„Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско

Општи податоци, изградба и надворешен изглед

Во Охрид оваа црква е најпозната како „Света Богородица Каменско“. Црквата е изградена во 1832 год., од протомајсторот Теодор, чие име се наоѓа издлабено на источната апсида. Надворешно црквата претставува еднокорабна градба со петострана апсида од источната страна и е покриена со керамиди на две води. Изградена е од камен, кој на аглите од црквата е обработен, а под покривот е изведен декоративен двоен венец од бигор. Во црквата има два влеза, од западната и од јужната страна, но се користи само јужниот влез. Постои уште еден влез од јужната страна во олтарот, но тој се користи само при специјални прилики. Од западната и од југозападната страна на црквата е дограден затворен трем. Над западниот влез е изградена осмострана висока купола која претставува камбанарија. Камбанаријата е изградена од бигор и печена тула. Пред источната апсида има повеќе гробови на постари свештеници и тука се наоѓа гробот на митрополитот Дебарско-кичевски Методиј (1914–1976 год.).

Влез, внатрешна организација и архитектонска поставеност

Влезот во црквата е овозможен преку југозападниот трем, на кој има поставено три високи дрвени врати, од кои средната е најголема, а над нив, во три посебни ниши, е поставен мозаик со Деизис. Веднаш на влезот се наоѓа продавницата за свеќи и литература, а во малиот ходник има дрвени скали кои водат во просторија над тремот, во која е сместена црковната библиотека, изработена од резбано ореово дрво. Над западниот влез има галерија на икони, во која се поставени шеесетина икони кои се датираат од XVIII и XIX век. Внатрешно црквата претставува трибродна базилика, во која средишниот кораб е најголем и на кој се изработени две куполи, поставени на пандатифи и шест камени столба. Од внатрешната западна страна на црквата е изградена дрвена катна галерија во која се доаѓа преку дрвени скали, кои првично биле поставени од западниот трем, додека во 2002 год. биле поставени нови скали од внатрешноста на црквата.

Фрескоживопис и живописни натписи

Во црквата е изведен фрескоживопис во 1863/64 год. од тајфата на Дичо Зограф од Тресонче, заедно со неговите синови Аврам и Спиридон и зографот Петре Јованов. Во црквата постојат два натписи во кои е запишано фрескоживописувањето. Првиот натпис се наоѓа над јужната влезна врата и наведува дека фрескоживописувањето е извршено на 30.V 1863 год., во времето на свештениците Ставре, Стефан и Христос и епитропот Стефан Тримче. Вториот натпис се наоѓа во олтарот, од јужната страна на ѓакониконот. На овој натпис е напишан датумот 20.III 1864 год., времето кога живописот бил завршен од истите зографи. Фрескоживописот во црквата бил пресликан во 1924 год., а истиот во почетокот на деведесеттите години од минатиот век бил очистен од последните интервенции и конзервиран. Во 2004 год., на западниот ѕид од црквата под катната галерија бил насликан фрескоживопис од страна на уметниците Васе и Тони Чуркоски од Струга.

Иконостас и иконопис

Во црквата е поставен импозантен позлатен дрвен иконостас, изработен во длабока резба. Иконостасот е изработен во 1845 год. На него има осум престолни икони и северни и јужни двери, на кои има по една икона во целата должина. Иконите се изработени од зографот Мануил Георгиу од Селица во 1845 год., додека царските двери биле пресликани од Дичо Зограф во 1867 год. Над престолните икони има два реда богата украсна резба, а над нив има 28 помали икони. Над овие икони е поставено Распетие, изработено во резба со повеќе декорации.

Црковен двор, епархиски објекти и понова историја

Во црковниот двор, источно од црквата, во 1982 год. била изградена новата административна зграда на Дебарско-кичевската епархија. Камен-темелникот за новата зграда бил осветен на 24.III 1982 год. од страна на архиепископот Ангелариј и митрополитот Тимотеј. Зградата била осветена на 1.XI 1983 год. од страна на митрополитот Тимотеј. Административната зграда се состои од подрумски дел, со намена за магацин за свеќи, од приземје во кое има две работни канцеларии и два магацини за книги и прв кат во кој се наоѓаат три канцеларии: работниот кабинет за надлежниот митрополит и секретарската и референтската канцеларија. Оваа зграда послужила како административен центар на Дебарско-кичевската епархија цели 28 години, сè до 20.XI 2011 год., кога била осветена новата Митрополитска зграда на Дебарско-кичевската епархија, сместена до црквата „Св. Богородица Перивлепта“. Северно од црквата, во поново време, е изградена поголема просторија која служи како црковна трпезарија. Камен-темелникот за трпезаријата бил осветен на 28.VIII 1995 год., додека истата била осветена на 23.III 2003 год. од страна на митрополитот Тимотеј.

Значајни настани и богослужбен живот

Особен настан во оваа црква се случил на 24.V 1962 год., кога била отслужена света Литургија од Московскиот патријарх Алексеј, Српскиот патријарх Герман и архиепископот Охридски и прв митрополит Македонски Доситеј. По тој повод, од страна на Московскиот патријарх, црквата „Успение на Пресвета Богородица“ била дарувана со престолно евангелие, крст и путир, а овој настан бил овековечен со запис во светото Евангелие во спомен на богослужението. Во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ има секојдневна богослужба и редовно се богослужи света Литургија во неделните денови и во делничните денови од седмицата кога ќе се падне голем светител.

Споделете
НАЈНОВИ ОБЈАВИ
КАЛЕНДАР


ЛИТЕРАТУРА


БОГОСЛУЖБИ


ЛИТУРГИЈА.МК