„Свети Великомаченик Георгиј“

Архитектонска поставеност и изградба

Црквата „Св. вмч. Ѓорѓи“ претставува еднокорабна црква со петострана апсида од источната страна. Црквата е изградена од кршен камен и е покриена со керамиди на две страни. Под покривот има широк двоен венец од бигор, поставен декоративно. Олтарската апсида е широка и изработена од бигор и печена тула. На неа се издлабени пет декоративни слепи арки, а во средината има мал прозорец. Црквата е изградена во 1834 година.

Влезови, галерија и просторна организација

Во црквата се влегува од западната и од јужната страна, а на двата влеза надвратниците се изработени од мермер. Над јужната врата, во полукружна ниша, во 1889 година е насликан патронот на црквата – свети Ѓорѓи, додека лево и десно од фреската, на мермерни плочи, се поставени релјефни икони на свети Димитриј и свети Ѓорѓи, најверојатно од периодот кога е изградена црквата. Над западниот влез, од внатрешноста на црквата, е изградена широка катна галерија од дрво, во која има пристап преку дрвени скали веднаш лево од влезот.

Наос и фрескоживопис

Наосот на црквата е трикуполен, со странични сводови. Над катната галерија, централно, е изведена кружна купола и странични сводови на кои нема насликан фрескоживопис. Централно во наосот се изведени втората и третата купола, кои од северната и јужната страна се потпираат на четири столба. На втората купола е насликана фреската на Пресвета Богородица, а на третата е насликан Христос Седржител. Овие фрески, како и насликаните пандатифи под куполите, припаѓаат на првиот период на фрескосликарството во црквата, додека фреските насликани на страничните четири сводови се од вториот период на сликањето. Северниот и јужниот ѕид на црквата се исто така фрескоживописани, додека западниот ѕид е празен. Автор на вториот период на фрескосликарството во црквата е уметникот Ѓорѓи Крстески од Охрид, кој сликањето го извршил во периодот од 1973 до 1983 година. Во 1984/85 година олтарната апсида била живописана од страна на уметникот Драган Ристески од Охрид.

Иконостас, икони и конзервација

Во црквата до 2014 година бил поставен оригиналниот дрвен иконостас. Истата година иконостасот бил демонтиран и бил поставен нов иконостас, изработен во длабока резба од мајсторот резбар Никола Костоски од Охрид. Притоа, престолните икони и иконите од северните и јужните двери биле повторно поставени, откако претходно биле професионално исчистени, заштитени и конзервирани. Иконите од горните редови биле сместени во црковниот музеј, а на нивно место биле изработени нови икони од уметникот Илија Шапкар од Охрид. Реставрацијата била извршена на седум престолни икони и на северните и јужните двери, при што биле отстранети правот, маснотиите и старите лакови, како и старите надживописни наслаги и натписи. Во еден подоцнежен период од нивната изработка, оригиналните натписи на грчки јазик биле пресликани со друга боја и на влашки јазик. Притоа биле китирани местата каде што бил загубен живописниот слој, извршен бил ретуш и бил поставен краен лак, со што иконите повторно ја добиле својата првобитна убавина. На иконостасот има осум престолни икони, царски двери и северни и јужни двери, на кои има по една икона во целата должина. Овие икони се изработени во периодот 1839–1841 година од зографот Михаил од Самарина. На вториот хоризонтален ред има дваесет помали икони, а на третиот ред се наоѓаат дваесет и четири икони, над кои е поставено резбано Распетие.

Камбанарија, тремови и помошни простории

Во состав на црквата, од јужната страна, во 1950 година е изградена камбанарија која е повисока од црквата. Камбанаријата се состои од приземје со влезна врата преку која се влегува во јужниот трем на црквата, а над приземјето, преку скали, се доаѓа на горниот кат, каде што има мала канцеларија. Над неа се издига висока осмострана купола со четири прозорци, изградена од бигор и црвени тули, во која се наоѓа камбаната. Во XX век во црквата биле изградени два широки трема, од јужната и од западната страна. Во јужниот трем се наоѓа продавницата за свеќи, а до неа има поголема просторија – крстилница. Крстилницата е изградена во 1984/85 година и во неа се насликани фрески од страна на уметникот Драган Ристески. Лево од западниот трем се наоѓа магацинска просторија.

Понови интервенции и богослужбена функција

Во текот на 2011 година во црквата биле спроведени обемни внатрешни зафати, при што бил извршенa промена на подот со гранитен мермер и било поставено подно греење во внатрешноста на црквата, во крстилницата и во продавницата за свеќи. Крстилницата во 2017 година била реновирана, при што подот бил поплочен со гранитни плочки, поставени во орнаментална композиција. Крстилниот купел е изработен од цврст бетонски материјал и е обложен со гранит, а во него се извршуваат крштевањата на мали бебиња и деца.

Споделете
НАЈНОВИ ОБЈАВИ
КАЛЕНДАР


ЛИТЕРАТУРА


БОГОСЛУЖБИ


ЛИТУРГИЈА.МК