„Да го воспееме сите врвот на апостолите, божествените Петар и Павле, светилници на вселената, проповедници на верата, труби на Божјата наука, толкувачи на учењата, столбови на Црквата и разорители на лагата“ (светилен на Утрена на празникот на св. апостоли Петар и Павле).
На 12.07.2023 година, денот кога ги празнуваме светите славни, сефалени и првоврховни апостоли Петар и Павле, во храмот „Св. Петар и Павле“ во Кичево, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, свештениците Александар Матески и Александар Крстаноски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.