Митрополит Тимотеј
За самоодрекувањето
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!
Нашата света православна Црква денеска го прославува споменот на преподобна мајка Параскева - Петка. Таа била родена во Епиват, во денешна Турција. Потекнува од богато и длабоко религиозно семејство. Таа уште од најрана возраст го засакала Христа и го носела крстот на верата и животот. Уште како мала се одликувала со нејзината приврзаност кон Христа и ги отфрлала сите можни задоволства што $ ги пружеле нејзините богати родители. Не сакала ниту во облеката, ниту во исхраната, ниту, пак, во однесувањето да се разликува од нејзините врснички со кои се дружела и живеела во родното место. Напротив, таа и своите скапи облеки што и ги купувале нејзините родители ги раздавала на бедни и сиромаси и се облекувала како и сите останати. Св. Петка уште од мали нозе го имала св. ап. Павле за пример, кој вели: „За слабите станав слаб, за да ги придобијам слабите. За сите станав сè, та по каков и да било начин да спасам некого“ (1Кор. 9,22).
Оваа света душа многу јасно ги разбрала зборовите на нашиот спасител, Господ Исус Христос, кој вели: „Кој сака да врви по Mене нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека оди по Mене“ (Лк. 9,23). Во овие зборови се содржи едно исклучително повикување на секој еден кој поверувал во Исуса Христа. Во нив е вклучен вистинскиот смисол на христијанскиот позив и се состои содржината на нашата припадност кон Христа. Преку нивното исполнување ние потврдуваме дека сме навистина ученици и следбеници на Господа Исуса Христа.
Овие зборови имаат голема сила и длабочина. Оние што ги примиле вистински и со права вера во Христа постанале угодници Божји, запалени светилници во Неговата Црква. Израснале духовно во совршени луѓе, според ликот и подобието на Синот Божји. Примени со искрено срце, овие зборови извршиле длабока преобразба не на еден човек, туку на безброј луѓе во историјата на христијанството. Многу грешници, примајќи ги овие зборови, станале силни подвижници на верата и добродетелите; колебливите луѓе, веени од секој ветер, ги направиле јаки столбови на совеста и на доброто. Овие зборови, како повик Христов, прозвучиле во многубројните срца, а продолжуваат и сега да одекнуваат и да предизвикуваат восхит и запрепастување. Предизвикуваат восхит кај оние кои веруваат во Христа, запрепастуваат, пак, кај колебливите и кај оние што не се во дворовите Господови.
Света Петка, која сè посилно ги слушала овие зборови на Христа тргнала по него, врвела неуморно по тешкиот и мачен пат на совршенството. Таа престојувала во искрена, силна и непоколеблива длабока молитва кон Бога. Желбата на нејзиното срце потполно да се оддаде на молитвен и испоснички живот ја натерало да го раздаде целокупното богатство на сиромаси и да го напушти родното место. Најпрво живеела во Цариград при некоја црква, каде се подвизувала, а потоа се упатила во Јорданската Пустина во Палестина. Таму таа поминала многу години во подвиг, подвизувајќи се како големите подвижници, под силното пустинско сонце и жешкиот песок, а хранејќи се со диви плодови, суви треви и нивните корења.
На крајот од својот живот имала видение и го слушнала гласот Божји, кој и рекол дека таа треба да ја напушти пустината и да го заврши својот живот во родното место Епиват. Раководена од тој глас се вратила во родното место, но не била препознаена од нејзините сограѓани и кога го завршила земниот пат и блажено се упокоила во 11 век била сохранета како туѓинка и непозната, настрана од гробиштата каде што се сохранувале тамошните жители.
Но, Бог ја прославува неа, која се откажала од овој свет за да му служи Нему и на луѓето. Оние луѓе кои имаат храброст да се откажат од себе се луѓе кои секогаш носат благодети за човештвото, и тоа колку повеќе ја покоруваат својата волја на Божјата волја и на законот Божји, толку повеќе плодови носат. Не е можно да им се служи на луѓето, а да не се одрече од себе. Кој сака да живее само за себе ќе го напушти овој свет незадоволен, бидејќи ќе дојде часот на жалоста и ќе разбере дека живеел напразно. Кој се грижи да си угоди само себеси, а не да им послужи на луѓето, ќе го напушти овој свет без да има спомен за него, бидејќи и со ништо луѓето не ги задолжил да го паметат и да му заблагодарат. Но, оние кои им служеле на луѓето со правење добро, им помагале, без разлика колкава и да била таа помош, нивните имиња се паметат кај луѓето, а најважно е што тие се запишани во книгата на животот, односно кај Бога.
Не може човек вистински да служи на доброто, а преку тоа и на луѓето без самоодрекување. Никој не може да стане научник без самоодрекување. И научникот е обичен човек во овој живот, не се разликува од другите луѓе, но, за да постигне нешто во науката, тој треба непрестано да се откажува од многуте задоволства на овој живот, додека останатите луѓе во сето тоа уживаат како нешто нормално и што им припаѓа. Научникот се откажува од многу радости, зашто времето на создавање е скапо. Тој е насочен во затворен кабинет или лабораторија, без доволен чист воздух, со многу книги, прашини и слично. Не е можно научно достигнување без, условно речено, аскетско однесување на самоодрекување.
И ние денеска кога го прославуваме споменот на преподобната Параскева - Петка да и се обратиме со искрена молитва таа да биде наша молитвеница и застапница пред Господа и од нејзината силна и непоколеблива вера да всади и во нашите срца и души, та и ние да одиме по вистинскиот Христов пат и да добиеме Царство Небесно. Амин!
Петковден
27.10.2010 година
црква „Св. Петка“ Дебар