Историјат

Историски развој и духовно наследство

Дебарско-кичевската епархија како административно-управна целина во состав на МПЦ – ОА, се протега на териториите во Македонија, кои низ историјата припаѓале на самото јадро и најтесната диецеза на Охридската архиепископија, вклучително и самиот Охрид како нејзино седиште. Охрид е град во кој вековите не се само минато, туку живо наследство што постојано ја обликува сегашноста и иднината. Простор каде што историското искуство станува темел за духовен и културен континуитет. Христијанството во Охрид е присутно уште од најраните времиња – од апостолската проповед на Свети апостол Павле, преку мисионерската дејност на Свети Еразмо во III и IV век, кој на бреговите на Охридското Езеро покрстил илјадници луѓе, до организираниот црковен живот на Плаошник – древното духовно јадро на градот.

На Плаошник постоела епископска катедра уште во ранохристијанскиот период, а охридскиот епископ учествувал на Првиот вселенски собор. Интензивниот црковен живот и старите црковни традиции од IV, V и VI век се потврдени преку археолошките остатоци: раскошни подни мозаици, баптистериуми и ранохристијански базилики.

Со просветителската мисија на Свети Кирил и Свети Методиј, духовното и културното наследство на овие простори добива нов историски подем. Во IX и X век, на Плаошник делуваат и нивните ученици, Свети Климент Охридски и Свети Наум Охридски, кои, просветени од Светиот Дух, ја просветлуваат Македонија и поширокиот европски простор – духовно, образовно и културно. Токму дејноста на св. Климент, најпрвин како учител и проповедник, а потоа од 893 г. и како епископ Велички кој учел и проповедал, а потоа и богослужел на црковнословенски јазик, кулминира со подигнувањето на манастирот „Свети Пантелејмон“ и основањето на Охридската книжевна школа. Свети Наум, по примерот на св. Климент, го изградил манастирот посветен на Светите Архангели, кој станува и првото монашко седиште и центар кој со векови, до денешно време, сведочи за непрекинат монашки живот.

Охрид бил седиште на древната и славна Охридска Архиепископија, која неканонски била укината во 1767 година, но повторно возобновена во 1967 година, на Црковно-народниот собор во катедралниот храм „Света Софија“, во ликот на Македонската православна црква.

Со возобновувањето на Архиепископијата, на 17 јули 1967 година, на Третиот црковно-народен собор, повторно е оживеана и древната Величка епархија со седиште во Охрид. Веќе на 17 октомври 1968 година, со одлука бр. 538, таа е преименувана во Дебарско-кичевска епархија, задржувајќи го своето историско седиште во Охрид.

Архипастирско раководство

Прв епископ Велички, а подоцна Митрополит Дебарско-кичевски е г. Методиј (Ѓорѓи Попоски). Роден е на 27 март 1914 година во Прилеп, каде и го завршил основното образование. Во 1929 година се запишал во Битолската богословија и ја завршил во 1935 година. Образованието го продолжил на Филозофскиот факултет во Скопје. На 27 октомври 1936 година бил ракоположен за ѓакон, а за свештеник во јули 1937 година. Во месец март бил избран за викарен епископ со титула: Велички, а хиротонијата била извршена на 13 март 1966 година. По создавањето на Величката епархија на Третиот црковно-народен собор на 18 јули 1967 година бил избран за нејзин епархиски архиереј. Во декември 1968 година, Величката епархија е преименувана во Дебарско-кичевска и е издигната на степен на митрополија. Со ова епископот Велички Методиј станал првиот епископ кој се титулирал: митрополит Дебарско-кичевски. Се упокоил во Господа на 25 февруари 1976 година.

Втор Митрополит Дебарско-кичевски е г. Ангелариј (Цветко Крстески). Роден е на 7 април 1911 година во село Долнени, Прилепско. Основно образование учел во село Долнени и во Прилеп, по што во 1926 година се запишал во Богословското училиште во Битола кое го завршил во 1931 година. Во 1932 година, во црквата „Свети Димитриј” во Битола бил ракоположен за ѓакон, а за свештеник истата година во Битолската црква „Света Богородица”. Од 1937 до 1961 година служел како парохиски свештеник при црквата „Свето Благовештение” во Прилеп. Како свештеник, Цветко Крстевски бил член на Иницијативниот одбор за обнова на Охридската Архиепископија како Македонска православна црква и во 1945 година учествувал на Првиот црковно-народен собор во Скопје. Во 1959 година од страна на архиепископот Доситеј бил произведен во чин: протоереј – ставрофор. Во периодот од 1961 до 1964 година бил поставен за парохиски свештеник при црквата ,,Свети Великомаченик Георгиј” во Мелбурн, Австралија. По смртта на неговата сопруга, во 1972 година примил монашки потстриг со името Ангелариј. Во 1975 година бил хиротонисан за епископ Пелагониски и поставен за викар на Преспанско-битолскиот митрополит Климент. По смртта на митрополитот Методиј, бил избран за негов наследник, а на 5 јули 1977 година бил востоличен за митрополит Дебарско-кичевски. По смртта на Неговото блаженство архиепископот Охридски и Македонски г.г. Доситеј, на Црковно-народниот собор одржан на 18-19 август 1981 година, митрополитот Ангелариј бил избран за нов архиепископ на Македонската православна црква. Како архиепископ администрирал со Дебарско-кичевската епархија уште еден месец, до 20 септември 1981 година. Архиепископот Ангелариј загинал во сообраќајна несреќа на 15 јуни 1986 година.

Трет митрополит Дебарско-кичевски е г. Тимотеј (Славе Јовановски). Роден е на 20 октомври 1951 година во селото Младо Нагоричане, Кумановско. Основното образование го завршил во родното село. Потоа се запишал во Македонската православна богословија ,,Свети Климент Охридски” во Скопје. Богословското образование го продолжува на Богословскиот факултет во Белград кој го завршил во 1976 година. Вториот циклус последипломски студии ги завршува на Папскиот ориентален институт во Рим, Италија во периодот 1977-1979 година на тема ,,Култот на света Богородица во Охрид”. На барање на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, во 1980 година се враќа во Македонија и е ангажиран како професор во новоформираниот Богословски факултет во Скопје. Во истиот период е поставен и за в.д. Ректор на Македонската православна богословија во Скопје, должност што ќе ја врши до 1 март 1984 година. По изборот на митрополитот Ангелариј за архиепископ, на 7 септември 1981 година од страна на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, м-р Славе Јовановски е избран за митрополит на Австралиската македонска православна епархија. Монашки потстриг примил на 10 септември 1981 година во манастирот „Свети Јован Крстител“ – Бигорски, а на 11 септември 1981 година бил ракоположен за јероѓакон во истиот манастир. На 13 септември 1981 година бил ракоположен за јеромонах во манастирот „Света Богородица“ – Пречиста, Кичевско, а за архимандрит бил произведен во манастирот „Свети Наум Охридски“ во Битола. По изборот за епископ, на 20 септември 1981 година бил хиротонисан за архиереј на Македонската православна црква во храмот „Свети Димитриј“ во Скопје. Од 21 септември 1981 година бил назначен за митрополит Австралиски и администратор на Дебарско-кичевската епархија. Со Австралиската епархија раководел до 1995 година, по што целосно го продолжил своето архипастирско служење како митрополит Дебарско-кичевски. На 23 февруари 2016 година, Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, донел одлука од Австралиско-новозеландската епархија да се формираат две нови епархии, од кои едната се именува Австралиско-сиденјска, а за нејзин администратор го поставил митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј. После четириесетгодишна епископска служба во Дебарско-кичевската епархија, на 25 ноември 2024 година, митрополитот Тимотеј се упокоил во Господа.  

Четврти митрополит Дебарско-кичевски е Неговото Високопреосвештенство Георгиј (Ѓорѓевски). Роден е на 24 јули 1968 година во Скопје. Основното образование го завршил во 1982 година, по што се запишал во Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“ во Драчево, каде што матурирал во 1986 година. Високото богословско образование го завршил на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Во периодот од 1990 до 1993 година предавал во Богословијата во Драчево. Во 1993 година започнал последипломски студии на Источниот институт во Регенсбург – Германија, а од 1994 до 2000 година престојувал во Рим, Италија, каде што во 1996 година магистрирал, а во 2000 година докторирал на Теолошкиот факултет при Понтификалниот универзитет „Грегоријана“. Во периодот од 1999 до 2001 година предавал во Македонската Православна Богословија, а од 2001 година е професор на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Од 2000 до 2010 година ја извршувал должноста шеф на Кабинетот на Архиепископот, а од 2000 до 2007 година бил секретар на Американско-канадската православна епархија. Во периодот од 2010 до 2014 година ја извршувал функцијата амбасадор на Република Македонија при Светата Столица во Рим. Од 2016 до 2023 година, во два мандати, бил декан на Православниот богословски факултет. Замонашен е на 27 мај 2025 година во манастирот „Свети великомаченик Георгиј“ – Криви Дол, Скопје. За јероѓакон е ракоположен на 28 мај 2025 година, на празникот на светите Гаврил Велички и Ахил Преспански, а за јеромонах на 29 мај 2025 година, на празникот Вознесение Христово. На 8 јуни 2025 година, на празникот Педесетница, е произведен во игуменски чин. За архиереј е хиротонисан и интронизиран на 13 јули 2025 година во катедралниот храм на охридските архиепископи „Света Софија“ во Охрид, по што ја презеде архипастирската грижа за Дебарско-кичевската епархија.

Современа состојба и духовен живот на епархијата

Во Дебарско-кичевската епархија има 5 намесништва: Охридско, Струшко, Кичевско, Дебарско и Бродско архиерејско намесништво. Во овие намесништва има вкупно 33 парохии. Активно монаштво во епархијата имаме во 7 манастири и брои над 40 монаси. Во епархијата има околу 230.000 жители. Постојат над 565 црковни објекти. Епархијата брои 15 манастири. Епархијата брои 300 села, зафаќа 3565,1 км². Во нејзин состав се наоѓаат вкупно 14 општини, 5 градови.

Во овој неполн шеесетгодишен период од обновувањето на Дебарско-кичевската епархија се постигнаа видливи резултати. Од обновувањето на епархијата до денес се изградени околу 200 нови цркви и возобновени се повеќе манастири и манастирски конаци.  Покажан е значителен резултат и во нашите манастири. Кога е обновена, во 1967 година, во епархијата имало само 1 манастир, и тоа манастирот „Света Пречиста” – Кичевска, со две монахињи, а денеска имаме 7 живи манастири, од кои 4 машки и 3 женски. Нивниот број е речиси десеткратно зголемен.

Религиозно-моралната состојба на нашите верници сведочи за жива и дејствена вера, која се изразува во постојан стремеж кон духовно издигнување и приближување кон Бога. Нашите епархијани со љубов и ревност ја чуваат и ја исповедаат православната вера, а свесни се дека таа се продлабочува и се зацврстува преку знаење, молитва и активен црковен живот.

Во храмовите на нашата епархија сè појасно се чувствува пулсот на живата Црква – зголемениот интерес за богослужбите и духовниот живот, особено кај младината, претставува силен знак на надеж и благослов за иднината. Од таа причина, веќе повеќе години, во една од охридските цркви се одржува верска поука во неколку групи, каде што младите и возрасните се поучуваат во вистините на верата, се зацврстуваат во духовниот подвиг и се воспитуваат во љубов кон Бога, Црквата и ближниот.

Епархијата, од 1990 година, оформи и издавачка куќа „Канео”, каде што се издадени над 140 наслови. Се издава и годишен алманах „Светиклиментово Слово” со дидактички, образовен и информативно-културен карактер, сè со цел за правилно осознавање на нашата православна вера.

КАЛЕНДАР


ЛИТЕРАТУРА


БОГОСЛУЖБИ


ЛИТУРГИЈА.МК