На 21.04.2023 година, во Петокот од Светлата седмица - Источен петок - Блакалија, во посета на Охрид и охридските светињи беа богословите матуранти од Средното богословско училиште „Св. Арсениј Сремац“ од Сремски Карловци, Р. Србија, предводени од ректорот на богословијата, протоерејот Јован Милановиќ, како и двајца други професори. Богословите беа пригодно дочекани и во Митрополитскиот административен центар на Дебарско-кичевската епархија во Охрид од страна на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, каде што беше приредена и свечена трпеза на љубовта.
НАЈНОВО ОД ДЕБАРСКО-КИЧЕВСКАТА ЕПАРХИЈА
ТОМИНА НЕДЕЛА
„Гледајќи ги Моите ребра и раните од клинците, Томо, зошто не веруваш во Моето Воскресение, говореше Господ кога воскресна од гробот, јавувајќи им се на апостолите неискажливо. А Близнецот, кога поверува, Му викаше на Создателот: Ти си мојот Бог и Господ“ (седален по полиелејни псалми на Утрена на Томина недела).
На 23.04.2023 година, во Неделата на Антипасха - Томона недела, во храмот „Св. Николај Мирликиски“ во Долна маала во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, свештеникот Сашо Ристески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.
ИСТОЧЕН ПЕТОК - БАЛАКЛИЈА
„Со Отецот и Духот, да Го воспееме Христа Кој воскресна од мртвите, и кон Него да извикаме: Ти си нашиот живот и Воскресение! Помилуј нѐ!“ (хвалитна стихира на Утрена во Петок од Светлата седмица).
На 21.04.2023 година, во Петокот од Светлата седмица, Источен петок - Балаклија, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Димче Ѓорѓиески и Кирил Јованоски, свештениците Димче Азески, Љупчо Бакрачески и Васил Михајлоски, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа кон многубројниот верен народ, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
ВТОР ДЕН ВЕЛИГДЕН
„Радувајте се, луѓе, и веселете се! Ангелот што седеше на гробниот камен, тој ни благовести велејќи: Христос - Спасителот на светот - воскресна од мртвите, и со благопријатна миризба ја исполни вселената. Радувајте се, луѓе, и веселете се!“ (воскресна стихира на утрена на Втор ден Велигден).
На 17.04.2023 година, на вториот ден од славното Христово Воскресение, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Александар Димоски, протоерејот Васко Голабоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна пасхална беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.
ВТОРО ВОСКРЕСЕНИЕ ХРИСТОВО
„Со архангелите да го воспееме Христовото Воскресение, заѓто Он е Избавителот и Спасител на душите наши, и во страшна слава, и во крепка сила, пак доаѓа да му суди на светот што го создаде“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна во светата и велика Недела на Пасха).
На 16.04.2023 година, на најторжествениот празник над празниците, Пресветлото Воскресение Христово, во поладневните часови, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена Вечерна богослужба со читање на Евангелието според Јован на повеќе јазици, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо богданоски, Димче Ѓорѓиески и Александар Димоски, свештениците Димче Азески и Ѓорѓи Блажевски, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. На крајот, нашиот Владика и духовен татко Митрополитот Тимотеј, заедно со свештенството, им го честиташе на сите овој спасоносен ден на Пасхата Христова, и на сите верни присутни чеда им подели по едно велигденско црвено јајце.