба на црковната камбанарија, направена е ограда од камен, а се изгради и нова трпезарија. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се заблагодари за заложбата на сите добронамерни луѓе, а особено на одборниците, кои несебично работеа на разубавувањето на храмот и им се обрати на присутните со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!
Денешното евангелие нè поучува со двете најглавни заповеди Божји. „Возљуби Го Господа својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, и со сиот свој разум! Втората е слична на неа: ’Возљуби го својот ближен како себеси‘“ (Мат. 22,37 и 39). Како што вели Самиот Господ Исус Христос, овие две заповеди го содржат целиот Закон Божји, а во една друга прилика, на некој законик му има речено: „направи го тоа и ќе бидеш жив“ (Лк. 10,28). Овие две заповеди се така тесно поврзани, што ако не ја исполниш едната, нема можност да се исполни и другата.
Зошто сме ние должни да Го сакаме Бога, со целото наше суштество? Господ е нашиот Создател. Он ни дал живот и постоење. Он нè обдарил со сите способности: да сакаме, да гледаме, да чувствуваме, да познаваме. Он е бесконечно добар. Он е наш Бог, Промислител и Спасител, Кој нè искупи со крстот и со скапоцената Крв на Неговиот Син. Он сè гледа – никаква работа, ниту помисла, ниту збор пред Него се сокрива, сè излегува пред Бога (1Мојс. 17,1), како што излегувале пред Него сите праведници. Љубовта кон Бога е најпрвата и најважната основна морална база на човечкиот живот.
Тогаш се поставува прашањето: зошто сме должни да го сакаме ближниот? Бог, бидејќи е бесконечно добар, не само за едни и тоа за нас е возљубив Отец. Он е таков за сите луѓе. Он сите ги сака, сите ги милува и за сите го предал на смрт Својот Син Единороден. Сите пред Него сме деца Негови. Он како добар во сè да си помагаме еден на друг. Ближниот мој е дете Божјо, исто така, е мило на Бога, како и јас. За да можам да Го сакам Бога Отецот Небесен, потребно е неизмерно да го сакам и својот ближен, како и самиот себе. Љубовта кон ближниот е втората заповед, а тоа подразбира да го направиме нашиот живот христијански. „Кој не е човекољубив, тој не е ниту христољубив“ – вели свети Јован Златоуст.
Срцето на човекот има својство весело да се однесува кон оној кого го засакува, се труди да биде добар објект на оној кого го сака. Следствено на тоа, срцето кое Го сака Бога се полни со Неговата благодат, со Неговата добрина и човекољубие и се труди да биде Богоподобно. Ако ние Го возљубиме Бога со сета душа, тогаш ние се просветлуваме и Го гледаме Бога. Ако Го засакаме Бога со сета наша сила, тогаш сите наши природни сили ќе бидат просветени и ќе бидат добри и благодетелни. На крајот, ако Го засакаме Бога со сиот наш разум, тогаш сите наши познати сили и способности ќе се наполнат со Божествениот разум, а мислите и желбите со Божествената правда.
Сакајќи Го Бога, ние сме должни да го сакаме и нашиот ближен како самите себе. Никој на себе не сака зло, никој сам не се обвинува и не си прави штета. Истото не треба да го сака и за својот ближен: неправда и штета, како духовна, така и телесна. Ништо што е туѓо не треба да присвојуваме, никого да не обмануваме, ниту да се потсмеваме, ниту да го проколнуваме или да соблазнуваме со збор или дело. Потребно е да го помогнеме секој еден кој има потреба од помош, да го утешиме, да го поучиме и во сè да му дадеме добар пример.
Љубовта кон Бога и кон ближниот е основа на сите заповеди. Со неа се мери сиот наш живот на духовен план и се пројавува и се оправдува нашето христијанство.
Со какви средства се изразува љубовта кон Бога? Има многу средства и при содејствие на благодатта Божја, тие можат да бидат и спасителни. Да наброиме некои од нив. Најпрвото средство кое треба да го насочиме и да ја засилиме желбата кон Бога е обраќање на нашиот ум кон Него. Ние можеме да го поттикнуваме нашиот ум секогаш да размислува и да зборува за Бога, а тогаш и кон нас ќе доаѓаат такви мисли. Разумот е раководител на срцето. Тоа што разумот го набљудува, кон тоа и срцето се обраќа. „Зашто, каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше“ (Мат. 6,21).
Исто така, и молитвата е големо средство за да се сака Бог. Молитвата привлекува на нас благодат Божја од Светиот Дух, а каде што е Духот Свети, таму е и љубовта. Молитвата е како разговор со Бога, таа нè зближува со Него и ни дава можност да ја почувствуваме секадеприсутната сладост Божја. За тоа имаме премногу примери од свети Божји угодници, кои ја почувствувале и уживале во таа благодатна состојба за време на молитвата.
Во љубовта кон Бога, истовремено делува и љубовта кон ближниот. Оној, пак, кој вели дека има љубов кон Бога, а нема кон ближниот, тој нема ниту кон Едниот, ниту кон другиот. „Оној кој престојува во љубов, тој престојува во Бога, и Бог е во него“ (1Јн. 4,16).
Да се обратиме кон св. Никола Мирликискиот Чудотворец, тој да ни измоли милост и љубов пред Бога, и таа љубов да се пројави во нашите срца и души, за да можеме вистински да Го засакаме Бога и нашиот ближен, и на тој начин да го исполниме законот Божји и да го добиеме вечниот живот.
Ја користам оваа прилика да им искажам на настојателите на овој свет храм искрена благодарност, за сè што направија за овој свет храм и на тој начин да му го продолжат животот барем за уште толку колку што до сега постоел. Од мене, како надлежен архиереј, примете топла и искрена благодарност, а награда од светиот Никола и од Севишниот Бог, сега и во сета вечност.
Св. Антим епископ Никомидиски, кој живеел во IV век и својата оданост кон Христа ја посведочил со полагање на својот живот, нека ни помогне со неговите молитви, љубовта кон Бога и кон нашите ближни да се засили и умножи, та милостивиот Бог да нè благослови во сегашното и во идното време. Амин!
16.09.2012 година
15 недела по Педесетница
Храм „Св. Никола“ с. Мраморец