Светиклиментово слово 2026

Почитувани читатели,

Со особена духовна радост и благодарност кон Севишниот Бог, го поздравуваме излегувањето на новиот број на црковниот алманах ,,Светиклиментово слово”, кој и оваа година се појавува како тивок, но јасен сведок на живото присуство на Црквата во нашиот народ и во нашето време. Овој алманах претставува продолжение на едно благодарно и одговорно дело – преку словото да се сочува и пренесе духовното искуство на Црквата, вкоренето во преданието, а отворено кон потребите на современиот човек.

Името што го носи алманахот нè упатува кон светилникот на нашата вера и просвета – свети Климент Охридски, чие слово не беше само книжевно или учителско, туку пред сè пастирско и спасително. Во неговиот дух ,,Светиклиментовото слово” настојува да ја соедини богослижбената молитва, богословската мисла и црковната реалност во едно целосно сведоштво за животот на Црквата.

Содржината на овој број ја одразува таа целосност. Во него е вклучена богослужбена творба, која нè потсетува дека молитвата е темел и извор на секое црковно дело. Посебна вредност на алманахот се поучните богословски текстови, кои со трезвен и пастирски пристап ги обработуваат темите на верата и духовниот живот. Во време на многу зборови и малку суштина, ваквите богословски прилози се потсетник дека вистинското слово секогаш извира од молитвата и води кон преобразување.

Значајно место во алманахот зазема и ретроспективата на поважните настани што го одележаа животот на Дебарско-кичевската епархија во текот на 2025 година. Преку оваа хроника се согледува динамиката на црковниот живот: богослужбите, пастирските посети, осветувањата и духовните средби. Така, алманахот ,,Светиклиментово слово” не е само запис на настани и текстови, туку и огледало на духовниот пат по кој чекори нашата епархија.

Им изразуваме искрена благодарност и архипастирски благослов на сите соработници што со своите труд и ревност придонесоа за ова издание. Нека нивниот труд биде на духовна полза за сите читатели, а ,,Светиклиментовото слово” и понатаму нека биде извор на поука, охрабрување и духовна утеха.

Со архипастирски благослов,

† Георгиј,

Митрополит Дебарско-кичевски

Формат: мека корица

Цена: 200 ден.

Споделете
НАЈНОВИ ОБЈАВИ
КАЛЕНДАР


ЛИТЕРАТУРА


БОГОСЛУЖБИ


ЛИТУРГИЈА.МК